Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 14 став 4 во делот “од Владата на Република Македонија” од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од Мухамед Халили, Рамадан Назифи, Сејдали Салиу, Сали Абази, Џеват Халили, Џевахир Џемаили, Јакуп Реџепи, Рами Режеви, Екрем Ебиби, Мухарем Јусуфи и Ханиф Даути, вработени во Министерство за надворешни работи и Здружението на граѓани за заштита на човековото достоинство и професијата во јавната управа и јавните служби со решение У.бр.151/2003 и У.бр.173/2003 од 15 октомври 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 14 став 1 во наведениот дел од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во член 14 став 4 од Законот за извршување на Буџетот за 2003 година е предвидено “на раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата на Република Македонија кај буџетските корисници, кои живеат во една, а работат во друга општина, доколку не остваруваат право на надоместок на трошоци за одвоен живот, им следува надоместок за превоз во висина на стварните трошоци за превоз за најевтиното превозно средство од јавниот сообраќај кое овозможува навремено пристигнување и заминување од работа”.
5. Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законот.
Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Во членот 51 став 1 од Уставот е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
6. Според член 6 точка 1 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003) државните службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат се класифицираат во следниве групи и звања:
И. раководни државни службеници
ИИ. стручни државни службеници
ИИИ. стручно административни државни службеници.
Според точката 2 на член 6 раководни државни службеници се: генерален секретар односно државен секретар, државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор и раководител на одделение.
Во член 2 од Законот за изменување на Законот за државните службеници (” Службен весник на Република Македонија” бр.98/2003), со кој се менува член 85, е предвидено дека раководните работници именувани според Законот за органите на управата со денот на влегување во сила на овој закон, стекнуваат звање согласно со член 6 од овој закон и ќе примаат плата соодветно на звањето и работното место на кое се распоредени согласно со актот за систематизација на работните места, според постојниот начин на исплата на плати во органите од член 3 на овој закон се до отпочнувањето на примена на системот на плати утврден согласно со овој закон.
Имајќи ги предвид одредбите од член 9, член 32 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија, одредбите од Законот за државните службеници, содржината на член 14 став 4 од З аконот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година, како и фактот што принципот на еднаквоста подразбира со еднаквите еднакво да се постапува, Судот оцени дека со наведената одредба која се однесува само на некои корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, односно само за раководни работници и раководни државни службеници именувани од Владата, а не и раководни работници и раководни државни службеници именувани од Собранието, Претседателот на Републиката, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Агенцијата за државни службеници, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство кои се во иста положба, а остваруваат средства од ист извор се доведува во прашање принципот на еднаквоста.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.151/2003 и У.бр.173/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова