110/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 март 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на максимално дозволена висина на објектите во Охрид бр.07-408/10 од 22 мај 2003 година, донесена од Советот на општина Охрид, (“Службен гласник на општина Охрид” бр.3/2003).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативите на д-р Никола Наумов, градоначалник на општина Охрид и на Божо Илоски од Охрид, со решение У.бр.110/2003 и У.бр.1/2004 од 4 февруари 2004 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија бр.5/2002), Советот на општина Охрид на седница одржана на 22 мај 2003 година, донел Одлука за утврдување на максимално дозволена висина на објектите во Охрид.

Според членот 1 од оваа одлука, максимално дозволе-ната висина на објектите во Охрид, при планирањето на просторот /урбанизација/ во рамките на постоечките стандарди и нормативи, утврдени со закон или подзаконски акти од државните органи, не може да ги надмине висините утврдени со оваа одлука.

Во членот 2 е определено дека во Стариот дел на градот каде се предвидува изградба на семејна куќа, најголемата висина до венецот не може да биде повисока од 9 м. Во Централното градско подрачје и Втора урбана единица во висина на објектите до венецот не можат да бидат повисоки од 13,5 м. Во урбаните единици што се наоѓаат на десната страна од Булеварот Туристичка, гледана во правец Охрид – Подмоље висината на објектите, ако другите параметри тоа го дозволуваат, да изнесува 18 м до венецот.

Според членот 3 од Одлуката, при планирањето на просторот што е предмет на урбаниза-ција, изготвувачот е должен согласно постоечките стандарди и норма-тиви, да обезбеди простор за паркирање и хортикултура најмалку во големина утврдена со постојните нормативи а потоа да ја утврди максималната висина на објектот во согласност со определбата од член 2 на оваа одлука.

Во членот 4 е уредено дека Општината Охрид при изготвувањето на проектната задача што ќе ја достави до изготву-вачот на урбанистичкото решение е должен да ги почитува одред-бите на оваа одлука по однос на утврдените висини.

При конечното усвојување на Одлуката за урбанизација на проектот, висините во предложената одлука не можат да бидат повисоки од утврдените.

Согласно членот 5, оваа одлука влегува во сила 8 дена по објавувањето во службен гласник на општината Охрид.

5. Судот во оценка на уставноста и законитоста на оспоре-ната Одлука, утврди дека Советот на општината Охрид ја донел Одлуката за утврду-вање на максимално дозволената висина на објектите во Охрид, врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002). Меѓутоа, според оваа законска одредба не произлегува надлежност и овластување на Советот за донесување на оспорената Одлука и за уредување на прашањето кое се третира во Одлуката.

Согласно членот 1 од Законот за просторно и урбани-стичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), предмет на уредување со овој закон, меѓу другото, се планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесу-вање на плановите и утврдувањето на условите за градба.

Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на планирање на просторот, со членот 7 е предвидено дека во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесуваат следниве планови: 1. Просторни планови, во кои е предвиден просторен план на Републи-ката; и 2. Урбанистички планови, во кои се предвидени генерален урбани-стички план, детален урбанистички план и урбани-стичка документација за населено место во општината.

Доколку за населено место во општината нема урбани-стичка документација, до нејзиното донесување, согласно членот 25 од Законот, изградбата може да се врши под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Исто така, Судот утврди дека Министерството за транспорт и врски со акт број 19-5031 од 26 мај 2003 година ја известило општината Охрид дека не дава согласност за донесување на Одлуката.

Од анализата на одредбите на оспорената Одлука од аспект на изнесените одредби од членот 7 и членот 25 од Законот, произ-легува дека Одлуката содржи норми за начинот и условите за планирање на просторот и покрај тоа што не се однесува исклучиво за определено населено место во оштината каде нема урбанистичка документација и нема согласност од надлежното министерство за донесување на Одлу-ката, бидејќи не претставува акт во смисла на членот 25 од Законот. Исто така, иако е неспорно дека урбанис-тичките планови од член 7 став 2 се донесуваат согласно Законот со одлуки на општините, тие не може да ги пропишуваат техничките услови за изработка на плановите и да го планираат начинот на остварување на правото на градење, ниту имаат законско овласту-вање да пропишуваат услови или постапка за тоа. Ова поради тоа што според членот 16 од наведениот Закон, изработувањето на сите урбанистички планови го врши правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот ако во редовен рабо-тен однос има најмалку три овластени лица со лиценца за изработка на урбанистички планови. По исклучок, овластување за изработка на урбанистички пла-нови, освен генерален урбанистички план, може да добие правно лице кое во редовен работен однос има најмалку едно овластено лице со лиценца за изработка на урбанистички планови. Носител на изработување на урбанистички планови може да биде дипломиран архитект кој поседува лиценца за вршење на оваа дејност и кој е должен во тимот да вклучи стручни лица од различни области со најмалку ВИИ степен на стручна подготовка. За добивање на лиценца се полага испит пред комисија што ја определува министерот над-лежен за работите на уредување на просторот кој воедно го пропишува и начинот и програмата за полагање на испитот за добивање на лиценца.

Во членот 21-а од Законот е утврдено дека при изработување на урбанистичките планови од членот 7 став 2, општите акти од членот 25 и урбанистичкиот проект од член 32 на овој закон, задол-жително се при-менуваат нормативите и стандардите за уредување на просто-рот. Со стандардите и нормативите се утврду-ваат основите за пораци-онално планирање, уредување и користење на просторот, создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните во населените места и во подрачјата предвидени за градба. Овие стан-дарди и нормативи ги донесува министерот надлежен за работите на уредување на просторот.

Врз основа на членот 21-а од Законот, министерот за тран-спорт и врски донел Правилник за стандардите и нормативите за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 2/2002 и 50/2003).

Во делот на одредбите од Правилникот со кои се уре-дени урбанистичките стандарди и нормативи, со членот 24 е предвидено дека при планирање на максималната височина на содржините на урбанистич-киот план се утврдува максимална височина во метри. Ако се работи за урбани модули лоцирани на терен во пад (над 10% косина), утврдувањето на височината се врши со назначување на апсолутна кота до која може да се реализира изградбата на објектите, поврзани со визурата на соседните објекти и содржини од погорните урбани модули, односно се назначува котата на слемето. Височината на објект се опреде-лува од нивото на тротоарот односно сообраќајни-цата или пристапната патека (нулта кота) до завршниот венец на објектот (за рамни терени), односно до слемето на објектот (за коси терени). При планирањето, максималната височина на новопредви-дените семејни куќи може да изнесува 10,20 метри, а кај куќите со внатрешен двор може да изнесува 7,20 метри. Максималната височина на новопредвидените станбени објекти – структури изнесува 19,20 метри, а кај куќи поврзани во блок (максимум 6 куќи во низа) изнесува 13,20 метри. При утврдувањето на максималната височина на објектите, едно ниво во станбените објекти е со максимална височина (конструктивна височина) 3 метри. За станбените објекти котата на првото ниво во однос на теренот изнесува максимум 1,20 метри.

Исто така, со одредбите од Правилникот се опфатени стандарди и нормативи од различни аспекти за уредување на просторот кои се применуваат при изработувањето и спроведувањето на плановите и актите за планирање на просторот предвидени со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека со Зако-нот за просторно и урбанистичко планирање, покрај тоа што се уредени прашањата за видовите и содржината на плановите и актите за плани-рање на просторот и постапката за нивно донесување, пропишани се и начинот и условите под кои правно или физичко лице може да биде овластено за нивна изработка. Меѓутоа, со законот децидно е определено дека при изработката на плановите, овласте-ното лице кое ги изготвува плановите, задолжително треба да ги применува стандардите и нормати-вите за уредување на просторот, кои ги донесува ресорниот министер надлежен за работите на уредување на просторот. Оттука, овие стандар-ди и нормативи кои врз основа на законското овластување се донесени со Правилникот на надлежниот министер, еднакво треба да се применуваат од лицата кои ги изработуваат плановите и актите за планирање на просторот.

Со оглед на тоа, со донесувањето на оспорената Одлука за утврдување на максимално дозволена висина на објектите во Охрид, според Судот Советот на општината Охрид презел надлеж-ност за која нема законско овластување и уредувал прашања од доменот на стандардите и нормати-вите за уредување на просторот, кои не се негов предмет на уредување.

Поради наведеното Судот утврди дека оспорената Одлука не е во согласност со одредбите од член 7, член 25 и член 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање и се повредува уставниот принцип на владеење на правото, утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2003 и У.бр.1/2004
24 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова