149/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на посебните специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должностите) и висината на износот на додатокот на платата, бр. 01-3891/1 донесен од министерот за одбрана на 11 јуни 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2003 и 79/2003).
2. Стојан Маџоски и Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата поднесена од Стојан Маџоски се оспоруваат членовите 3, 4, 5 и 6 од Правилникот. Во иницијативата се наведува дека со членовите 3 и 4 од Правилникот се утврдени должностите на кои им припаѓа додаток на основната плата за специфична воена служба во износ од 40 – 540 бодови. Овие два члена се во спротивност со Законот за служба во Армијата член 150, став 2, според кој овој додаток се вреднува со бодови во зависност од должноста и условите под кои се врши службата и тоа од 50 – 800 бодови. Имено овој член од Законот не му дозволува на министерот за одбрана да определи помал број бодови од 800, как о максимален износ, туку има обврска во рамките од 50 – 800 бодови да ги распореди должностите во зависност од условите под кои се врши службата. На овој начин министерот за одбрана со оспорениот правилник не го почитувал Законот и со него ја поместил границата односно ги намалил максималниот и минималниот износ, утврдени со Законот од 800 бодови на 540 и од 50 на 40 бодови и со тоа го изменил Законот на штета на лицата кои вршат специфична воена служба.
Членот 5 од Правилникот е во спротивност со член 151 од Законот за служба во Армијата, затоа што министерот за одбрана со оспорениот правилник утврдил помал износ на бодови 10 – 60 а со тоа неосновано го изменил Законот кој предвидел 10 – 100 бодови. Исто така, член 5 од Правилникот не е целосен и не ги опфаќа најопасните и најризичните професии, односно работите во услови на зголемен степен на опасност по живот (работите на летачкиот персонал, подобранците и нуркачите), кои се изложени и на можни повреди со трагични последици, како и тоа што нивната работа се врши во услови на бучава, височина, зрачење и температура, што е децидно јасно утврдено во член 32 став 3 од Законот за работни односи, кој гласи: како особено тешки, напорни и тешки по здравјето работи се сметаат “работа на летачкиот персонал”, што значи дека работата на летачкиот персонал е со закон утврдена како особено напорна, тешка и штетна по здравјето што во овој случај не го имал предвид министерот за одбрана при донесувањето на оспорениот Правилник.
Со член 6 од Правилникот се утврдуваат бодовите за додаток на основната плата за вршење на трупна служба во единиците заклучно со бригада, во износ од 40 – 90 бодови, спротивно на член 152 од Законот на служба во Армијата каде бројот на бодовите е определен во износ од 40 – 100 бодови во зависност од должностите.
Понатаму во иницијативата се наведува дека како елемент на плата за постојаниот состав на Армијата со овој правилник не е определен додаток на плата кој припаѓа по член 167 од Законот за одбрана, што е обврска на министерот за одбрана.
Во иницијативата поднесена од Стамен Филипов се наведува дека од оспорениот Правилник не се гледа дека овој Правилник е донесен на предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, како што е наведено во членот 155 од Законот за служба во Армијата, со што се повредени членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 96 од Уставот на Република Македонија, како и членовите 155 и 245 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Понатаму, определените посебни специјалности од особено значење за Армијата во член 2 од оспорениот Правилник не произлегуваат од членот 150 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Според член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Оттаму, со членот 2 од Правилникот се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 51, 68 став 1 алинеја 2, 91 алин еи 1 и 5 и 96 од Уставот на Република Македонија, членот 150 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, како и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Членовите 3, 4, 5 и 6 од Правилникот, се оспоруваат од истите причини наведени во иницијативата на Стојан Маџоски.
Конечно, подносителот на иницијативата Стамен Филипов смета дека членот 7 од Правилникот, според кој Правилникот влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија не е во согласност со член 52 став 3 од Уставот.
Поради изнесеното овој подносител на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник го донел министерот за одбрана врз основа на член 155 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Членот 1 од Правилникот уредува дека со овој правилник се утврдуваат посебните специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должностите) и висината на износот на додатокот на основната плата од членовите 150, 151 и 152 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија во зависност од условите под кои се вршат должностите.
Според членот 2 од Правилникот како посебни специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, согласно член 150 од Законот, се определуваат: должностите на стационарните јазли за врски (Солунска Глава, Водно и Плачковица) и должностите во центарот за електронско разузнавање.
Согласно членот 3 од Правилникот, висината на додатокот на основната плата за специфична воена служба од член 150 од Законот, во зависност од должноста и условите под кои се врши службата се определува во рамки од 50 до 540 бодови.
Според членот 4 од Правилникот висината на посебниот додаток на летачите во вршење на инструкторска должност, наставничка должност или пробни летови, се определува во однос на бодовите за категоријата на стручна и борбена оспособеност на летачот и видот на воздухопловот на кој се врши инструкторската или наставничката должност, односно на кој е извршен пробниот лет и тоа за инструктор на летање 10%, за наставник по летање 20%, а на воените летачи кои вршат испитувања на сериските воздухоплови, за секој извршен пробен лет им припаѓа 10% од бодовите за категоријата на стручна и борбена оспособеност за типот на воздухопловот на кој се врши испитување – проба.
Согласно член 5 од Правилникот, висината на додатокот на основната плата за вршење служба изложена на висок ризик заради работа во услови на зголемен степен на опасност по живот, можни повреди, заболувања и инфекции, во услови на влага, бучава, височина, прашина, зрачење, температура, чад, употреба на хемикалии, работа под земја, затворен простор без природно осветлување и други слични специфични потешки услови за работа чие дејство не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, согласно член 151 од Законот, во зависност од должноста и условите под кои се врши, се определува во рамки од 20 до 60 бодови.
Според член 6 од Правилникот, висината на додатокот на основната плата за вршење трупна служба во единици заклучно со бригада, согласно член 152 од Законот, во зависност од должината, се определува во рамки од 40 – 90 бодови.
Членот 7 од Правилникот определува дека овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Законот за одбрана утврдува дека одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбрана ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.
Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Системот на плати и надоместоци на плати на воените лица е уреден со членовите од 144 до 163 од овој закон.
Според овие одредби од Законот, платата се состои од основна плата и додатоци на основната плата. Основната плата се определува според чинот, должноста на военото лице, работното искуство и армискиот додаток, кои елементи во целост се утврдени со Законот.
Додатоците на основната плата ги сочинуваат: додаток за вршење специфична воена служба, додаток за вршење служба со висок ризик, додаток за вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, при што во Законот се определува максимален број на бодови во чија висина додатоците можат да се движат додатоците.
Согласно член 155 од Законот, овие посебни специјалности во вршењето на служба од особено значење за Армијата, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на основната плата, на предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, со правилник ги утврдува министерот за одбрана.
Врз основа на оваа законска одредба, министерот за одбрана, по предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, го донел оспорениот Правилник.
Во претходна постапка Судот утврди дека началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија со писмо бр.01-452/1 од 25 април 2003 година доставил до Министерството за одбрана Предлог – правилник за утврдување на посебните специјалности од особено значење за Армијата, работните места (должностите) и висината на износот на додатокот на плата во зависнот од условите под кои се вршат должностите.
Со оглед на тоа што Правилникот е донесен согласно член 155 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по претходен предлог од началникот на Генералштабот на Армијата, значи дека тој е донесен според постапката утврдена со закон. Имено, членот 155 од Законот врз основа на кој е донесен Правилникот недвосмислено наложува постоење на предлог од началникот на Генералштабот, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на Правилникот со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 96 од Уставот и со членовите 155 и 245 од Законот за служба во Армијата.
Анализирајќи го оспорениот член 2 од Правилникот во однос на содржината на членот 150 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија Судот оцени дека наводите во иницијативата дека членот 2 од Правилникот не произлегува од членот 150 од Законот не се основани.
Имено, според членот 150 од Законот, додатокот на основната плата за специфична воена служба припаѓа за вршење служба на летачи и друг летачки персонал, воздухопловно технички персонал, припадници на специјални единици, граничари или други посебни специјалности од особено значење за Армијата.
Од наведениот член од Законот произлегува дека законот дозволил додатокот на основната плата да им припаѓа и на други посебни специјалности од особено значење за Армијата, покрај оние кои се веќе наведени.
Од друга страна, според членот 155 од Законот, посебните специјалности од особено значење за Армијата, со правилник ги утврдува министерот за одбрана.
Оттука произлегува дека со членот 2 од Правилникот, министерот за одбрана како посебни специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, согласно член 150 од Законот ги определил и должностите на стационарните јазли за врски и должностите во Центарот за електронско разузнавање.
Според тоа, членот 2 од Правилникот произлегува од членот 150 од Законот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Правилникот со членот 150 од Законот.
Судот, исто така, оцени дека според оспорениот член 2 од Правилникот, министерот за одбрана не утврдува права и обврски за граѓаните ниту, пак, пропишува надлежност на други органи, бидејќи овој член од Правилникот, всушност, е доразработка на одредба од законот, а во врска со системот на плати и надоместоци на плати односно остварување на права од работен однос.
Во однос на наводите во иницијативите доставени од двајцата подносители дека во член 3 точка 3, под 3. г) алинеја 4 од Правилникот спротивно на член 150 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е определен додаток на плата во висина од 40 бодови за помошник механичар на опслужување на летањето, иако најмалиот законски износ на додатокот може да изнесува 50 бодови, Судот утврди дека министерот за одбрана донел Правилник за изменување на Правилникот за утврдување на посебните специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должностите) и висината на износот на додатокот на платите, бр. 01-3891/3 од 27 ноември 2003 година, со кој додатокот на плата за должноста помошник механичар на опслужување на летањето го утврдил во висина од 50 бодови. Со тоа е извршено усогласување на Правилникот со Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Понатаму, во двете иницијативи се тврди дека со членовите 3, 4, 5 и 6 од Правилникот се утврдени бодови под максималниот износ на бодови утврдени со Законот, поради што, според подносителите на иницијативите со овие членови се повредувал уставниот принцип за владеење на правото како и членовите 144 став 1, 151 и 245 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и членовите 5 и 86 од Законот за работните односи.
Во врска со овие наводи, Судот смета дека со оспорените членови 3, 4, 5 и 6 од Правилникот ниту се одземени ниту се ограничени права од работен однос.
Имено, според Судот, Законот за служба во Армијата на Република Македонија ја утврдил рамката на бројот на бодовите (најнискиот и највисокиот број на бодови 50-800 или 10-100) за остварување на правото на одредени додатоци на платата во зависност од условите под кои се вршат должностите.
Од содржината на оспорените одредби од Правилникот, евидентно е дека бројот на бодовите се определени во законските рамки. Тоа што во Правилникот не се дадени максималните законски предвидени 800 или 100 бода се должи на извршените сеопфатни анализи на условите под кои се вршат специјалните должности, како и на финансиските можности.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените членови 3, 4, 5 и 6 од Правилникот.
Во однос на наводите во иницијативата на Стамен Филипов дека одредбата од член 7 од Правилникот според која истиот влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” е во спротивност со член 52 став 3 од Уставот, Судот оцени дека се неосновани.
Имено, согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и прописите се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 3 законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Оттука може да се констатира дека уставната одредба за објавување на Правилникот е исполнета, а дека обврската за Вацатио легис од член 52 став 3 од Уставот, се однесува на законите, а не и на другите прописи, како што е Правилникот.
Поради тоа, Судот оцени дека неможе основано да се постави прашањето за согласноста на членот 7 од Правилникот со членот 52 став 3 од Уставот.
Во однос на тврдењето во иницијативата на Стојан Маџоски дека со оспорениот Правилник не бил определен додаток на плата кој припаѓал по член 167 од Законот за одбрана Судот укажува дека со овој Правилник се утврдуваат посебните специјалности од особено значење за Армијата на Република Македонија, работните места (должностите) и висината на износот на додатокот на основната плата од членовите 150, 151 и 152 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија во зависност од условите под кои се вршат должностите.
Од наведениот член од Правилникот очигледно е дека со овој Правилник се утврдува висината на износот на додатокот на основната плата од членовите 150, 151 и 152 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, а ова овластување произлегува од членот 155 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Според тоа, додатокот на плата кој припаѓа по член 167 од Законот за одбрана, не е предмет на уредување на овој Правилник.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Решението за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
Во однос на неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 3, 4, 5 и 6 од Правилникот одделно, Судот го донесе решението со мнозинство гласови во истиот состав.

У.бр.134/2003
У.бр.149/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова