Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 декември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на
а) Ристевски Пеце, Ристевски Стефан и Ристевски Зоран од Битола за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрна на дискриминација по основ на социјална припадност на човекот и граѓанинот и
б) ПП Ротекс од Битола кое не претставува правен субјект во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
2. Ристевски Пеце, Ристевски Стефан и Ристевски Зоран од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, загарантирани со Уставот на Република Македонија.
Според наводите во барањето нивните слободи и права биле повредени по основ на социјална припадност утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, член 1 од глава И од Протоколот кон Европската Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи како и членовите 3 и 6 од оваа Конвенција.
Како материјални основи за поднесување на иницијативата, ги наведуваат еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, забраната на нечовечкото и понижувачкото постапување, еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, заштитата на сопственоста во рамките на законски утврдените норми и правото на правично судење.
3. Судот на седницата утврди дека во повеќе наврати, расправал по барања поднесени од Пеце, Стефан и Зоран Ристевски од Битола, но дека истите ги отфрлал од причини што не утврдил постоење на никакво привилегирање, односно дискриминација по основ на социјална припадност.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 110 алинеја 3 од Уставот, е предвидено дека Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Поаѓајќи од наводите содржани во барањето на подносителите на иницијативата, а имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека во случајов со барањето е изразено само начелно повикување за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот со намера Уставниот суд да се впушти во одлучување во конкретна работа од надлежност на судовите и во тие рамки наспроти одлуките кои се веќе донесени од надлежните судови, дирекно со своја одлука да определи обесштетување на барателите поради, како што се наведува дискриминаторско однесување на судовите кон нив.
Меѓутоа, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е во позиција на инстационо повисок суд да одлучува во конкретна работа која е во надлежност на судовите. Ова особено и поради тоа што подносителите на иницијативата постоењето на елементи на социјална дискриминација во одлуките на надлежните судови по конкретно изложениот предмет, главно ги изразуваат со посочување само на сопствени констатации дека судовите погрешно го применувале законот на нивна штета и неправилно ги воделе постапките и како последица на тоа на барателите им била предизвикана имотна штета и повреда на сопственичките права, што воопшто не може да се смета, само по себе, за вистинито и релевантно при ценењето за постоење на повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и одредбите од членот 6 и членот 13 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи дека секој има право на правилна судска постапка на какви и да било кривични обвиненија и дека секој кому му се повредени правата и слободите предвидени во оваа Конвенција треба да располага со ефикасен правен лек пред националните власти, без оглед што повредите ги извршиле лица кои постапувале во службено својство и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата со кој е об езбедена заштитата на имотот (сопственоста), на кои норми се повикуваат подносителите на иницијативата, Судот оцени дека барањето во предлогот по својата суштина не претставува барање за уставна заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, туку тоа е конкретно барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странки по конкретен предмет од надлежност на судовите, за кое овој Суд не е надлежен да одлучува.
5. Што се однесува до барањето за заштита на правата и слободите на човекот и граѓанинот на Република Македонија, загарантирани со Уставот, поднесено од ПП Ротекс – Битола, Судот оцени дека претпријатие како правен субјект не може да бара заштита на човековите права и слободи, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по истото. Од тие причини, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, ова барање го отфрли.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 под а) и б) од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.188/2003
24 декември 2003 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова