34/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Известувањето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија бр.12-3/8 од 4 октомври 1999 година.

2. Мито Пејовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со Известувањето, кое не било засновано на закон, од дотогаш утврдениот единствен износ на највисока пензија за сите пензионери од првата група, се формирале две нивоа на највисока пензија што се исплатувала во Републиката. На корисниците на пензија кои биле пензионирани до 31 декември 1996 година, за месец септември 1999 година им се определувал највисок износ на пензија од 22.646,00 денари, а на корисниците на пензија од истата група, пензионирани после 31 декември 1996 година им се задржувал дотогашниот највисок износ на пензија, поточно речено им се исплатувал истиот износ на пензија како во месец август 1999 година, што изнесувал 20.968,00 денари (заедно со зголемувањето за сите пензионери, на име животни трошоци од 1,94%) и со тоа се создавала разлика од 1.667,50 денари на штета на овие пензионери, која понатаму се повеќе се зголемувала.

Со наведеното Известување на Фондот била создадена нерамноправност меѓу граѓаните пензионери од првата група, со што било прекршено основното начело од Уставот на Република Македонија, со кое е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата и дека се еднакви пред Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија го доставил Известувањето до стручните служби на подрачните единици на фондот со следната содржина:

“Според објавените статистички податоци од страна на Републичкиот завод за статистика за месец јули 1999 година, Ве известуваме дека исплатата на пензиите за септември 1999 година се врши на ниво на претходниот месец.

На корисниците на пензија, материјално обезбедување и парични надоместоци остварени по разни основи до 31 декември 1994 година, како и на корисниците на семејната пензија остварена од починат корисник на пензија кој остварил пензија до 31 декември 1994 година, а семејната пензија е остварена после 31 декември 1994 година, за септември 1999 година ќе им се исплати пензија во висина на основицата за 1999 година усогласена за 8%.

На корисниците на највисок износ на пензија остварена до 31 декември 1994 година, пензијата за септември 1999 година изнесува 22,646,00 денари.

На корисниците на пензија кои правото на пензија го оствариле од 1 јануари 1995 година до 31 декември 1996 година и на кои законската пензија усогласена со 1,94% изнесува повеќе од 20.968,50 денари, за септември 1999 година ќе им се исплати законската пензија, но не повеќе од 22.646,00 денари.

На корисниците на највисок износ на пензија остварена после 31 декември 1996 година, за септември 1999 година ќе им се исплати ист износ на пензија како и за август 1999 година”.

4. Судот, исто така, утврди дека Известувањето на Фондот бр.12-3/8 од 4 октомври 1999 година, доставено до подрачните единици е во функција на поедноставна и полесна примена на институтот највисока пензија и во него се наведени износите на највисоката пензија на 1 септември 1999 година, кои им се исплатуваат на корисниците на највисок износ на пензија остварена до 31 декември 1996 година и после 31 декември 1996 година.

Со ова известување подрачните единици се известуваат за износот на највисоката пензија на 1 септември 1999 година усогласена со 8%.

Со Известувањето бр.12-1083/1 од 1 март 2003 година, подрачните единици се известени за износот на највисоката пензија од 1 јануари 2000 година усогласена со 1,29%.

Тоа значи дека известувањето на Фондот бр.12-3/8 од 4 октомври 1999 година се однесува за конкретно усогласување кое на корисниците на пензија им припаѓа на 1 септември 1999 година и е од темпорален карактер.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на оспореното Известување произлегува дека со него не се нормира највисокиот износ на пензија кој е законска материја, туку со него се известуваат подрачните единици на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за износот на највисоката пензија на 1 септември 1999 година усогласена со 8%.

Оттука произлегува дека оспореното Известување се однесува за конкретно усогласување кое на корисниците на пензија им припаѓало на 1 септември 1999 година, односно дека тоа има темпорален карактер и тоа за периодот од 1 септември 1999 до 31 декември 1999 година.

Според Судот, оспореното Известување поради својот темпорален карактер не произведува повеќе правно дејство поради што постојат процесни пречки за одлучување на Судот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.34/2004
21 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова