107/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за правата, обврските и одговорностите на органите на државната власт во поглед на средствата во државна сопственост што тие ги користат и располагаат (” Службен весник на Република Македонија” бр.61/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата и покрај фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.95/1998 од 13 јануари 1999 година го укинал Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат (“Службен весник на СРМ” бр.41/1985 и 51/1988), Собранието на Република Македонија оспорениот закон го донел врз основа на член 15 став 2 од Уставот на СРМ од 1974 година според кој правата, обврските и одговорностите во поглед на располагање, користење и управување со опшстествени средства се уредуваат со Устав и закон во согласност со природата и намената на тие средства.
Со оспорениот закон се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3 и 6, 30, 51, 55, 56, 95 став 3 и 112 став 3 од Уставот, затоа што пред се во Уставот не фигурира терминот “органи на државната власт” туку органи на државната управа (95 – 97), а постои организација на државната власт (Глава ИИИ ). Понатаму, во иницијативата се наведува дека со член 2 од законот е дефинирано што се подразбира под органи на државната власт, а според Уставот органи на државната власт се Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството и јавното обвинителство.
Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорениот закон спротивно на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот ја форсира државната сопственост и ако Уставот суштински се определува за приватната сопственост како основен облик на сопственоста, а тоа е видливо и од одредбите со кои се утврдуваат основите на економските односи, а посебно слободата на пазарот и претприемништвото (член 55). Слободата на пазарот и претприемништвото се можни само во услови на доминантна застапеност на приватната сопственост.
Државната сопственост делумно е видлива само преку уставните категории и добра во општа употреба и добра од општ интерес (член 56). Според наводите во иницијативата од уставниот текст не може да се види државна сопственост во стопанството, односно државата како стопански субјект.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон носи назив “Закон за правата, обврските и одговорностите на органите на државната власт во поглед на средствата во државна сопственост што ги користат и располагаат”.
Со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите на органите на државната власт во поглед на средствата во државна сопственост што тие ги користат.
Во член 2 од наведениот Закон е дефинирано што се подразбира под органи на државна власт, а тоа се: корисниците и единките корисници на средствата на Буџетот на Република Македонија, агенциите и јавните установи и други организации основани од Републиката, со кои средства располага Република Македонија.
Понатаму во член 3 од Законот е регулирано прашање за тоа што според овој закон се смета за недвижни средства (земјиште, станбени згради и станови, службени згради и простории и гаражи и други градежни објекти), а што за движни средства (инвентар, средства за работа, средства за механизација, електрика, електрични и компјутерски уреди, средства за превоз, средства од културна и уметничка вредност, средства за подароци, опрема и потрошен материјал, и други средства за потребите на републички органи за извршување на работите и задачите).
Во членовите 5 – 11 од Законот се уредуваат прашања кои се однесуваат на користење на средствата.
Во членовите 12 – 17 се уредени прашања кои се однесуваат на тоа дека средствата потребни за извршување на работите и задачите на органите се прибавуваат во постапка и на начин утврден со Законот за јавни набавки, кој одлучува за прибавувањето на недвижни средства и друго.
Понатаму во членовите од 18 – 28 од законот се уредени прашања кои се однесуваат за тоа на кој начин средствата кои престанале да ги користат органите можат да се продаваат, заменат и издадат под закуп. (Јавно наддавање и со непосредна спогодба)
Во членовите 29 – 33 се регулирани прашањата кои се однесуваат на тоа во кои случаи органите можат да даваат подароци, висината на вредноста на подароците кои не може да надминат износ од 5.000 евра, како и тоа дека Владата на Република Македонија посебно ги утврдува критериумите, начинот и постапката за давање на подароци и друго.
4. Во Глава ИИИ од Уставот на Република Македонија е утврдена организацијата на државната власт односно се утврдени органите на државната власт, а тоа се: Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството и јавното обвинителство, а во Глава ИВ од Уставот е уредено прашањето за Уставниот суд на Република Македонија како посебен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Во членовите 95 – 97 од Уставот кои се поместени во делот што се однесува на Владата на Република Македонија е уредено прашањето за тоа што ја сочинува државната управа, организацијата и работата на органите на државната управа.
Според член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок се и владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и правната заштита на сопственоста.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, називот на оспорениот закон, како и член 2 од Законот, Судот смета дека законодавецот употребил општ поим ” органи на државната власт” кој е поширок поим и во себе ги инкорпорира не само органите на државната управа како дел од системот на организацијата на државната власт туку, и други органи и организации што вршат јавни овластувања и кои користат и располагаат со средства во државна сопственост, а со цел за нормално вршење на функцијата на државата.
Од друга страна имајќи го предвид член 8 од Уставот, Судот смета дека на Уставот му е иманентен терминот “државна власт” поаѓајќи од фактот што овој термин Уставот го употребува во делот кој се однесува на темелната вредност на уставниот поредок кога зборува за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Во член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите (” Службен весник на Република Македонија” бр.46/2000), со кој се менува членот 3-б од Законот за буџетите е дефинирано кои се буџетски корисници и единки корисници на средствата од Буџетот.
Така, според овој член под буџетски корисници се подразбираат корисниците на средствата од Буџетот на Републиката од областа на законодавната, извршната и судската власт.
Под единки корисници на средствата од Буџетот на Републиката се подразбираат инстиуциите од областа на образованието, културата, детската заштита, социјалната заштита, науката и спортот, кои се финансираат преку корисници на Буџетот на Републиката од таа област.
Според тоа Судот оцени дека употребата на поимот “органи на државната власт” во законот како синоним на сите органи кои функционираат во државата и преку кои се манифестира власта на државата, а кои се корисници на буџетски средства не може да има такво влијание кое би можело да го доведе во прашање опстојувањето на самиот закон во правниот поредок, а со тоа и на начелото на владеење на правото.
5. Во член 30 од Уставот е предвидено дека се гарантира правото на сопственост и наследување.
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доборото на поедиенцот и на заедницата.
Никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека Уставот воопшто не се занимава со формите на сопственост која може да се јави како државна, задружна или приватна, препуштајќи тоа да биде уредено со посебни закони.
Имено Уставот го гарантира правото на сопственост непреферирајќи ниедна од можните видови на сопственост.
Притоа и ако Уставот изрично не ја предвидел државната сопственост како сопственосен облик неспорно е дека државата се јавува како сопственик на оние објекти и предмети кои се материјален услов за остварување на нејзината функција.
Постоењето на државната сопственост е реалност која одговара на економските состојби и структурата на системот. Без овој облик на сопственост би се довела во прашање функцијата на државата како власт и остварувањето на одредени општи и јавни интереси на заедницата како целина.
За остварување на наведените цели, односно за остварување на функцијата на државата, законодавецот со оспорениот закон ги регулирал прашањата кои се однесуваат на правата, обврските и одговорностите на државните органи во поглед на користењето, прибавувањето и располагањето на средствата кои се во државна сопственост без да има намера да ја фаворизира државната сопственост над приватната.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2003
11 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова