126/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 225 став 1 точка 8 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2002; 98/2002; 25/2003).

2. Пеко Милчиноски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, од причина што оспорената одредба не била во согласност со повеќе одредби од Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба се вршела повреда на членот 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот од причина што со неа се ограничувале правата на граѓаните надвор од случаите предвидени со Уставот и се вршела дискриминација на граѓаните по основ на тоа дали се работи за цивилни или воени лица.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба се вршело предвремено пензионирање на работно способни лица чии работни места се задржувале, со што државата го довела подносителот на иницијативата во нееднаква правна положба, со што била сторена повреда на членот 9 став 2 од Уставот. Начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите било повредено и поради тоа што предвремениот престанок на работниот однос бил селективен. Примената на оспорената одредба доведувала до предвремено пензионирање кое оставало трајни последици во психата на подносителот на иницијативата, создавала чувство на пониженост, со што таа длабоко навлегувала во неговиот морален интегритет, поради што не била во согласност со членот 11 ставови 1 и 2 од Уставот.

Примената на одредбата го повредувала принципот на презумпција на невиност на начин што го казнувала подносителот на иницијативата пред да биде утврдена неговата вина. Од тие причини, таа не била во согласност и со членот 13 став 1 од Уставот.

Оспорената одредба не била во согласност и со член 32 став 1 и 2 од Уставот, поради тоа што на тој начин насилно се одземало правото на работа на воените старешини, го повредувала правото на заштита при работењето и на материјална обезбеденост и го повредувала принципот на достапност на секое работно место секому под еднакви услови.

Според подносителот на иницијативата, со воспоставувањето врска меѓу оваа одредба и членот 95 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се скратувал работниот стаж од 40 на 25 години стаж, со што се одземало правото на работа за тие 15 години, а со тоа и правото на пензија во полн износ. Со оглед на тоа што на овој начин се давала можност на Министерот за одбрана (како работодавец) да отпушта работници по потреба на службата, ваквото решение било дискриминаторско по својата природа.

Врз основа на изнесените аргументи, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба треба да се укине, а Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оваа одредба.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорената одредба, на профе- сионален војник и воен старешина му престанува работниот однос во Министерството за одбрана ако исполни услови за пензија согласно со закон – со денот на доставување на конечното решение за престанок на работниот однос.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, како и причините за оспорување наведени во иницијативата, Судот оцени дека подносителот на иниција- тивата и придава поинаква содржина на оспорената одредба, односно дека од неа не произлегува тоа на што укажува и приговара самиот подносител. Според мислењето на Судот, подносителот на иницијативата поаѓа од субјективни оценки и толкувања на содржината на оспорената одредба, на начин кој не кореспондира со нејзината вистинска содржина, како одредба која предвидува престанок на работниот однос со исполнување на условите за пензија предвидени со закон. Причините за оспорување наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на самата одредба од чија содржина не произлегуваат основите на оспорување на кои се повикува подносителот во иницијативата. Оттука, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оценка на оспорената одредба, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.126/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
с.п/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова