Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за услови и критериуми за распределба на станови изградени по “Проектот за изградба на стано-ви кои ќе се издаваат на лица со ниски приходи”, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2003).
2. Љубица Рубен од Скопје, како застапник на “Менс-легис” ДОО-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била согласна со Уставот и со закон, затоа што меѓу другите критериуми за распределба на становите изградени по “Проектот за изградба на станови кои ќе се издаваат на лица со ниски приходи” (млади брачни двојки, деца без родители, станбено необезбедени лица, самохрани родители, инвалиди, присилно иселени лица и др.), не била предвидена одредба со која ќе се утврдува процентуалното учество на секоја од можните категории на граѓани со ниски приходи.
3. Судот на седницата утврди дека во Одлуката се разработени условите и критериумите за распределба на становите што ќе се издаваат под закуп, определени се субјек-тите што ќе ја вршат таа распределба и роковите во кои постапката треба да биде завршена, правото на жалба, начинот на склучу-вање на догово-рот за закуп на станот, можноста за откуп на истиот и сл.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, меѓу другото, одлучува и за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид наведените одредби во контекст на барањето во иницијативата да се оценува акт кој не содржи одредба каква, според подносителот, би требало да содржи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по истата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.158/2003
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова