201/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000 и 96/2000, 50/2001, 85/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот став 1 на член 17 од Законот се повредувале одредбите на член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот, затоа што според овој став работникот на кој работниот однос, согласно член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи, му престанал поради наполнети 40 години пензиски стаж не можел да се стекне со право на старосна пензија. Тоа значело дека работникот во овој случај немал правна и социјална сигурност се додека не наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена).

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

4. Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според ставот 1 на член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија само го утврдува правото на социјална сигурност и социјално осигурување, а уредувањето на ова право го препушта на закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Врз основа на овие уставни одредби, со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993; 14/1995; 71/1996, 32/1997; 24/2000; 96/2000; 50/2001 и 85/2003) се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои определени категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување.

Според членот 3 од овој закон, со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност се остваруваат права во случај на старост, намалување или губење на работната способност, смрт и телесно оштетување (осигуран случај).

Меѓу правата од пензиското и инвалидското осигурување кои можат да се стекнат под услови утврдени со овој закон, спаѓа и правото на старосна пензија. Согласно член 17 став 1 од Законот, кој е оспорен со иницијативата, правото на старосна пензија осигуреникот го стекнува кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж, со тоа што во ставот 2 на истиот член е предвидена динамиката на реализација на ставот 1 на овој член со постепено зголемување на старосната граница, така што целосната примена на овој став е предвидено да се оствари од 1 јануари 2001 година за маж, а од 1 јануари 2007 година за жена.

Со оспорениот член од Законот, кој е новелиран со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000), а со кој закон инаку се извршени покрупни реформи во пензискиот систем, се утврдени нови, односно поинакви услови за стекнување право на старосна пензија во однос на условите што беа утврдени пред овие измени. Имено, со членот 5 од означениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, законодавецот го напушти дотогашното решение според кое правото на старосна пензија, меѓу другото, можеше да се остварува и со навршување на пензиски стаж од 35 години (жена), односно 40 години (маж), без оглед на возраста, освен за осигурениците од членовите 30 и 31 од овој закон, чии одредби се од преоден карактер.

Тргнувајќи од тоа дека согласно Уставот, правото на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните, а во тие рамки и на пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредува со закон и колективен договор, Судот смета дека е право на законодавецот во оваа сфера да ги утврдува видовите на права, условите за стекнување, висината, начинот на стекнување и користење на правата и други прашања кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Според тоа, не е спорно дека оспорената одредба во која конкретно и јасно се утврдени условите за стекнување на правото на старосна пензија, како едно од правата утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, е во функција на обезбедување на материјалната и социјалната сигурност во случај на настапување на старост на граѓаните по основ на нивната работа. Од тие причини, според мислењето на Судот не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со членовите од Уставот, во однос на кои со иницијативата се оспорува нејзината уставност.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба не се обезбедувала социјална сигурност на граѓаните на кои поради наполнување на 40 години пензиски стаж работниот однос им престанал или ќе им престане по сила на закон, а според оваа одредба не можат да се стекнат со право на старосна пензија бидејќи не ја исполнуваат старосната граница, како еден од двата услови предвидени за стекнување на ова право, според мислењето на Судот исто така, не можат да претставуваат основа за поставување на прашањето за нејзината согласност со Уставот. Прво, и најбитно, затоа што законодавецот, како што веќе е изнесено, согласно Уставот има право со закон да ги утврдува условите за стекнување право на старосна пензија преку кое се обезбедува социјалната сигурност на граѓаните и второ, што со членовите 30 и 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000) е дадена можност, односно правен основ определена категорија осигуреници правото на старосна пензија да го стекнуваат под условите утврдени според прописите кои важеле пред примената на овие измени на Законот. Тоа практично значи дека осигурениците кои на денот на почетокот на примената на означениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (според членот 35 од овој закон, членот 5 ќе се применува од 1 септември 2000 година) имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж), односно 30 години (жена), правото на старосна пензија според членот 30 од Законот ќе можат да го остварат до 1 септември 2005 година само со навршени 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж без оглед на возраста. До оваа дата е предвидено под овие услови правото на старосна пензија да можат да го остварат и осигурениците од членот 31 од овој закон.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2003
10 и 11 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова