Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 април 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Владата на Република Македонија бр.23-5142/1 од 1 октомври 2002 година за престанување на правото на користење на земјиштето во сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.77/2002).
2. Снежана Мешкоска, Љупчо Трајковски, Бранислав Трајковски, Борис Анчев, Сузана Анчева, Миле Божиновски, Веса Димовска и Љуба Стојановска жители на Ул. “Салвадор Аљенде” од Скопје, на Уставниот суд на Ррепублика Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не била во согласност со член 56 од Уставот и со Законот за заштита на природните реткости. Имено, Владата со оспорената одлука директно се мешала и ги одземала надлежностите кои се дадени на градот уште од 1973 година. Во конкретниов случај Кп.2424/5 опишана во ПЛ.16095 за КО Центар спаѓа во “Шума – Парк Водно” и истата е прогласена за природна реткост.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на седницата одржана на 1 октомври 2002 година донела Одлука за престанување на правото на користење на земјиштето во сопственост на Република Македонија.
Во член 1 од наведената одлука е предвидено “се утврдува дека на досегашниот корисник Општина Центар, му престанува правото на користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија кое претставува КП.2424/5 во површина од 19.689 м2 заведено во ПЛ. бр.16095 КО Центар 2, заради реализација на Деталниот урбанистички план.
Во член 2, пак, е предвидено дека на досегашниот корисник општина Центар – Скопје му припаѓа надомест доколку има вложувано на земјиштето од член 1 на оваа одлука.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука истата по својот карактер не може да има карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот имајќи предвид дека со неа се утврдува дека престанува правото на користење на земјиштето сопственост на Република Македонија на досегашниот корисник општина Центар.
Имено Судот смета дека за одреден акт да има својство на нормативен акт не е доволно само да носи назив што е вообичаен за нормативните акти како еден од елементите, туку да содржи и други елементи како што е содржината од која произлегува регулирање на право и обврски за неопределен број на субјекти во правото што на општ начин не е случај со оспорената одлука.
Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис, туку е поединечен акт, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.175/2003
29 април 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова