Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 од Правилникот за степенот на уреденост на градежното земјиште и начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште според степенот на уреденост (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/2001).
2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека различното утврдување на висината на надоместокот за станбени, деловни и други објекти (катни гаражи, спортски покриени објекти, отворени пазаришта) за иста локација и степен на уреденост на земјиштето не било во согласност со уставниот принцип на еднаква правна положба на субјектите на пазарот, членовите 8, 9 и 56 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 46 од Законот за градежно земјиште.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 6 од Правилникот е предвидено дека во услови кога не се реализирани објектите на комуналната инфраструктура согласно степенот на планираната уреденост, трошоците за уредување на градежното земјиште се пресметуваат врз основа на новата корисна површина што ќе се гради, која е избир на нето површините на подовите на сите простории во објектот, согласно заверена проектна документација, помножени со точно определени коефициенти: за станбени објекти, деловни, јавни и производни објекти и други објекти.
4. Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според ставот 2 од истиот член е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 55 став 2 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Во членот 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и владеењето на правото, поделбата на државната власт и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со Законот за градежното земјиште се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште – член 1 од Законот.
Според членот 2 од истиот Закон градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, на начин и услови утврдени со овој закон.
Според ставот 2 од истиот член од Законот, уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.
Согласно член 42 од Законот под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна канализација (фекална и атмосферска), електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Притоа, степенот на уреденост на градежното земјиште поблиску го пропишува министерот кој раководои со Министерството за транспорт и врски (став 4 од истиот член).
Ова прашање е уредено со Правилникот за степенот на уреденост на градежното земјиште и начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште според степенот на уреденост, донесен од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.80/2001).
Судот, исто така, утврди дека членот 46 од Законот го уредува прашањето на надоместокот на трошоците за уредување на градежното земјиште. Така, за целосно уредено градежно земјиште инвеститорот плаќа надоместок до висината на реалните трошоци за уредување – целосен надоместок. Според ставот 2 од овој член во случај кога градежното земјиште делумно ќе се уредува или воопшто не ќе се уредува, инвеститорот на објектот плаќа надоместок до висина на трошоците за делумното уредување на земјиштето – делумен надоместок или воопшто не плаќа надоместок.
Согласно ставот 4 од Законот висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје.
5. По однос на наводите во иницијативата дека утврдувањето на различна висина на надоместокот за уредување на градежното земјиште утврдена во оспорениот Правилник, не било во согласност со членот 9 и 55 од Уставот на Република Македонија како и со членот 46 од Законот за градежно земјиште, Судот на седницата оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на ваквата различна уреденост на надоместокот во зависност од природата на објектот и дејноста што во истиот ќе се врши, од причина што не е исто дали се работи за станбен, деловен или други објекти. Ова не само поради природата на објектот, туку ваквата различност претпоставува и доведува до различен и поинаков степен на искористеност на комуналната инфраструктура.
Според Судот во конкретниот случај не само што не се работи за објекти со иста намена, поради што и не може да се воспостави идентичен режим на пресметување и наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште, туку токму ваквата различна намена доведува до различен квантитативен и квалитативен степен на искористеност на комуналната инфраструктура. Различните објекти (станбени, деловни и др. објекти) ја користат комуналната инфраструктура во различен капацитет, обем и содржина, што од своја страна ја оправдува различната висин а на надоместокот кој општината го наплаќа за уредувањето на градежното земјиште.
Оттука, Судот смета дека не може да се постави прашањето за повреда на принципот на еднаква правна положба на субјектите на пазарот, дотолку повеќе што во конкретниот случај не се работи за субјекти на правото туку за објекти со различна намена (природа) што ќе се градат и за што се наплаќа надоместок, односно не може да стане збор за повреда на член 8, 9, 55 од Уставот на Република Македонија и член 46 од Законот за градежното земјиште.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 6 од Правилникот бил во спротивност и со посебниот режим при давањето на користење на добра од општ интерес, како што е градежното земјиште (член 56 од Уставот на Република Македонија). Во конкретниот случај Судот смета дека оспорената одредба од Правилникот се однесува на висината на надоместокот на трошоците за уредување на градежното земјиште а не на прашањето за отстапување на градежното земјиште на користење. Отстапувањето на градежното земјиште на користење, односно отуѓувањето е прашање кое е уредено со Законот за градежното земјиште. Оттука Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба од Правилникот со членот 56 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.97/2003
3 март 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова