143/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 8 и 9 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 80-г од Законот за дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2003).
2. Снежана Хаџи Николова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 80-г од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот член од Законот не бил во согл асност со членот 9 став 2 и член 47 од Уставот со кои се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови на творештво, како и правата кои произлегуваат од научното, уметничкото и друг вид интелектуално творештво, а во врска со еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Со ограничувањето на категориите на граѓани кои можат да бидат автори на учебници од определена област, се нарушувала рамноправноста на останатите педагошки работници кои имаат помало образование (вишо) од предвиденото со законот, а долги години работеле во просвета и можеле да одговорат на потребните критериуми за квалитетен учебник.
3. Судот на седницата утврди дека во Законот за основното образование (” Службен весник на РМ” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99 и 29/2002) по членот 80-в се додаваат два нови ?лена 80-г и 80-д.
Во оспорениот член 80-г е предвидено дека “Автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистар или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, доколку со овој закон поинаку не е утврдено”.
4. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 44 став 3 основното образование е задолжително и бесплатно.
Во член 47 е предвидено дека се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.
Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.
Од наведните уставни одредби произлегува дека комплексот на образованието Уставот го уредува начелно предоставајќи го поблиското нормирање со закон. Имено со наведената одредба Уставот му приоѓа на образованието како на дејност која е еднов ремено личен и општествен односно јавен интерес и потреба како предуслов за култивирање на личноста и нејзиното оспособување за работа.
Поаѓајќи од фактот што образованието како дејност од јавен интерес, а посебно основното образование кое е задолжително и бесплатно неспорно е дека државата во рамките и во сообразност со востановениот систем на образованието ги пропишува програмите и плановите на воспитно образовниот процес, начин на изведување на наставата и стручната творба како книга што треба да се користи во воспитно образовниот процес.
Имајќи го предвид наведеното законодавецот со оспорената одредба утврдува кој може да биде автор на учебник условено од степенот на образованието, односно научното звање за што лицето се докажало во областа за која е наменет учебникот.
При тоа, Судот смета дека, пропишувањето на условите што едно лице треба да ги исполнува за да биде автор на учебник, не е во насока на ограничување на научното, уметничкото и другите видови на творештво утврдени во член 47 од Уставот, туку е во насока на поттикнување и помагање на научниот опфат.
Во насока на ова становиште говори и фактот што законодавецот во Законот за авторско право и сродните права ги утврдил основите за остварување на слободата на научното, уметничкото и други видови на творештво односно ги утврдил моралните и материјалните права што му припаѓаат на авторот на кој начин всушност се врши операционализација на наведената уставна одредба од член 47 од Уставот.
Според тоа, Судот смета дека со утврдувањ ето на условот што треба да го исполнува едно лице за да може да биде автор на книга која ќе се користи како учебник во основното образование а тоа е високо образование, магистратура или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, не се нарушува начелото на еднаквост односно овие лица не се ставени во поповолна положба во однос на другите педагошки работници со понисок степен на образование имајќи предвид дека тие не се во еднаква правна положба.
5. Врз основа на изнесеното, оспорената одредба на член 80-г од Законот за дополнување на Законот за основното образование, не е во несогласност со член 9 став 2 и член 47 од Уставот, поради што Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 143 /2003
9 октомври 2003
Скопје
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова