180/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 71 став 3 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001 и 25/2003).

2. Драги Каранфиловски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 71 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот било пропишано право на надоместок за периодот до ново вработување само на категоријата на невработени лица кои имале над 55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување а не и на невработените лица кои и покрај то ашто немале над 55 години возраст оствариле повеќе од 15 години стаж на осигурување.

Поради тоа оспорената законска одредба била во спротивност со уставната определба за еднаквост на граѓаните во слободите и правата предвидена во членот 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 71 став 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001 и 25/2003) е предвидено дека времето за кое се исплатува паричниот надоместок зависи од времето за кое невработеното лице било осигурано во случај на невработеност.

Според ставот 2, паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:

1) три месеци ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци;

2) четири месеци, ако има стаж на осигурување 15 месеци во непрекинато траење или 24 месеци со прекин во последните три години;

3) шест месеци, ако има стаж на осигурување 30 месеци во непрекинато траење или 50 месеци со прекин во последните пет години;

4) седум месеци, ако има над пет до десет години стаж на осигурување;

5) единаесет месеци, ако има над десет до петнаесет години стаж на осигурување и

6) четиринаесет месеци, ако има над 15 години стаж на осигурување.

Со оспорената одредба од ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека на невработено лице кое има над 55 години возраст и најмалку 15години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 став 1 од Уставот, помеѓу другото се определува правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите. Како начин за обезбедување на социјалната правда Уставот го прокламирал и утврдил правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за колкаво времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредувањето со закон и со колективните договори. Имено, правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Со одредбата од ставот 2 на членот 71 од овој закон е предвидено исплаќање на надоместок на невработено лице, со различно времетраење на периодот за исплаќање на надоместокот кој се движи од три до четиринаесет месеци во зависност од должината на стажот на осигурување, а возраста на невработеното лице не е поставена како ограничување или како услов.

Од анализата на оспорената одредба од ставот 3 на членот 71 од Законот, Судот утврди дека законодавецот не го определил децидно времетраењето на исплатата на паричниот надоместок како кај ставот 2, туку определил за лицето кое има над 55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување, исплатата на надоместокот да се врши до неговото вработување или настапување на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.

Имено, посебно издвоената одредба во ставот 3, е исклучокот од законското решение во ставот 2 од членот 71 од Законот, и регулира право на надоместок за повозрасна категорија на невработени лица со најмалку 15 години стаж на осигурување. Притоа законот ја определил само долната граница од најмалку 15 години стаж на осигурување кој треба како услов невработеното лице да го исполнува вклучително со условот од над 55 години возраст, за да се оствари правото на надомест по овој основ од Законот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни норми и законски решенија, Судот утврди дека од аспект на наводите во иницијативата за оспорената одредба од Законот не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што оспорената одредба еднакво се однесува на невработените граѓани кои ги исполнуваат пропишаните услови на возраст и стаж на осигурување а водено и одредбата претставува поволно законско решение за категоријата на невработени лица со над 55 години возраст и со најмалку 15 години стаж на осигурување, третирана како посебен социјален проблем поради намалените можности за ново вработување за разлика од останатите невработени лица, кое нешто е во корелација и со членот 35 став 1 од Уставот и начелото на социјална правда.

5. Врз основа на погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2003
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова