142/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица 4 – исток, општина Струга (“Службен гласник на општина Струга” ; бр.20/2003), донесена од Советот на општина Струга под бр.07-377/8 од 14 март 2003 година.
2. Сами Алими и Фикри Алими од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица – 4 на град Струга, била спроведена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова поради тоа што Нацртот на планот кој бил изложен на јавен увид пред граѓаните, предвидувал паркиралиште со капацитет од повеќе возила непосредно до станбените објекти на подносителите на иницијативата и во анкетната постапка и на стручната расправа не било расправно за бришење на предвидениот паркинг, меѓутоа по донесувањето на планот за предметното подрачје, паркингот не бил предвиден. Незадоволни од вака испланираниот простор во кој не бил содржан паркингот за возила, подносителите на иницијативата сметаат дека Д еталниот урбанистички план за урбаната единица – 4 на град Струга, бил донесен во постапка спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и предлагаат Судот да поведе постапка за оценка на законитоста на Одлуката на Советот на општината Струга, со која планот бил донесен.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорената Одлука во членот 1 се определува дека се врши изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица – 4 исток, во општина Струга, а во членот 2 е определено дека планот содржи графички дел, текстуален дел, стручна ревизија и одговор на стручната ревизија, извештај од стручна консултација и извештај од јавна анкета за постапување по забелешките.
Со членот 3, е определен просторот, површината и границите кои ги опфаќа планот, а според членот 4, извештајот од стручната консултација и извештајот од јавната анекта се составен дел на Одлуката. Според членот 5, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за урбаната единица – 4 исток во општина Струга, ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски – подрачната единица во Струга, врз основа на согласноста на Предлог-планот бр.13-426 од 27 јануари 2003 година издадена од Министерството за транспорт и врски. Во членот 6 е утврдено дека планот се заверува со потпис и печат од градоначалникот на општината Струга.
Според членот 7 од Одлуката, оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.
4. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), во членот 1 утврдил дека со овој закон меѓу другото, се уредува планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите и утврдувањето на услови за градба.
Со иницијативата подносителите ја оспоруваат Одлуката на Советот на општина Струга, за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбаната единица – 4 – исток, во општина Струга, поради тоа што постапката за планирање на просторот со наведените измени и дополнувања на планот била водена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, Судот се впушти во преиспитување на законитоста на оспорената Одлука од аспект на постапката за нејзино донесување, во која всушност и се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни.
Судот утврди дека врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) била спроведена постапката за измени и дополнувања на планот и била донесена оспорената Одлука.
Нацртот на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план – урбана единица – 4 – исток во општина Струга, со технички бр.188/2002 бил изготвен од ИН-ПУМА – Институт за урбанизам, сообраќај и екологија, и на истиот била извршена стручна ревизија во јули 2002 година од Јавното претпријатие на Република Македонија за просторни и урбанистички планови. ИН – ПУМА-Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија, како изработувач на планот дал одговор на стручната ревизија во јули 2002 година.
Ова е во согласност со членот 19 од Законот според кој пред организирањето на јавна анкета за нацртот на деталниот урбанистички план, се врши стручна ревизија од страна на стручно-научна институција или комисија што ја определува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.
Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење под бр.13-13103 од 29 октомври 2002 година, на општината Струга, по однос на Нацртот на измените и дополнувањата на планот, со кое се упатува по вградувањето на сугестиите и забелешките од стручната ревизија и стручното мислење на ова министерство, дека може да се пристапи кон дејствијата во постапката за усвојување на планот. Ова стручно мислење е дадено врз основа на членот 11 став 3 од Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови, (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) донесен од министерот за транспорт и врски.
Исто така, Судот утврди дека по утврдувањето на текстот на Нацрт-планот со заклучок бр.23-1253/1 од 25 октомври 2002 година градоначалникот на општина Струга донел Одлука бр.08-1254/1 од 25 октомври 2002година за организирање на јавна анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план за урбана единица-4-исток, во општина Струга, во која било утврдено дека соопштението за организирање на јавна анкета ќе се објави во јавно гласило, анектата ќе трае 10 дена од денот на објавување на соопштението, а ќе се спроведе во период од 30 октомври 2002 година до 8 ноември 2002 година. Главниот архитект на град Струга ќе дава стручни објаснувања во определени денови во работното време, Нацртот на планот ќе биде изложен на јавно место и заинтересираните лица ќе можат да ги даваат своите забелешки на анкетни листови. Соопштението бр.23-1255/1 од 25 октомври 2002 година за спроведување на јавната анкета, со податоците за местото и времето на траењето на јавната анкета, било објавувано во редовните програми на Радио Струга-Струга и ДИ-ЏЕЈ-Радио Струга, секој ден од 30 октомври до 8 ноември 2002 година, според потврдите на овие јавни гласила.
Ова е во согласност со членот 17 став 7 и членот 18 од Законот, според кои градоначаникот на општината по утврдувањето на нацрт-планот од општинската администрација, донесува Одлука за организирање на јавна анкета по нацртот на деталниот урбанистички план, а јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а извештај со образложение за неприфатените забелешки изработува општината.
Исто така, во текот на спроведувањето на јавната анкета, Советот на општината Струга на 6 ноември 2002 година одржал стручни консултации по Нацртот на планот, за предметното подрачје и за измени на плановите за други подрачја, со претставници од повеќе институции кои со мислењата од областа на својот делокруг на работење би придонеле во однос на планирањето и уредувањето на просторот.
Од списите за спроведената јавна анкета, Судот утврди дека биле поднесени поголем број анкетни листови со забелешки на заинтересираните лица за предвидените содржини во Нацрт-планот. Во Извештајот бр.23-1307/2 од 12 ноември 2002 година од Комисијата на општината за разгледување на забелешките се дадени одговори (за прифаќање или за неприфаќање) на приговорите во 101 анкетен лист. По однос на приговорот на Сами Алими од Струга (еден од подносителите на иницијативата) во анкетниот лист бр.69, во кој меѓу другото било изразено барање за опстојување на предвидениот паркинг простор во планот независно од градбите на земјиштето, Комисијата не го прифатила барањето од причини што го удоволила барањето во приговорот на друго лице поднесен во анкетниот лист бр.1, односно прифатила задржување на постојниот објект на земјиштето на кое се предвидувал паркингот.
По однос на овој дел од постапката и начинот на кој таа била спроведена Судот оцени дека е во согласност со одредбите од Законот. Од аспект на прашањата кои се однесуваат за причините поради кои одредени содржини во текот на постапката за донесување на планот се задржуваат или не се задржуваат и за целисходноста на планирањето на просторот, истите не можат да бидат предмет на оценка од страна на Уставниот суд. Имено, самото планирање на просторот кое се врши во постапка и од надлежни органи согласно со закон, по својата суштина е задржување или менување на постојната состојба на просторот според урбанистичките потреби кои не се изолирани од потребите на граѓаните изразени во јавната анкета, заради која цел истата се спроведува.
Исто така, во текот на постапката бил изготвен Предлог-план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбана единица-4-исток, во општина Струга, со тех. бр. 188/2002 од јануари 2003 година, за кој била дадена согласност бр.13-426 од 27 јануари 2003 година од страна на Министерството за транспорт и врски. По оваа фаза на постапката Советот на општината Струга ја донел оспорената Одлука бр.07-377/8 од 14 март 2003 година, објавена во “Службен гласник на општина Струга” бр.20/2003.
Ова е во согласност со членот 22 став 3 и 6 од Законот, според кои општината го донесува деталниот урбанистички план по издавање на согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредување на просторот.
Поаѓајќи од изложената фактичка и правна состојба Судот оцени дека постапката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за урбана единица-4-исток, во општина Струга, била целосно спроведена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, па со оглед на тоа за оспорената Одлука не може основано да се постави прашањето за несогласност со законот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова