Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 април 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003).
2. Михајло Ангеловски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 24 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата граѓаните кои склучиле договори за купување на станови со уверување дека ќе платат 5% данок на додадена вредност според законот кој важел во време на склучување на тие договори, сега со оспорениот член тие биле должни да платат данок на додадена вредност во висина од 18% што не било во согласност со Уставот. Од друга страна, пак, тие не можеле да ги повлечат уплатените парични средства се додека јавното претпријатие не ги продаде становите.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 24 од наведениот закон било предвидено дека “Повластената даночна стапка од 5% ќе се применува и на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели но само доколку нивната изградба е започната пред денот на влегување во сила на овој закон и доколку истите бидат изградени до 31 декември 2003 година, а ќе бидат ставени во промет до 31 март 2004 година”.
Судот, исто така, утврди дека оспорениот член Уставниот суд на Република Македонија го оценувал и со Одлука У.бр.189/2003 од 24 март 2004 година го укинал во делот “и доколку истите бидат изградени до 31 март 2003 година, а ќе бидат ставени во промет до 31 март 2004 година”.
Во образложението на одлуката Судот зазеде став дека оспорениот дел од член 24 има повратно дејство затоа што тој се однесува на случаи кои претходниот закон веќе ги регулирал како гарантирана правна ситуација според која субјектите го одредувале своето однесување и влегле во соодветен правен однос. Судот исто така зазеде став дека со предвидувањето на нови услови и рокови за користење на повластена даночна стапка на првиот промет на станови и станбени згради наменети за станбени цели се доведува во прашање принципот на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, односно се повредуваат врз закон заснованите легитимни очекувања на субјектите.
4. Со оглед на тоа што оспорениот дел од членот 24 од законот во кој се утврдени услови и рокови за примена на повластена даночна стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови, а кои се користат за станбени цели со одлука на Судот е отстранет од правниот поредок, Судот оцени дека според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.36/2004
7 април 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова