Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Буџетот на единицата на локалната самоуправа Делчево за 2003 година, усвоен со Одлука на Советот на општината Делчево, бр.07-245 од 31 март 2003 година и на Одлуката за извршување на Буџетот на единицата на локалната самоуправа Делчево за 2003 година бр. 07-246 од 31 март 2003 година, донесена од Советот на општина Делчево.
2. Илчо Илиев, градоначалник на општина Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актите донесени од Советот на општината Делчево кои се означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Буџетот на општината Делчево за 2003 година бил донесен од страна на Советот на општината Делчево спротивно на одредбите од членовите 4-ѓ и 4-е од Законот за буџетите, бидејќи не ги содржел износите на средства од Програмата за комунални работи и уредување на градежно земјиште и Програмата за изградба и одржување на локални патишта и улици, и на тој начин му било оневозможено на градоначалникот на општината како единствен потписник на жиро сметката на Буџетот на општината, да управува со вкупните приходи на општината.
Како последица на вака донесениот буџет исто така во Одлуката за извршување на Буџетот за 2003 година, не било определено кој ќе го извршува буџетот во однос на приходите од Програмата за комунални работи и уредување на градежно земјиште и Програмата за изградба и одржување на локални патишта и улици. Со оглед на тоа во иницијативата се наведува дека Градоначалникот на општината донел решение бр.08-294/1 од 10 април 2003 година за запирање на објавување на оспорените акти во “Службен гласник на општина Делчево” .
Поради изнесениве причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорените акти донесени од Советот на општината.
3. Судот на седницата утврди дека Буџетот на општина Делчево за 2003 година е усвоен од Советот на општина Делчево на Дваесет и првата седница одржана на 31 март 2003 година со Одлука под бр.07-245 и на истата седница Советот на општината донел Одлука под бр.07-246 за извршување на Буџетот на ЕЛС Делчево за 2003 година. Исто така, Судот утврди дека овие акти не биле објавени во ” Службен гласник на општината Делчево”.
4. Според членот 36 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), во надлежност на советот на општината е донесувањето на буџет на општината и годишна сметка на општината, кои согласно членот 48 став 3 од овој Закон ги потпишува претседателот на советот и ги доставува на градоначалникот заради објавување.
Согласно членот 50 став 1 точка 3 од овој Закон, во надлежност на градоначалникот е да ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината. Исто така, согласно одредбите од точката 7 на членот 50 став 1 од овој Закон и членот 4-ж од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93, 71/96, 46/2000, 11/2001, 93/2001, 46/2002 и 24/2003), градоначалникот го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината и е одговорен за изготвување и доставување на буџетот до Советот на единицата на локалната самоуправа за донесување.
Во делот на одредбите од Законот за локална самоуправа кои се однесуваат на органите за вршење на надзор, во ставот 3 од членот 70 е пропишано дека контрола на материјалното и финансиското работење на општината врши Министерството за финансии.
Според членот 51 од овој Закон ако градоначалникот смета дека прописот не е во согласност со Уставот или законите, должен е во рок од 7 дена од денот на доставувањето, со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето, а советот е должен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението истото да го разгледа и да одлучи по него. Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
Од увидот во списите при утврдувањето на фактичката состојба Судот утврди дека градоначалникот на општината Делчево на 26 март 2003 година доставил до Советот на општината Делчево Предлог-буџет за 2003 година и Советот на општината на седница одржана на 31 март 2003 година ги донел оспорените акти односно Одлуката за усвојување на буџетот на општината за 2003 година и Одлуката за извршување на буџетот за 2003 година, меѓутоа со решение бр.08-294/1 од 10 април 2003 година градоначалникот го запрел објавувањето на овие акти во службено гласило на општината. Потоа, Советот на општината Делчево постапувајќи согласно одредбите од членот 51 од Законот за локалната самоуправа, на седница одржана на 10 јули 2003 година, донесол Одлука бр.07-484 со која ја потврдил Одлуката за усвојување на буџетот на општината Делчево за 2003 година и Одлука бр.07-485 со која ја потврдил Одлуката за извршување на овој буџет.
Со оглед на ваквата фактичка состојба каде оспорените акти биле потврдени од Советот на општината, но тие и покрај тоа не биле објавени во “Службен гласник на општината”, како што тоа е пропишано во членот 51 став 3 од Законот за локална самоуправа, Судот оцени дека во случајов оспорените акти не се влезени во сила и како такви не претставуваат прописи подобни за уставно-судска оценка.
Согласно членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Врз основа на изнесеното а согласно членот 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, се одлучи како во точката1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.139/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова