У.бр.179/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” ; бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за решавање на судирот на надлежности, за изземањето на службените лица и органите надлежни за решавање по жалба во управната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.22/1978).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.179/2002 од 12 и 13 ноември 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членовите 1, 2, 3 и 4 од оспорениот закон се определува кој треба да одлучува кога постои судир на надлежности: меѓу органите на управата на иста општина или на иста градска заедница (извршниот совет на собранието на општината, односно на собранието на градската заедница); меѓу самоуправните организации и заедници основани на подрачје на иста општина, односно на подрачје на иста градска заедница кога во вршење на доверените овластувања решаваат во поединечни управни работи за права и обврски како и за судирите меѓу тие организации и заедници и органите на управата на и ста општина, односно на иста градска заедница (извршниот совет на собранието на општината, односно извршниот совет на собранието на градската заедница); меѓу републичките органи на управата и републичките организации, како и меѓу републичките организации (Извршниот совет на Собранието на СРМ); меѓу организациите што вршат работи од општ интерес за Републиката, самоуправните организации и заедници основани на територијата на Републиката (Извршниот совет на Собранието на СРМ); меѓу собранијата на општините (Извршниот совет на Собранието на СРМ).

Согласно членот 5 на овој закон, судирите на надлежности кои, како такви, не се предвидени со овој закон и за кои не е определена надлежност на друг орган, ги решава Врховниот суд на Република Македонија.

Согласно членот 6 од Законот, за управна работа е надлежен да решава орган на управа, а решението во управна постапка го донесува функционерот што раководи со органот на управата, ако со прописите за организација на тој орган или со други прописи не е определено поинаку.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува функционерот што раководи со органот на управата да може да овласти друго службено лице на истиот орган за решавање во управните работи од определен вид на работи, а според ставот 3 на истиот член од Законот, овластувањето го опфаќа и водењето на постапката што му претходи на решавањето.

Членот 7 од Законот го регулира прашањето за тоа кој одлучува за изземање на функционерите на одделни управни органи. Така, за изземање на службено лице на републички орган на управата одлучува функционерот што раководи со тој орган на управа; за изземање на функционер што раководи со орган на управата, во состав на републички орган на управата, одлучува функционерот што раководи со републичкиот орган на управата; за изземање на функционер што раководи со републички орган на управата одлучува Извршниот совет на Собранието на СРМ; за изземање на службено лице на колегијален републички орган на управа одлучува претседателот на тој орган, а за изземање на член на републички колегијален орган на управа одлучува Извршниот совет на Собранието на СРМ и за изземање на службено лице, односно функционер што раководи со општински орган на управа или со орган на управа на градската заедница, одлучува органот определен со пропис на соодветната општина, односно градска заедница.

Членот 8 од Законот го уредуваат прашањето за надлежноста на органите за одлучување во втор степен кога во прв степен решавал извршниот совет на собранието на општината, по жалба против решението на тој орган решава Извршниот совет на Собранието на СРМ, или органот што тој ќе го определи.

Согласно членот 9 од Законот кога во прв степен решава општински орган на управата, односно орган на управата на градска заедница, по жалба против решението на тој орган решава соодветниот републички орган на управата, доколку со посебен закон поинаку не е определено.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека по жалба против првостепеното решение на републички орган на управа, кој е во состав на друг орган на управата, решава органот во чиј состав е органот што го донел решението, освен ако со посебен пропис не е определено по жалба да решава друг орган.

Членот 10 од Законот го регулира прашањето во врска со давање помош на органите што работат на решавањето на управните работи во смисла што го овластуваат републичкиот секретар за законодавство и организација да пропише обрасци за покани, доставници, наредби за доведување, записници и сл.

Последниот член 11 од Законот содржи одредба за негово влегување во сила (осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на СРМ).

5. Судот утврди дека овој закон влегол во сила на 24 јуни 1978 година. Од тогаш не е менуван, не е дополнуван и не е оспорувана неговата уставност.

Законот ни суштински ни терминолошки не соодветствува на правниот поредок на Република Македонија, во кој не постојат градски заедници, извршни совети на собранија на општините, ниту собранија на градските заедници, самоуправни организации и заедници и сл.

Исто така, Законот содржи решенија за судир на надлежност меѓу одделните органи во органот на управата кои веќе не егзистираат во правниот поредок на Република Македонија.

Последното прашање што овој закон го уредува е прашањето за одлучување по жалба против решението на првостепениот орган на управа во смисла што надлежноста во такви случаи ја префрлува на Извршниот совет на Собранието на СРМ и сл.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок е владеењето на правото.

Во тој контекст со Уставот на Република Македонија организацијата на државната власт, односно на органите на управата е поставена на поинаков начин. Така, еден од органите на државната власт е Собранието на Република Македонија кое е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Република Македонија (член 61 од Уставот).

Потоа, претседателот на Република Македонија, како орган на државната власт, ја претставува Републиката и воедно е врховен командант на вооружените сили на Република Македонија.

Владата на Република Македонија како орган на државната власт, е носител на извршната власт (член 88 од Уставот).

Согласно член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Судската власт, согласно член 98 од Уставот, ја вршат судовите кои, како независни и самостојни органи на државната власт, судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани со закон.

Јавното обвинителство, како орган на државната власт, е единствен и самостоен државен орган кој ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Согласно член 114 од Уставот, единици на локалната самоуправа се општините.

Од наведените уставни одредби произлегува дека концептот на Уставот е суштински поинаков од оној на Уставот на СРМ од 1974 година, за време на чие важење е донесен оспорениот закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди овој закон, всушност, е неприменлив во правниот поредок на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.179/2002
17 декември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова