У.бр.61/2003

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 34 став 2 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана (” ;Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата министерот за одбрана не можел самостојно да ги утврдува работните места на кои се извршуваат особено тешки, напорни и штетни по здравје работи ниту самостојно да утврдува работното време да биде покусо од полното работно време.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека овие прашања треба да бидат уредени со закон, поради што ја оспорува законитоста на овој колективен договор во однос на Законот за работните односи.
3. Судот на седницата у тврди дека согласно членот 34 став 2 од оспорениот колективен договор, работните места на кои се извршуваат особено тешки, напорни и штетни по здравје работи, и работното време на истите го утврдува министерот со посебен акт во согласност со закон.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Врз основа на оваа уставна одредба е донесен Законот за работни односи и колективните договори од оваа област.
Така, согласно членот 2 од Законот за работните односи под работодавец се подразбира претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа или друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единица на локалната самоуправа и друго домашно и странско физичко лице кое вработува работници.
Според член 3 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, работодавец во смисла на овој колективен договор е Министерството претставено од министерот за одбрана.
Наведената одредба Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, ја прецизира законската одредба со тоа што определува дека работодавец во смисла на овој договор е министерот за одбрана.
Од друга страна согл асно член 32 став 3 од Законот за работните односи одобрение за работа со скратено работно време за работите од став 3 на овој член дава органот на државната управа надлежен за работите на трудот, по претходно прибавено мислење од организацијата за медицина на трудот и од инспекцијата на трудот.
Од наведената одредба, се гледа дека законодавецот таксативно ги набројал особено тешките, напорните и штетните по здравје работи кои се извршуваат со скратено работно време, при што генерално определил дека одобрение за овој вид работа дава органот на државната управа надлежен за работите на трудот (во случајов: министерство за труд и социјална политика) по претходно прибавено мислење од организацијата за медицина на трудот и од инспекцијата на трудот.
Имајќи ги предвид наведените одредби, Судот оцени дека начелно, со Законот за работни односи се определува кои работи се сметаат за особено тешки, напорни и штетни по здравјето и дека со колективен договор (во случајов оспорениот договор) можат да се доуредат правата на работниците и нивната положба.
Така, со оспорениот Колективен договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, министерот за одбрана и Самостојниот синдикат на вработените во одбрана, согласно со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопански дејности, ги доуредиле правата, обврските и одговорностите од работниот однос, обемот и начинот на нивното остварување и други одредби за прашања од интерес на работниците, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните односи.
Во тој контекст, меѓу другото, го уредиле и прашањето за работното време.
Имено, во членот 33 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор, предвидле работното време да може да трае пократко од полното работно време за работници кои работат на особено тешки, напорни и штетни по здравје работи, а чие штетно влијание врз нивното здравје, односно работната способност не може во целост да се отстрани со заштитни мерки во Министерството.
Како такви, се предвидени истите работи што се предвидени и во Законот за работните односи.
Притоа, во оспорениот колективен договор е предвидено дека овие работни места ги утврдува министерот за одбрана со посебен акт, во согласност со закон.
При заземањето став дека Министерот за одбрана е овластен со посебен акт да ги утврдува работните места на кои се извшруваат работи што се особено тешки, напорни и штетни по здравје и работното време на истите, Судот имаше предвид дека општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност, предвидува почетокот, распоредот и завршетокот на работното време да се уредува покрај со Законот и со актот на органот на државната управа од соодветна област.
Во случајов тоа е актот на министерот за одбрана како што предвидува член 34 став 2 од Колективниот договор за уредување односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана.
Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на членот 34 став 2 од оспорениот колективен договор.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.61/2003
18 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова