29/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Инструкцијата бр.10-4768/1 од 24 декември 2002 година, донесена од директорот на Државниот завод за геодетски работи.
2. Ванчо Богоевски од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Инструкцијата означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената Инструкција го уредувала начинот на работење на службените лица во Државниот завод за геодетски работи при спроведувањето на податоците во катастарскиот операт врз основа на договорите за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба и јавно наддавање, склучени помеѓу Република Македонија – Министерството за транспорт и врски како отуѓувач и физички и правни лица како купувачи. Меѓутоа, Инструкцијата предвидувала како основ за измена во катастарот на недвижностите и катастарот на земјиштето да се сметаат наведените договори само доколку биле заверени од Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и потврдени (солемнизирани) од нотар, што било спротивно на членот 44 од Законот за вршење на нотарски работи, кој не пропишувал договорот да биде потврден од нотар, и спротивно на членот 443 од Законот за облигациони односи според кој договорите за продажба на недвижен имот треба да бидат заверени кај нотар, но во случајов оспорената Инструкција не се однесувала на договори за продажба на недвижен имот туку за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба.
Исто така, во иницијативата се наведува дека со оспорената Инструкција бил повреден и членот 20 од Законот за данок на имот, според кој обврзник на данокот на промет на недвижностите и правата е правно и физичко лице кое е продавач на недвижноста, односно правото. Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената Инструкција.
3. Судот на седницата утврди дека директорот на Државниот завод за геодетски работи, врз основа на член 112 став 1 алинеја 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986 и 17/1991) и член 73 од Законот за премер и катастар на земјиштето (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/1972 и 13/1978), ја донел Инструкцијата бр.10-4768/1 од 24 декември 2002 година.
Инструкцијата е упатена до Секторот за премер и катастар – Скопје и до подрачните одделенија на Државниот завод за геодетски работи. Посебно во Инструкцијата како предмет е означено дека се однесува на спроведување на Договорите за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба и јавно наддавање, склучена помеѓу Република Македонија – Министерство за транспорт и врски како оттуѓувач и физички и правни лица како купувачи.
Во Инструкцијата, под точка 1 е определено дека предметните договори претставуваат основ за измена во катастарот на недвижностите и катастарот на земјиштето, само доколку истите се заверени од Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и потврдени – солемнизирани од нотар. Под точка 2 е наведено дека оваа Инструкција е во согласност со одредбите содржани во следниве законски прописи:
– член 4 и член 13 став 1 и 2 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001);
– член 2, член 11, член 12, член 13 и член 14 од Уредбата за начинот и постапката на отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓувањето и давањето под закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2001);
– член 144 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права (” Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001);
– член 37 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 71/1996 и 54/2000);
– член 443 од Законот за облигациони односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001);
– член 44 став 1 и став 4 од Законот за вршење на нотарските работи (” Службен весник на Република Македонија” бр.59/1996);
– член 49 став 3 од Законот за премер и катастар на земјиштето (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/1972 и 13/1978);
– член 58 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986 и 17/1991).
Во точка 3 е определено дека оваа Инструкција се применува наредниот ден од денот на приемот во Секторот односно одделението за премер и катастар.
4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајов оспорениот акт донесен од директорот на Државниот завод за геодетски работи нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставносудска оцена.
Имено, согласно членот 112 став 1 алинеја 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на надвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986 и 17/1991), Државниот завод за геодетски работи има право и должност да издава задолжителни инструкции во врска со извршувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него.
Согласно членот 73 од Законот за премер и катастар на земјиштето (“Службен весник на СРМ” бр.34/1972 и 13/1978), Државниот завод за геодетски работи има право на органот на управата надлежен за геодетски работи да му издава задолжителни инструкции и да врши инспекциски надзор над работата од областа на одржувањето на премерот и катастарот на земјиштето.
Наведените законски одредби даваат овластување со инструкции во рамките на Државниот завод за геодетски работи да се врши инструктажа за начинот на примената на законите и прописите кои се однесуваат на вршењето на геодетските работи во овој орган. Овие законски одредби не упатуваат конкретни прашања од законската материја дека треба да се доуредат со подзаконски акт без чие донесување не би можеле конкретни законски одредби да се извршуваат, туку упатуваат на можната проценка на Државниот завод за геодетски работи, раководен од неговиот директор, да донесува воопшто работни инструкции за службените лица при примената на законите и другите прописи во вршењето на геодетските работи во Државниот завод. Оттука, и во отсуство на постоење на инструкции на Државниот завод за геодетски работи, извршувањето на законите и прописите би се спроведувало бидејќи тоа не зависи и не е условено од доуредување со актите односно инструкциите кои се посочуваат.
Од наведеното произлегува дека членот 112 став 1 алинеја 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите и членот 73 од Законот за премер и катастар на земјиштето, даваат основ за донесување на инструкции во Државниот завод за геодетски работи за начинот на примената на законите и прописите, а не и за донесување на подзаконски акти со кои би се пропишувале права и обврски или доуредувале одредени прашања пропишани со закон. Со оглед на тоа, според наведените законски одредби предвидените инструкции имаат карактер на интерни акти а не на пропис.
Судот утврди дека конкретно оспорената Инструкција бр.10-4768/1 од 24 декември 2002 година, која е донесена од директорот на Државниот завод за геодетски работи, се однесува на службените лица вработени во Секторот за премер и катастар – Скопје и во подрачните одделенија за премер и катастар на територијата на Република Македонија.
Со Инструкцијата се даваат работни насоки на службените лица на кој начин да ги спроведуваат во катастарот на недвижностите и катастарот на земјиштето, договорите за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба и јавно наддавање, склучени помеѓу Република Македонија – Министерство за транспорт и врски како оттуѓувач и физички и правни лица како купувачи, и притоа посочуваат на одредби од повеќе закони и прописи кои треба да се имаат предвид при вршењето на работите во надлежност на Државниот завод за геодетски работи.
Оттука, оспорената Инструкција претставува интерен акт на Државниот завод за геодетски работи, наменет за службените лица во работните единици на овој орган.
Примената на насоките содржани во оспорената Инструкција од страна на вработените во Државниот завод за геодетски работи, неспорно наоѓа одраз во запишувањето на правата на физичките и правните лица во катастарот на недвижностите и катастарот на земјиштето по основ на предметните договори на кои се однесува Инструкцијата, меѓутоа во однос на прашањето за правилната примена на законите од страна на надлежниот управен орган, странките можат своите имотни права и интереси да ги штитат пред надлежните органи во управна постапка и во управен спор.
Поаѓајќи од оценката дека оспорената Инструкција нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, а согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, Судот оцени дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2003
10 и 11 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова