45/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на
а) уставноста на член 11 став 4 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/1996) и
б) уставноста и законитоста на Правилникот за формите на воено-стручната обука кои предизвикуваат зголемена опасност за оштетување на организмот (” Службен весник на Република Македонија” бр.18/1997).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 3 од законот означен во точката 1 под а) во ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата членот 11 став 1 точка 3 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци бил несогласен со Уставот, затоа што во Законот за одбрана не биле предвидени организации на сојузот на резервните воени старешини и други организации што ќе ги определи министерот за одбрана на Република Македонија ниту, пак, било предвидено за овие структури воено стручната обука да ја планира, организира и контролира орган на вооружените сили на Република Македонија.
Имено, во иницијативата се оспорува уставноста на членот 11 став 1 точка 3 од овој закон, затоа што неговата содржина суштински и терминолошки не се совпаѓала со содржината на Законот за одбрана.
Ставот 4 на овој член од Законот се оспорува затоа што го овластувал министерот за одбрана да ги пропишува формите на воено стручната обука (од став 1 точка 3 на овој член од Законот) кои предизвикуваат зголемена опасност за оштетување на организмот.
Правилникот се оспорува затоа што го овластувал министерот за одбрана да определува и други организации кои ќе изведуваат воено стручна обука без да ги идентификува организациите.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 11 став 4 од оспорениот закон, министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за одбрана ќе пропише кои форми на воена стручна обука од став 1 точка 3 на овој член предизвикуваат опасност за оштетување на организмот.
Со оспорениот правилник, пак, се уредуваат формите на воено стручната обука кои предизвикуваат зголемена опасност за оштетување на организмот кај учесниците на обуката. Како такви се предвидени: обука при која се изведуваат практични дејствија со употреба на вежбовна и боева муниција и минско-експлозивни средства; обука за извршување на задачи од атомско-биолошка и хемиска одбрана, ако се употребуваат токсични соединенија извори на радиоактивни и други јонизирачки зрачења и запаливи средства и др.
5. Согласно член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.
Според ставот 3 на овој член од Уставот организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Согласно членот 5 од овој закон, органите на државната управа можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации.
Според член 15 алинеја 4 од овој закон, во надлежност на министерството за одбрана спаѓа организирањето и спроведувањето на обуката за одбрана.
Согласно член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога за тоа е овластен со закон.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби наспроти оспорената одредба од ставот 4 на членот 11 од Законот, Судот оцени дека министерот за одбрана е овластен во фуникција на операционализација на законот да го уреди организирањето и спроведувањето на обуката за одбрана, па во тој контекст да определи воено стручната обука покрај во организациите на Сојузот на резервните воени старешини, да се изведува и во други организации.
Исто така, согласно член 24 точка 1 алинеи 14 и 15 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерството за труд и социјална политика ги врши работите што се однесуваат на заштитата на цивилните инвалиди од војната и на семејствата чии хранител е на задолжителна воена служба, заштитата на борците од Антифашистичката војна и од сите национално ослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.
Имајќи ја предвид оваа одредба од Законот за организација и работа на органите на државната управа во контекст на погоре посочените одредби, Судот смета дека министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за одбрана е овластен да пропише кои форми на воената стручна обука предизвикуваат зголемена опасност за оштетување на организмот и дека не би можело основано да се постави прашањето за неговата уставност.
6. Што се однесува до Правилникот за формите на воено стручната обука кои предизвикуваат зголемена опасност за оштетување на организмот, кој согласно погоре означениот став 4 на член 11 од Законот за правата на воените инвалиди, е донесен од министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за одбрана, Судот оцени дека, не може да се постави прашањето за неговата уставност и законитост од причина што министерот не предвидува задолжение да се врши воено стручна обука, туку таква норма од материјална природа е претходно предвидена (согласно член 20 став 1 алинеја 37 од Законот за одбрана Министерството за одбрана организира и спроведува обука за одбрана), а министерот ги предвидува само формите на воено стручната обука, што е во функција на операционализација на Законот.
7. Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 11 став 1 точка 3 од оспорениот закон, мирновременски воен инвалид е и државјанин на Република Македонија кај кого оштетувањето на организмот најмалку за 20% настапило поради рана или повреда што ја здобил без своја вина за време на стручна обука во организации на Сојузот на резервните воени старешини и во други организации што ќе ги определи министерот за одбрана на Република Македонија ако обуката ја планирал, организирал и контролирал орган на вооружените сили на Република Македонија.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен, меѓу другото, да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа дека со иницијативата се оспорува согласноста на член 11 став 1 точка 3 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци со Законот за одбрана, согласно погоре цитираната одредба од Уставот, прашањето за меѓусебната согласност на законите не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2003
11 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова