67/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-443/4 за утврдување на услугите на ЈП “Пазари”, донесена од Управниот одбор на ЈП “Пазари” Битола на 30 декември 2002 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-189/3 за утврдување на услугите на ЈП ” Пазари” за 2002 година, донесена од Управниот одбор на ЈП ” Пазари” Битола на 6 јуни 2002 година, иРешението бр.07-499/11 за давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на ЈП “Пазари” Битола за утврдување цените на услугите за 2002 година, донесено од Советот на општина Битола на 27 јуни 2002 година.
3. Константин Ставревски од Битола преку адвокатот Љу пчо Димовски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорените одлуки имале повратно дејство, бидејќи закупнините за деловен простор требало да се утврдуваат месечно, а според оспорените акти закупнините се наплатувале за цела 2002 година.
Исто така, во иницијативата се тврди дека одлуките влегувале во сила со денот на донесувањето, не биле објавени во “Службен гласник”, а на Одлуката бр.02-443/4 од 30 декември 2002 година не била дадена согласност од Советот на општина Битола.
Понатаму, според подносителот на иницијативата градежното земјиште на кое е лоциран неговиот објект (трафика) било сопственост на Република Македонија, така што ЈП “Пазари” требало да биде закупопримач од Република Македонија, а висината на закупнината за давање во подзакуп требало да е усогласена со цената што ја утврдила Република Македонија која земјиштето може да го отуѓи, да го даде под концесија и под закуп. Со оспорените акти, општината односно ЈП “Пазари” Битола се ставале над државата со што се нарушувале темелните вредности на уставниот поредок, правната сигурност на граѓаните и владеењето на правото, а се поради монополското и политичкото однесување на Советот на општината Битола и на ЈП “Пазари” Битола.
4. Судот на седницата утврди дека двете оспорени одлуки имаат потполно идентичен текст со тоа што едната одлука се однесува за 2002 година, а другата одлука не е временски ограничена.
Со нив се утврдуваат цените на услугите и тоа како паушал за продажба на одредени производи, цените на услугите за сточен пазар, ваги, резервации за продажни места и кирии за деловен простор.
Со оспореното решение на Советот на општина Битола бр.07-499/11 од 26 јуни 2002 година се дава согласност на Одлуката на Управниот одбор на ЈП ” Пазари” Битола за утврдување цените на услугите за 2002 година бр.02-189/3 од 6 јуни 2002 година.
5. Управниот одбор на ЈП “Пазари” , на седницата одржана на 30 декември 2002 година донел Одлука бр.02-4443/4 за утврдување на услугите на ЈП “Пазари”.
Советот на Општина Битола на седницата одржана на 27 февруари 2003 година, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавни претпријатија и член 27 од Законот за комунални дејности, донел Решение бр.07-130/11 за давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на ЈП “Пазари” Битола за утврдување цените на услугите.
Решението на Советот на општината Битола е објавено во “Службен гласник на општина Битола” бр. 1 од 3 април 2003 година.
Според писменото известување добиено од Советот на општина Битола, при издавањето на “Службениот гласник на општина Битола” бр. 1 од 3 април 2003 година, бил направен пропуст при печатењето и било објавено само решението бр.07-130/11 од 27 февруари 2003 година за давање согласност на Одлуката за утврдување цените на услугите на Управниот одбор на ЈП “Пазари” Битола бр.02-443/4 од 30 декември 2002 година, додека прилогот 1 односно самата Одлука била изоставена.
Поради то а, во “Службен гласник на општина Битола” бр.7 од 1 септември 2003 година, е објавен прилогот 1 односно Одлуката како дополнение на Решението на Советот на општината Битола кое претходно е објавено.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според член 11 точка 6 и член 19 точка 8 од Законот за јавните претпријатија, Управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на производите и услугите, а основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.
Според член 27 од Законот за комунални дејности, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие по претходна согласност на основачот.
Согласно член 62 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, а според точката 4 од овој член, прописите се објавуваат во службениот гласник на општината.
Имајќи предвид дека оспорената Одлука бр.02-443/4 е донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие “Пазари” и дека Советот на општина Битола како основач на Јавното претпријатие со решение бр.07-130/11 дал согласност на оваа одлука, како и фактот дека двата прописи се објавени во “Службен гласник на општина Битола”, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната уставност и законитост од аспект на објавувањето.
Понатаму, наводите содржани во иницијативата дека оспорената одлука влегува во сила со денот на донесувањето и дека има повратно дејство за цела 2002 година, Судот оцени дека се неосновани. Имено, од содржината на оспорената Одлука е видно дека таа стапува во сила со денот на донесувањето, односно на 30 декември 2002 година. Меѓутоа, согласно наведените одредби од Законот за јавните претпријатија и од Законот за комуналните дејности согласност на оваа Одлука мора да даде основачот на јавното претпријатие што е и направено со Решение на Советот на општина Битола на 27 февруари 2003 година.
Оттука произлегува дека оспорената одлука на Јавното претпријатие не може да има правно дејство пред да добие согласност од основачот и пред да биде објавена.
Исто така од содржината на оспорената Одлука не произлегува дека таа има повратно дејство за цела 2002 година, а доколку истата се применува ретроактивно, тоа е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Освен тоа, цените на услугите во Одлуката на Јавното претпријатие за 2002 година и во Одлуката која нема временско ограничување се идентични.
Понатаму во иницијативата се тврди дека градежното земјиште на кое подносителот на иницијативата има лоцирано деловен објект, а тоа е КП.бр.3608 е во сопственост на Република Македонија и дека Јавното претпријатие ” Пазари” е закупопримач од Републиката. Поради тоа, според него, Јавното претпријатие “Пазари”, висината на закупнината за давање во подзакуп требало да ја усогласи со основната цена која ја утврдила Републиката со Правилник за начинот и условите под кои изграденото и неизграденото земјиште се дава под краткотраен закуп.
Јавното претпријатие “Пазари” во својот допис го ин формира Судот дека парцелата врз која е лоциран објектот, а тоа е КП.бр.3608 за КО Битола е на Јавното претпријатие и истата е впишана во поседовниот лист, а исто така како имот на претпријатието парцелата е впишана и во регистрацијата на Јавното претпријатие. Во поткрепа на ова тврдење до Судот достави Поседовен лист бр.12177/2210 од 27 јуни 2003 година, како и фотокопие од регистрацијата на Јавното претпријатие.
Оттука произлегува дека спорната парцела Јавното претпријатие ја дава во закуп, а не во подзакуп како што смета подносителот на иницијативата. Притоа цената ја утврдува Управниот одбор на Јавното претпријатие, а согласност дава Советот на општината Битола.
Поради тоа Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со одредбите од Законот за јавните претпријатија и со Законот за комунални дејности кои ја регулираат оваа материја.
6. Управниот одбор на ЈП “Пазари” н а седницата одржана на 6 јуни 2002 година, донел Одлука бр.02-189/3 за утврдување на услугите на ЈП “Пазари” за 2002 година.
Советот на општината Битола на седницата одржана на 27 јуни 2002 година, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавни претпријатија и член 27 од Законот за комунални дејности, донел Решение бр.07-499/11 за давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на ЈП “Пазари” Битола за утврдување цените на услугите за 2002 година.
Одлуката на Управниот одбор на ЈП “Пазари” и Решението на Советот на општината Битола се објавени во “Службен гласник на општина Битола” бр. 1 од 4.07.2002 година.
Од самиот наслов на оспорената Одлука е видно дека таа има времен карактер бидејќи се однесува на 2002 година. Оттука со истекот на 2002 година, оваа одлука престанала да произведува правно дејство односно не е повеќе дел од правниот поредок.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од фактот дека оспорената одлука бр.02-189/3 престанала да важи со истекот на 2002 година, а имајќи го предвид членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување на уставноста и законитоста на оваа Одлука на ЈП ” Пазари” како и на Решението на Советот на општина Битола со кое се дава согласност на истата.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2003
29 октомври 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова