Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 април 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001 и 85/2003).
2. Мито Пејовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/1996) со кој се менува членот 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993) се нарушувала еднаквоста на граѓаните пред законот што не било во согласност со член 9 од Уставот.
Имено, со членот 36 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993) што се применувал до крајот на 1996 година било утврдено дека највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во Републиката пред остварувањето на правото на пензија, зголемена за четири пати, а членот 3 се применувал од 1 јануари 1997 година. Неднаквоста на граѓаните пред Законот за пензиско и инвалидско осигурување се изразувала во тоа што коефициентот од 80% од четири просечни плати остварени во Републиката пред годината на пензионирањето значело дека за утврдување на пензиската основица служеле 3,2 просечни плати, а според член 3 пензиската основица се определувала во износ од 80% од просечната плата во нестопанството, што било понеповолно за пензионерите кои имале право на највисока пензија и поради тоа што платите во нестопанството биле “замрзнати” повеќе од 10 години.
Според подносителот на иницијативата со членот 3 од Законот била нарушена еднаквоста на граѓаните, кои врз основа на должината на работниот стаж и износите на придонесите што се плаќале за пензиско и инвалидско осигурување во тој период би требало да имаат право на исти износи на највисоки старосни пензии, но тоа нивно право било нарушено само поради разликата од еден ден на пензионирањето. Така, пензионерите со највисоки пензии кои биле пензионирани до крајот на 1996 година имале повисоки пензии за 3 до 4 илјади денари од пензионерите со ист пензиски стаж и исти плати, а кои биле пензионирани само еден ден подоцна од 1 јануари 1997 година. Ова бил типичен пример за нееднаквоста на граѓаните пред ист закон.
3. Судот на седницата утврди дека според член 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993), највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во Република Македонија во годината пред остварувањето на правото на пензија, зголемена за четири пати.
Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/1996), членот 36 се менува и гласи: “Највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80%од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Највисоката старосна пензија од став 1 на овој член, во текот на годината се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии”.
Судот исто така утврди дека со членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000), членот 36 е избришан, од кога овој член фактички и не е дел од правниот поредок на Република Македонија.
4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што членот 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е избиршан и не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, постојат процесни пречки за одлучување на Судот по поднесената иницијатива.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.18/2004
15 април 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова