Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 од Трошковникот за вршење на посебни геодетски работи за кои не се плаќа административна такса, донесен од директорот на Државниот завод за геодетски работи.
2. Петар Димовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Трошковникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата наплатувањето од граѓаните на паричниот износ од 1.500 денари, од страна на Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите на Република Македонија поради недоаѓање на граѓанинот на увид, по извршениот премер на просторот на кој се наоѓа недвижниот имот, било во спротивност со член 52 од Уставот на Република Македонија, од причини што оспорениот трошковник не бил проследен преку Владата и објавен во “Службен весник на Република Македонија”, па затоа не можел да се примени.
Исто така, во иницијативата се наведува дека директорот на една управна организација немал право да донесува акти со кои на граѓаните и други лица им се утврдуваат права и обврски, и дека оспорениот трошковник било потребно да се донесе согласно членот 10 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
3. Судот на седницата утврди дека директорот на Државниот завод за геодетски работи, врз основа на член 105 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986 и 17/1991), го донел Трошковникот за вршење на посебни геодетски работи за кои не се плаќа административна такса.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи правила на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајов оспорениот акт донесен од директорот на Државниот завод за геодетски работи нема карактер на пропис и не е подобен за уставно судска оценка.
Имено, во конкретниот случај се работи за упатство на Државниот завод за геодетски работи како основа за давање на понуди за склучување на договори за вршење на посебни геодетски работи.
Впрочем, посебните геодетски работи согласно членот 103 од Законот можат да ги вршат и други правни лица за вршење на геодетски работи за посебни намени кои исто така би можеле да имаат свој трошковник.
Имено, во ставот 1 од членот 103 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите е предвидено дека државните и други органи, претпријатијата и другите правни лица и граѓаните што ги вршат геодетските работи за посебни намени се должни да ги користат податоците од катастарот на недвижностите, а за започнувањето на работите се должни да го известат Државниот завод за геодетски работи најмалку 30 дена порано.
Во ставот 2 од истиот член од Законот стои дека во известието се наведуваат податоци за подрачјето, содржината, методот и целта на геодетските работи за посебни намени, како и за датумот на започнувањето и времетраењето на работите.
Оттука, Судот смета дека оспорениот трошковник за вршење на посебни геодетски работи за кој не се плаќа административна такса има карактер на интерен акт и се смета како една од можните понуди за склучување на договори за вршење на геодетски работи согласно Законот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.152/2003
17 март 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова