7/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 51 во делот “општ повик или” и членот 89 во делот “или општиот повик” од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата “општиот повик” како начин на повикување на граѓаните за извршување на правата и должностите во остварувањето на одбраната на Републиката не би можел повеќе да се применува, затоа што истиот не бил сигурен и тешко се докажувал во практиката во смисла дали воениот обврзник е уредно повикан, а како институт претставувал одамна минато време.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 51 од Законот регрутната обврска се состои од должност за јавување на општиот повик или поединечна покана во врска со воведување во воена евиденција, лекарски и други прегледи и психолошки испитувања, регрутирање и упатување на служење на воениот рок.
Исто така, Судот утврди дека согласно членот 89 од овој закон граѓаните повикани од надлежен орган за извршување на правата и должностите од член 2 на овој закон се должни да се јават на органот, во место и време означени во поединечната покана или општиот повик.
4. Согласно член 28 став 1 од Уставот одбраната на Републиката е право и должност на секој граѓанин.
Согласно ставот 2 на овој член, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Од анализата на оваа одредба произлегува дека Уставот упатува законодавецот да ги уреди условите и начинот на остварувањето на ова право и должност на одбрана на Републиката.
Согласно оваа уставна одредба е донесен Законот за одбрана со кој одбраната на Република Македонија е организирана како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката.
Притоа во главата ИИ , во член 2 законодавецот ги определил правата и обврските на граѓаните во одбраната, предвидувајќи ги како такви: извршувањето на воената обврска; учествувањето во цивилната заштита; извршувањето на работна обврска и извршувањето на материјална обврска.
Потоа, законодавецот го расчленува извршувањето на воената обврска како: регрутна обврска; обврска за служење на воениот рок; обврска за служење во резервниот состав на Армијата и евиденција на воените обврзници.
Оспорениот член 51 од Законот спаѓа во главата со која се регулира регрутната обврска, а оспорениот член 89 од Законот спаѓа во главата која го уредува прашањето за евиденцијата на воените обврзници.
Членот 51 од овој закон го содржи институтот “општ повик” со цел воведување во воената евиденција, лекарски и други прегледи и психолошки испитувања, регрутирање и упатување на служење на воениот рок. Членот 89 од Законот го содржи институтот “општ повик” во смисла на обезбедување на правата и должностите на граѓаните, предвидени во членот 2 од Законот, да се јават на органот во местото и времето означени во поединечната покана или општиот повик предвидени во членот 2 од Законот.
Со други зборови, законодавецот го употребува општиот повик како инструмент за реализирање на правата и обврските на граѓаните за одбрана на Републиката.
Од овие одредби, исто така, произлегува дека законодавецот, заради обезбедување извршување на правата и обврските на граѓаните во одбраната дозволува да се користи или поединечна покана или општ повик, или и едното и другото, а кој од овие инструменти ќе се примени во дадената ситуација, ќе зависи од проценката на надлежните органи.
Инаку, законодавецот во главата: “Казнени одредби”, не го предвидел неотповикување на општиот повик како прекршок, туку како таков го предвидел само неотповикувањето на поединечна покана, што наведува на заклучок дека општиот повик е ставен во функција на инструмент на олеснување на извршувањето на обврските на граѓаните, без казнено правни импликации.
Имајќи го предвид изнесеното Судот оцени дека е право на законодавецот да го определи начинот на повикување на граѓаните да ги исполнуваат своите обврски во одбраната, па и општиот повик, доколку оцени дека со тоа ќе се обезбедат интересите на безбедноста во Републиката и благовремено интервенирање во дадената ситуација. Поради тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со означените членови на Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2002 и У.бр.7/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова