173/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 став 4 во делот “од Владата на Република Македонија” од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 став 1 во делот “но не повеќе од 900 денари месечно” од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Мухамед Халили, Рамадан Назифи, Сејдали Салиу, Сали Абази, Џеват Халили, Џевахир Џемаили, Јакуп Реџепи, Рами Режеви, Екрем Ебиби, Мухарем Јусуфи и Ханиф Даути, вработени во Министерство за надворешни работи и Здружението на граѓани за заштита на човековото достоинство и професијата во јавната управа и јавните служби на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на член 14 став 1 во наведениот дел и член 14 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата на вработените во Министерството за надворешни работи со оспорениот дел од законот воведен е лимитиран надоместок за превоз до и од работното место во висина која не одговара на реалните потреби и стварните тршоци зависно од местото на живеење, при што ова се однесува само на “обичните” вработени граѓани. Додека, пак, спротивно на ова на раководните работници и раководни државни службеници именувани од Владата на Република Македонија кај буџетските корисници кои живеат во една а работат во друга општина член 14 став 4 им се исплатува надоместок за превоз во висина на стварните трошоци за превоз … што претставува своевидна дискриминација на граѓаните по основ на политичка и партиска припадност, ако се знае дека во главно овие раководни работници и раководни државни службеници Владата ги именува по основ на политичка и партиска припадност.
Дискриминацијата е изразена и по однос на општествена положба имајќи предвид дека во член 14 став 1 од Законот се вработените, а во член 14 став 4 од Законот се раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата, а кои се привилегирани во однос на другите вработени од став 1 на член 14 од Законот.
Според тоа со оспорениот дел од член 14 став 1 се создава нееднаква правна положба меѓу вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место од една страна и раководни работници и раководни државни службеници именувани од Владата на Република Македонија кај буџетските корисници кои живеат во една, а работат во друга општина (член 14 став 1) од друга страна, се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51, член 54 став 3 од Уставот.
Во иницијативата на Здружението граѓани се наведува дека член 14 став 4 предвидува само права на одредена категорија лица вработени во овие институции односно само на раководните работници и раководни државни службеници и припадници на АРМ. На овој начин Законот ги става во дискриминаторска положба вработените како во МВР така и дел од припадниците на АРМ кои имаат ист статус и исти или слични обврски, а кои поради потребите на службата согласно член 56 став 1 од Законот за внатрешни работи се распоредени да ги извршуваат своите работни задачи надвор од местото на живеење, односно во било кое место во Република Македонија.
На овој начин лицата што не се раководни работници или раководни државни службеници именувани од Владата на Република Македонија, а кои се распоредени да ги извршуваат работните задачи во други градови во Републиката не им следуваат надоместоци за трошоци за одвоен живот, ниту трошоци за стан од член 12, како ни трошоци за превоз кои согласно член 14 став 4 ги имаат раководните работници, и истите мораат да ги плаќаат без своја вина од платата која ја примаат, а која по висина е иста како и на работниците кои ги извршуваат истите работни задачи на истото работно место, а кои не се распоредени надвор од местото на живеење.
Воедно со прво поднесената иницијатива се бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената законска одредба.
4. Судот на седницата утврди дека во член 14 став 1 од Законот за извршување на Буџетот за 2003 година е предвидено дека надоместокот за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава, се исплатува само за вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900 денари месечно, кој надоместок се исплатува по претходно доставени списоци од корисниците и единките корисници на средства од Буџетот до Министерството за финансии – Сектор за буџети и фондови.
5. Согласно член 9 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законот.
Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Во членот 51 став 1 од Уставот е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Во поглед на прашањето за еднаквоста поставено во иницијативата Судот тргнува од тоа дека со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година се уредува една посебна свера на дејности кои се финансираат од посебни извори и на посебен начин и кои подлежат на посебни ограничувања како дејности на јавна потрошувачка.
Според тоа ограничувањето на износот за трошоци за превоз до 900 денари има свој извор во материјалните можности на државата и претставува горна граница за секој вработен што го исклучува прашањето за нивната меѓусебна еднаквост. Ова затоа што ако законодавецот бил овластен да го определи овој надоместок според финансиските можности, а не според стварните трошоци, тогаш принципот на еднаквост е почитуван ако тие ограничувања се однесуваат подеднакво на секој вработен кој се наоѓа во исти статус.
Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и содржината на член 14 став 1, Судот смета дека ограничувањето на надоместокот до одредена висина се однесува на сите вработени кај корисниците на буџетските средства а кои имаат исти статус, односно иста општествена положба и нивниот статус не е ист со статусот на именуваните раководни работници и раководни државни службеници.
Имено Судот смета дека општествениот статус на раководните работници и раководните државни службеници кои се именувани за определен мандат сам по себе бара поголемо ангажирање и одговорност во извршувањето на здачите за кои се именувани, што налага и утврдување на поинакви услови за извршување на тие задачи и тоа за времето додека се именувани на тие работни места.
Според тоа прашањето од доменот на правата и обврските на вработените што произлегува од нивниот статус како именувани раководни работници и раководни државни службеници му дава за право на законодавецот да предвиди одредени предуслови, (обезбедување на службен стан, надомест за превоз или надомест за одвоен живот) доколку не живеат во местото каде ја извршуваат функцијата а со цел за поуспешно вршење на функцијата за која се именувани.
Врз основа на изнесеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 14 став 1 со начелото на еднаквост поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Судот исто така утврди дека во член 14 став 4 од Законот за извршување на Буџетот за 2003 година е предвидено на раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата на Република Македонија кај буџетските корисници, кои живеат во една, а работат во друга општина, доколку не остваруваат право на надоместок на трошоци за одвоен живот, им следува надоместок за превоз во висина на стварните трошоци за превоз за најевтиното превозно средство од јавниот сообраќај кое овозможува навремено пристигнување и заминување од работа.
7. Според член 6 точка 1 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003) државните службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат се класифицираат во следните групи и звања:
И. раководни државни службеници
ИИ. стручни државни службеници
ИИИ. стручно административни државни службеници.
Според точката 2 на член 6 раководни државни службеници се: генерален секретар односно државен секретар, државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор и раководител на одделение.
Во член 2 од Законот за изменување на Законот за државните службеници (” Службен весник на Република Македонија” бр.98/2003) со кој се менува член 85 е предвидено дека раководните работници именувани според Законот за органите на управата со денот на влегување во сила на овој закон, стекнуваат звање согласно со член 6 од овој закон и ќе примаат плата соодветно на звањето и работното место на кое се распоредени согласно со актот за систематизација на работните места, според постојниот начин на исплата на плати во органите од член 3 на овој закон се до отпочнувањето на примена на системот на плати утврден согласно со вој закон.
Имајќи ги предвид одредбите од член 9, член 32 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија, одредбите од Законот за државните службеници, содржината на член 14 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2003 година како и фактот што принципот на еднаквоста подразбира со еднаквите еднакво да се постапува се постави прашањето дали со наведената одредба која се однесува само на некои корисници на средства од Буџетот на Република Македонија односно само за раководни работници и раководни државни службеници именувани од Владата, а не и раководни работници и раководни државни службеници именувани од Собранието, Претседателот на Републиката, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Агенцијата за разузнавање, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство кои се во иста општествена положба, а остваруваат средства од тој ист извор се доведува во прашање принципот на еднаквоста.
Имено, Судот смета дека поради предвидувањето на надоместокот за превоз во висина на стварните трошоци само за раководните работници и раководните државни службеници именувани од Владата, а не и за другите раководни работници и раководни државни службеници именувани од другите органи на државната власт основано може да се постави прашањето за согласноста на член 14 став 4 во делот, “од Владата на Република Македонија” со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Што се однесува до наводите во второподнесената иницијатива дека со оспорената одредба од член 14 став 4 се ставаат во дискриминаторска положба вработените во Министерството за внатрешни работи и дел од припадниците на Армијата на Република Македонија кои имаат исти статус или имаат исти или слични обврски, а кои работните задачи ги извршуваат надвор од местото на живеење, а не се раководни работници во однос на раководните работници и раководните државни службеници се неосновани поаѓајќи од фактот што Законот во оспорениот член воопшто не оперира со раководни работници или раководни државни службеници во Министерството за внатрешни работи или во Армијата на Република Македонија туку само за раководни работници и раководни државни службеници именувани од Владата.
9. Во однос на барањето за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно превземени врз основа на оспорениот член 14 став 1, Судот смета дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на такво решение.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.151/2003 и У.бр.173/2003
15 октомври 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова