Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Живко Димов од Радовиш за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Живко Димов од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на своето право, кое му било повредено со одземањето на три метри кубни дрва од дома во с.Лубница-Радовиш.
Подносителот на барањето смета дека неговите слободи и права биле повредени по основ на член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, како и по основ на член 77 став 1 точка 7 и став 3 од Законот за шуми (“Службен весник на РМ” бр.47/1997) во кој не било предвидено да се одземат дрвата.
Во прилог на барањето ги доставува судските одлуки и наведува дека судовите погрешно и неправилно одлучиле на негова штета и како последица на тоа покрај прекршочната опомена му била изречена и мерка за безбедност – одземање на три кубни метри дрва.
Меѓутоа, подносителот на барањето не дава никакво образложение зошто смета дека со наведените акти на судовите му се повредени слободите и правата утврдени во членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
3. Според член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени со член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствието со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
4. Од наводите содржани во барањето, а имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот на седницата утврди дека во конкретниот случај со барањето е изразено само начелно повикување на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот со намера Уставниот суд да се впушти во одлучување во конкретна работа од надлежност на судовите и во тие рамки наспроти одлуките кои се веќе донесени од надлежните судови, директно Уставниот суд со своја одлука да определи обештетување на барателот и да одлучи, како што се наведува во барањето, одземените дрва да му бидат вратени.
Меѓутоа, Уставниот суд не е во позиција на инстационо повисок суд да одлучува во конкретна работа која е во надлежност на судовите, ниту е надлежен да одлучува за права и интереси на странки утврдени со поединечни акти во конкретни предмети.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.8/2004
18 февруари 2004 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова