121/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2002).
2. Томе Тодоровски од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот за адвокатурата означена во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија. Така, со овластувањето дадено на Управниот одбор на Адвокатската комора да ја утврди висината на коморскиот уписен влог, се создавала можност од злоупотреба и нарушување на еднаквата правна положба на граѓаните. Со различно утврдената висина на овој влог во различен временски период, се создавала нееднаквост меѓу адвокатите кои се запишале порано (кои плаќале симболична сума на име коморски уписен влог) и оние кои се запишуваат според постојната висина на коморскиот уписен влог.
Исто така, според подносителот на иницијативата со несразмерно и непримерно утврдената висина на коморскиот влог (премногу висока) се создавала можност, адвокатската професија да добие елемент на затворена, ексклузивна професија која може да ја вршат само побогатите дипломирани правници (кои може да ги платат сегашните 1.000,00 евра во денарска противредност). Оттука, подносителот смета дека со непредвидувањето некакви мерила или вредносни критериуми врз основа на кои треба да се утврди висината на влогот, се нарушувал принципот на достапност на секое работно место секому под еднакви услови, утврден во членот 32 став 2 од Уставот на Република Македонија. Како илустрација, во иницијативата се наведени следните критериуми кои одредбата би требало да ги содржи, а со цел да се избегнат можностите од злоупотреба: движењето на стандардот на населението, платите, цените, просечно остварената плата итн.
Од тие причини, подносителот смета дека оспорената одредба треба да се укине и отстрани од правниот поредок.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 36 од Законот, висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската Комора на Република Македонија и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Исто така, Судот утврди дека со решение У.бр.51/2003 од 15 април 2003 година, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка, меѓу другото, за оценување на уставноста на членот 36 во делот “на коморскиот уписен влог” од Законот за адвокатурата. Како причина за оспорување било истакнато дека таквото законско решение оставало можност за злоупотреби и нарушување на уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2) и за повреда на принципот на достапност на секое работно место секому под еднакви услови (член 32 став 2). На овој начин се создавала можност Адвокатската комора да ја искористи (злоупотреби) монополската положба која по сила на нештата ја уживала. Разгледувајќи ја уставната оправданост на оваа одредба, Судот утврдил дека коморскиот уписен влог е еден од начините на финансирање на Комората, а законското овластување дадено на Управниот одбор на Комората да одлучува за неговата висина е во согласност со принципот на самостојност и независност на адвокатурата како јавна служба, утврден во член 53 од Уставот на Република Македонија. Фактот што Законот ја обврзува Комората да ја објави висината на коморскиот уписен влог во “Службен весник на Република Македонија”, Судот го оценил како елемент на транспарентност што Законот сака да ја постигне во работата на Комората. Исто така, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на оваа одредба и во однос на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, затоа што според неговото мислење овој принцип подразбира еднаква положба на граѓаните според закон што е во сила, а не според закон што престанал да важи и поинаку ги регулирал конкретните состојби. Овој аргумент Судот го изнел во однос на наводите на иницијативата според кои ново воведениот коморски уписен влог кој е со поголема висина од оној што постоел во минатото ги дискриминира и ги доведува во неповолна положба оние кои бараат упис во Именикот на адвокати според постојниот закон во однос на порано запишаните адвокати кои плаќале помал влог или воопшто не плаќале никаков влог.
Од тие причини Судот оценил дека нема основ за поведување постапка за оценување на уставноста, меѓу другото, на членот 36 од Законот за адвокатурата.
Покрај тоа, со одлука У.бр.51/2003 од 22 мај 2003 година, Судот ги укина членовите 69 став 1, во делот “плаќа коморски уписен влог” и членот 84 од Статутот на Адвокатската Комора на Република Македонија, кои според мислењето на Судот го утврдиле плаќањето на коморскиот уписен влог како дополнителен услов за издавање на лиценцата за работа, односно услов за вршење на адвокатската професија. Со оваа одлука Судот утврдил дека плаќањето на коморскиот уписен влог не може да претставува посебен услов за добивање лиценца за работа, од причина што тоа не произлегува од Законот за адвокатурата.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, Судот оцени дека се работи за иницијатива со која се оспорува ист член од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оценка на Судот кој со решението У.бр.51/2003 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член. При тоа, во ова решение, Судот постапувал по иницијатива која ја оспорувала одредбата од членот 36 од Законот за адвокатурата од истите причини кои се наведени и во конкретниот случај.
Оттука, со оглед на тоа што Судот веќе еднаш одлучувал за истата работа и утврдил отсуство на елементи за неуставност на предметната одредба, а во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети процесните претпоставки да се отфрли иницијативата согласно членот 28 став 2 од Деловникот на Судот.
Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба не содржела мерила, критериуми и вредности врз основа на кои Комората ќе можела да ја утврди висината на коморскиот уписен влог, според мислењето на Судот се работи за барање за оценка на уставност на прашања кои не се содржани во оспорената одредба. Оценувањето на прашања кои не се содржани во одредбата, односно оценување дали одредбата треба да содржи нешто што според подносителот требало да содржи излегува надвор од надлежностите на Судот. Оттука, Судот оцени дека и од овој аспект иницитивата треба да се отфрли.
5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова – Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
с.п/л.а