Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Детален урбанистички план на дел од Месна заедница “Железара” – домување локалитет “А” Скопје, бр.07-226/1 донесена од Советот на општина Гази Баба на 18 април 2003 година.
2. Ѓорче Андонов и група граѓани од општина Гази Баба, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата како и во дополнувањето на иницијативата се наведува дека: информацијата за јавната расправа во врска со урбанистичкиот план, стасала до многу мал број граѓани на месната заедница; самиот јавен увид бил сосема формален поради кусиот период на јавниот увид; поставените забелешки од страна на малиот број присутни граѓани на јавниот увид не биле целосно, во писмена форма и благовремено доставени до Советот на општината Гази Баба; на седницата на Советот, одржана на 18 април 2003 година на која се усвоил урбанистичкиот план, заинтересираните граѓани не биле поканети; советниците членови на Советот на општината Гази Баба, особено оние избрани во месната заедница “Железара”, својата задача заштита на интересите на граѓаните не ја извршиле адекватно; иницијаторите располагале со сознанија дека поединци успешно влијаеле на урбанистите и како резултат на претходно изнесените процедурални пропусти, бил усвоен Урбанистичкиот план кој, наместо да ги подобрува урбанистичките состојби во месната заедница, истите ги усложнувал и предизвикувал соседски расправии, интервенции на полицијата, па и физички пресметки.
3. Судот на седницата, врз основа на доставената документација од Советот на општина Гази Баба, констатира дека донесувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план било планирано во Програмата за уредување на градежно земјиште за Општина Гази Баба за 2001 и 2002 година.
По изготвувањето на Нацртот на планот била добиена Стручна ревизија од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, Стручно мислење од Министерството за транспорт и врски и Стручно мислење од главниот архитект на Град Скопје.
По утврдувањето на текстот на Нацртот, градоначалникот на општината донел Одлука за организирање на јавна анкета и истата била објавена во “Службен гласник на Град Скопје” и во дневниот весник “Вечер”, а соопштение било доставено и до Месната заедница “Железара”.
По организираната јавна анкета која била одржана во Месната заедница “Железара” во времето од 27 мај 2002 до 7 јуни 2002 година, од страна на Месната заедница до Советот на општината Гази Баба биле доставени сите анкетни листови преку кои биле давани забелешки по Нацрт-планот. По разгледувањето на анкетните листови, односно по нивното прифаќање или одбивање, била побарана и дадена согласност од Министерството за транспорт и врски.
Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на дел од МЗ “Железара” – домување локалитет “А” – Скопје била донесена едногласно од страна на Советот на Општината на седницата одржана на 18 април 2003 година под бр.07-226/1 и објавена во “Службен гласник на Град Скопје” бр.6/2003.
4. Подносителите на иницијативата особено приговараат на околноста дека јавната анкета по нацртот на урбанистичкиот план била формална и дека граѓаните не биле доволно информирани.
Според добиената документација, евидентно е дека јавната анкета траела од 27 мај 2002 до 7 јуни 2002 година, односно 10 дена како што предвидува и член 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Освен тоа, за спроведувањето на јавната анкета граѓаните биле известени преку дневниот весник “Вечер”, а било доставено и соопштение до Месната заедница “Железара”.
За спроведената јавна анкета има извештај, според кој во предвидениот рок се поднесени 29 анкетни листови со писмени забелешки од заинтересираните граѓани и правни лица.
5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.174/2003
31 март 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова