32/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за Градска четврт “Буњаковец И ” – Скопје бр.07-952/1 од 8.07.2002 година, донесена од Советот на општина Центар (“Службен гласник на град Скопје” бр.9/02).
2. Ленче Аврамова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Во иницијативата, а подоцна и во дополнувањето на иницијативата, се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, со Генералниот урбанистички план на град Скопје, со барањата во Програмата за содржината на Планот и со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и дека истата стапила во сила со незаконски измени извршени по истекот на рокот за доставување забелешки од страна на граѓаните.
Во тој контекст прво се наведува дека при јавната анкета и увидот во Нацртот на овој детален урбанистички план од 12.02.2002 година на КП.10147 немало предвидено нов објект, поради што подносителката како сосопственик на оваа парцела не дала забелешка.
На 7 и 8 јуни 2002 година на повторен увид бил ставен нов Нацрт-урбанистички план, во кој што на наведената парцела бил внесен нов објект 4.2.23., за кој немало услови и законска основс да се изгради. Во оваа фаза на граѓаните не им било дадено образложение зошто се направени овие измени во планот.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека во споменатиот урбанистички план во однос на објектот 4.2.23. не само што не била почитувана процедурата, но не биле почитувани ни стандардите и нормативите за планирање на просторот што се однесувале на минималното растојание меѓу станбените објекти, на коефициентот на искористување на земјиштето, процентот на изграденост и сл.
Со оглед дека ваквата измена во планот според подносителката на иницијативата била извршена спротивно на член 11 став 3 и член 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а истовремено не биле почитувани ниту одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на планот во оспорениот дел, а до конечното одлучување да донесе и решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на овој дел од планот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се определува просторот, со површина и граници, за кој се донесува овој план, се утврдува намената, а преку текстуалниот и графичкиот дел, кои се составен дел на планот, се дава документациона основа на планираниот развој.
Врз основа на одговорот на доносителот на оспорената одлука и приложената документација, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
а) Изработката на Деталниот урбанистички план за нас. Буњаковец, односно за просторот јужно од “Партизански одреди” била планирана со Програмата за уредување на градежното земјиште на општината Центар за 2001 година (” Службен гласник на град Скопје” бр.1/2001).
б) Стручната ревизија на Нацртот на планот изготвен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС” – Скопје била извршена од “ИН ПУМА” Скопје во август 2001 година,
в) Изработувачот на планот дал одговор на стручната ревизија во септември 2001 година,
г) Министерството за транспорт и врски под бр.13-10741 од 30 октомври 2001 година дало стручно мислење по нацрт на планот,
д) Главниот архитект на градот Скопје со акт под бр.18а-2208/1 од 28 јануари 2002 година дал мислење по нацртот на планот,
ѓ) Нацртот на планот е утврден со Заклучок бр.18-159/1 од 11 февруари 2002 година на Одделението за урбанизам на општина Центар,
е) Врз основа на член 17 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање градоначалникот на општината Центар донел Одлука за организирање јавна анкета по Нацрт на планот под бр.08-187/1 од 13 февруари 2002 година,
ж) Соопштението за организирање на јавната анкета во траење од 10 дена е објавено во “Утрински весник” и “Дневник” од 18 февруари 2002 година,
з) Од шесточлена комисија е изготвен извештај од спроведената јавна анкета по нацртот на планот под бр.18-790/1 од 30 мај 2002 година.
Во извештајот е констатирано дека во периодот на спроведувањето на јавната анкета биле доставени вкупно 105 забелешки од граѓани и правни лица.
Од Извештајот на Комисијата се гледа дека во однос на објектите 4.2.23. и 4.2.24. чија изградба била планирана во Нацртот на планот биле поднесени приговори од неколку граѓани во смисла да се преиспита нивното задржување бидејќи со нивното предвидување биле повредени урбанистичките стандарди што се однесувале за дозволеното растојание, видикот и осончувањето на соседните објекти и другите услови за хумано живеење во поблиската околина.
Дел од овие забелешки биле прифатени со тоа што објектот 4.2.23. бил избришан или како што дословно стои во извештајот “Се негира објектот 4.2.23., а површината за градба на објектот 4.2.24 се повлекува во внатрешноста од гр аницата на урбанистичката парцела во висина од 7,5 м. и дозволен процент на изграденост”.
Од извештајот за јавната анкета, се гледа и тоа дека подносителката на оваа иницијатива учествувала во јавната анкета, но нејзиниот приговор, односно забелешка се однесувал за објектот 4.2.18, а не за 4.2.23.
Имено, подносителката, заедно со другите сосопственици на градежната парцела на која бил предвиден објектот 4.2.18 приговарала на висината на објектот и барала површината за градба да се коригира според спроведената физичка делба. Исто така, барала деловниот простор пренаменет од гаражата да влезе во предложената површина за градба.
Нејзините, како и приговорите и забелешките на другите лица, не биле прифатени така што објектот во површина за градба се задржува во постојна состојба, а висината се задржува од нацртот на планот.
ѕ) Врз основа на резултатите од спроведената јавна анкета бил изготвен Предлог на планот, на кој што согласност дало Министерството за транспорт и врски под бр.13-7852 од 11 јуни 2002 година.
и) Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт “Буњаковец 1”, со нејзините составни делови Советот на општината Центар ја донел на 8 јули 2002 година.
ј) Оваа одлука е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.9/2002.
4. Со оглед дека планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите и изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99, 53/2001 и 45/2002) Судот, при оценување на законитоста на оспорената одлука ги имаше предвид соодветните одредби од овој закон.
Според член 3 од Законот, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Според член 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.Според ставот 3 на овој член, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ, пак, содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули во градежни парцели, површини за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина и др.
Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови, Законот пропишува неколку правила и тоа:
Во член 17 став 1 од Законот, утврдено е дека деталните урбанистички планови, како и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.
По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, за што согласно ставот 7 на член 17 од Законот одлука донесува градоначалникот на општината, по утврдувањето на нацртот на планот од страна на општинската администрација.
Според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според ставот 4 на овој член, извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината.
За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.
За јавната анкета се изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки.
Пред организирање на јавната анкета по нацртот на деталните урбанистички планови, согласно член 19 од Законот се врши стручна ревизија од страна на правно лице кое има добиено овластување што го определува градоначалникот на општината.
Според член 22 став 6 од Законот, деталните урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една страна, и утврдената фактичка состојба од друга страна, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена во законска постапка пропишана за донесување, односно за изменување и дополнување на детални урбанистички планови.
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека објектот 4.2.23 на КП.10147 бил предвиден во Нацртот на Деталниот урбанистички план, но по усвојување на забелешките дадени од заинтересирани граѓани во текот на јавната анкета овој објект бил избришан, поради што и не е предвиден во планот што е донесен со оспорената одлука. Таквата утврдена фактичка состојба не се совпаѓа со состојбата на која укажува подносителката на иницијативата.
Од утврдената фактичка состојба произлегува и тоа дека подносителката на иницијативата во текот на јавната анкета воопшто не ставила забелешка на објектот 4.2.23, но нејзината забелешка се однесувала на објектот 4.2.18.
Со оглед на тоа што од утврдената фактичка состојба не се потврдија наводите во иницијативата во врска со наводни повреди на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градската четврт “Буњаковец И” – Скопје, Судот утврди дека не постои основ за изразување на сомневање за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова и од причини што измените кои биле внесени во Деталниот урбанистички план во одделни делови (конкретно на парцелата Кп.10147), а кои според доносителот на оспорената одлука се и причина за поднесување на иницијативата, се резултат на прифатените забелешки дадени во текот на јавната анкета по Нацртот на планот, која била организирана на начин и во рок како што е предвидено во Законот за просторно и урбанистичко планирање. Од друга страна, самиот Закон не предвидува обврска за изготвувачот на извештајот за јавната анкета граѓаните лично да ги известува за прифаќање или неприфаќање на нивните забелешки, но извештајот, со образложение за неприфатените забелешки, заедно со предлогот на планот го доставува до органот надлежен за донесување на планот.
Конечно, прашањето за согласноста на оспорената одлука Судот не го постави ни од аспект на дел од наводите во иницијативата според кои при измените во планот не биле почитувани ниту стандардите и нормативите за планирање на просторот, бидејќи овие наводи не можат да бидат индикатор дека планот не е во согласност со Законот, туку евентуално само за негова несогласност со Правилникот за стандардите и нормативите за планирање на просторот, а за тоа Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова