72/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот за трансформација на Заводот за платен промет (” Службен весник на Република Македонија” бр. бр.32/2001, 50/2001, 103/2001 и 37/2002) и Тарифата за надоместоците за вршење на услугите на Агенцијата за работа со блокирани сметки.
2. Илко Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 11 од Законот и Тарифата означени во точката 1 од ова решение.
Членот 11 од Законот се оспорува затоа што во него не било предвидено Агенцијата за работа со блокирани сметки во случај на прилив на средства на жиро сметка да ги плаќа придонесите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување. Поради тоа, Агенцијата прво барала да се плати голема казна (тарифа), па потоа, откако сметката ќе мигрирала во некоја од банките, таа банка ќе можела да ги плати овие придонеси. Сето ова било регулирано со членот 11 од Законот, член 5 од Одлуката и Тарифникот.
Со оглед на тоа што Република Македонија според Уставот била социјална држава, според подносителот логично било најпрво да се подмират придонесите, а потоа, ако имало пари да се наплатуваат казни, како што впрочем работел поранешниот Завод за платен промет.
3. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот, наплатата на придонесите од плати за сметка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за здравство – Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Заводот за вработување на Република Македонија, од Заводот се пренесуваат на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи,со пренесување на жиро-сметките во банките.
Во однос на Тарифникот, кој исто така се оспорува во иницијативата, Судот го утврди следното:
Во членот 5 од Одлуката за основање на Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2001), меѓу другото, е утврдено дека Агенцијата наплатува надоместок за услугите според Тарифа на која согласност дава Владата на Република Македонија, а во случај на недостиг на сопствени приходи, средства се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Во Тарифата која е донесена согласно наведениот член од Одлуката, се утврдени износите на надоместоците што Агенцијата ги наплаќа одделно за секој вид на услуги што таа ги врши на корисниците од доменот на нејзината надлежност и тоа: за водење на немигрирани и блокирани сметки по 1000,00 денари месечно за една сметка, за миграција на сметки во банка по 7000,00 денари; за работење со средствата на сметките (прилив и одлив на средствата) по 1%, плус 100 денари по трансакција и провизија која ја наплаќа банката; за и звршување на судски одлуки, решенија и други налози за извршување на побарувања по 300 денари од одлука, решение или налог и др.
Во врска со надоместокот утврден за мигрирање на сметките во тарифната ставка 2 од Тарифата, Владата на Република Македонија има донесено Одлука за ослободување од плаќање на овој надоместок (“Службен весник на Република Македонија” бр.77/2002).
4. Согласно член 110 алинеа 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што со иницијативата членот 11 од Законот се оспорува затоа што не содржел одредби за кои подносителот смета дека треба да бидат содржани, а не се оспорува неговата содржина, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето во иницијативата за оценување на уставноста на овој член од Законот.
Ова особено и од причини што предмет на уредување на членот 11 од Законот е наплатата на придонесите од плата само по пренесување на жиро-сметките во банките, а не и од сметките на учесниците во платниот промет кои поради нивно блокирање до определениот рок во Законот не биле пренесени во банките, но се преземани од Агенцијата за работа со блокирани сметки. Затоа, според мислењето на Судот сосема логично е што во овој член од Законот не е предвидена, ниту можело да се предвиди надлежност, односно обврска на Агенцијата да врши наплата на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, за што се залага подносителот на иницијативата.
Што се однесува до наводите во иницијативата со кои се бара Уставниот суд да ја укине Тарифата за надоместоците за вршење на услугите на Агенцијата за работа со блокирани сметки, Судот оцени дека и ова барање излегува надвор од неговата надлежност, бидејќи Тарифата ниту по форма, ни по содржина, не претставува друг пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија за чија уставност и законитост одлучува Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.72/2003
10 и 11 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова