У.бр.158/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (” Службен весник на Република Македонија” бр.46/2002).

2. Синдикалната организација на општина Штип-локална самоуправа, претставувана од претседателот на истата Соња Китановска, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со бришењето на зборовите “2001 година за корисниците на Буџетот на Република Македонија” и нивното заменување со зборовите “2002 година и натаму за корисниците на”, како и со додавањето на ставот 3 и ставот 4, се прав ел исклучок во смисла што право на зголемување на платите за месец јуни 2002 година, им се давало само на корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени организации, додека на останатите буџетски организации (меѓу кои и единиците на локалната самоуправа) им се одземало правото да извршат корекција на платите.

Со ваквото законско решение, според подносителот на иницијативата, се повредувала уставната одредба од член 9 став 2 според која граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од оспорениот закон, во Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94, 62/95, 33/97, 50/2001 и 26/2002), во членот 3 став 2 зборовите: “2001 година за корисниците на Буџетот на Република Македонија” се заменуваат со зборовите: “2002 година и натаму за корисниците на”.

Со ставот 2 од овој член на оспорениот закон, се уредува дека по ставот 2 се додаваат два нови става 3 и 4, кои гласат:

“По исклучок од ставот 1 на овој член, корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установи правото на нето платите за месец јуни 2002 година, го утврдуваат до висината на правото утврдено за последниот месец за кој извршиле исплата согласно со овој закон и зголемено до нивото на обезбедените средства од Буџетот на Република Македонија, односно од Фондот за здравствено осигурување.

Правото за исплата на нето платите од став 3 на овој член кај корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установи за месец јули 2002 година и натаму, не може да биде повисоко од правото утврдено за месец јуни 2002 година”.

Членот 2 од овој Закон го уредува прашањето за влегување во сила на истиот.

4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Републиката, согласно член 115 став 3 од Уставот, со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот, Судот оцени дека во случај кога Републиката и доверува вршење на определени работи на општината таа и доделува и средства за да ги изврши тие работи.

Инаку, согласно член 11 од Законот за локалната самоуправа (кој спаѓа во главата – финансирање на општината) во ставот 1 е предвидено дека во согласност со економската политика на државата, општината се финансира од сопствени извори на приходи и други извори на финансирање, а според став 8 на овој член од Законот, финансирањето на општината се уредува со закон.

Според Буџетот на Република Македонија за 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.106/2001 и 46/2002), единиците на локалната самоуправа не се буџетски корисници на овој буџет.

Според членот 2 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, работодавецот нето платите ги исплатува во согласност со колективен договор и овој закон, доколку со друг закон поинаку не е утврдено.

Согласно членот 3 од Законот работодавецот од член 2 на овој закон, нето платите за месец јули 2001 година и натаму ги исплатува до висината на правото што го утврдил за последниот месец за кој извршил исплата согласно со овој закон во рамките на обезбедените средства и зголемено најмногу до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец.

По исклучок од став 1 на овој член правото за исплата на нето платите за 20 02 година и натаму за корисниците на буџетите на локалната самоуправа, буџетите на: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Фондот за патишта, Фондот за води, Фондот за заштита и унапредување на животната средина и природата и Заводот за вработување на Република Македонија, не може да биде повисоко од правото утврдено за месец декември 2000 година.

По исклучок од ставот 1 на овој член, корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавн ите здравствени установи правото на нето платите за месец јуни 2002 година, го утврдуваат до висината на правото утврдено за последниот месец за кој извршиле исплата согласно со овој закон и зголемено до нивото на обезбедените средства од Буџетот на Република Македонија, односно од Фондот за здравствено осигурување.

Правото за исплата на нето платите од став 3 на овој член кај корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установи за месец јули 2002 година и натаму, не може да биде повисоко од правото утврдено за месец јуни 2002 година.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, според Судот општината нема статус на корисник на Буџетот на Република Македонија, поради што се неосновани и наводите во иницијативата, дека општината со оспорените законски одредби е ставена во нерамноправна положба во однос на другите корисници на Буџетот на Република Македонија, во смисла што таа не може да изврши зголемување на платите за месец јуни 2002 година, каква што можност на буџетските корисници им дава Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите.

Според мислењето на Судот, оспорениот закон го уредува прашањето на нивото и динамиката на исплатата на платите во Република Македонија на корисниците на Буџетот на Република Македонија и јавните здравствени установи, предвидувајќи одделни корекции за 2002 година во однос на 2001 година, не навлегувајќи во финансирањето на јавните потреби на другите субјекти, меѓу кои и на единиците на локалната самоуправа, кои не се корисници на Буџетот на Република Македонија. Според тоа, во рамки на расположивите билансни можности законодавецот користејќи го своето право, извршил одделни корекции во исплатата на платите кај буџетските корисници, со што не се повредува приницпот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2002
19 ноември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова