У.бр.161/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 и 2 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Пеце Ристевски од Битола за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Пеце Ристевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на социјалната припадност утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и заштита на правата утврдени во членот 6 и членот 13 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата, кои биле повредени во конкретниов случај со неправилно и незаконито постапување и одлучување од страна на судовите, посебно посочувајќи го решението на Апелациониот суд во Битола ССЖ.бр.768/2002 од 13.05.2003 година. Исто така подносителот на барањето истакнува дека требало да му биде определено и соодветно обесштетување поради повредата на неговите права и слободи.

3. Судот врз основа на наводите во барањето и приложените докази ја утврди следнава фактична состојба:

Со пресуда на Основниот суд во Битола П.бр.617/2001 од 29.05.2001 година било одбиено тужбеното барање на тужителите Пеце Ристевски од Битола и ПП “Ротекс” од Битола против тужениот Република Македонија, за делумно укинување на пресудите на Основниот суд Битола П.бр. 2589/98 од 17.02.1999 година и пресудата на Апелациониот суд Битола ССЖ.бр.635/99 од 13.09.1999 година, и тоа во делот кој треба да ги плати трошоците односно сега тужителите, а посебно дека неможел да биде тужен во предметот лицето Пеце Ристевски, како и да се задолжи тужениот Република Македонија да ги надомести на тужителите направените процесни трошоци во износ од 4500,00 денари.

Во истата одлука на судот е содржано и решение (под ист број и датум) со кое посебното барање на тужителите Пеце Ристевски од Битола и ПП “Ротекс” од Битола за издавање од страна на судот на привремена мерка со која ќе се запре извршувањето по предметот на судот И.бр.3231/00 се до завршување на постапката по тужбата по овој судски предмет, било одбиено како неосновано. Воедно, се задолжуваат тужителите Пеце Ристевски и ПП ” Ротекс” од Битола солидарно на тужениот Република Македонија да му ги надоместат трошоците во износ од 2000,00 денари во рок од 15 дена по приемот на пресудата.

Апелационот суд во Битола со решение ССЖ.бр.768/2002 од 13.05.2003 година, по повод жалбата на тужителите Пеце Ристевски и ПП ” Ротекс” од Битола, а по службена должност ја укинал пресудата на Основниот суд Битола, П.бр.617/2001 од 29.05.2001 година, а тужбата ја отфрлил. Во однос на решението на Основниот суд П.бр.617/2001 од 29.05.2001 година жалбата била одбиена како неоснована и решението било потврдено, меѓутоа во однос на решението на истиот суд П.бр.617/2001 од 29.04.2002 година жалбата на Пеце Ристевски од Битола била уважена а тоа решение било укинато и предметот во тој дел бил вратен на првостепениот суд на повторно одлучување.

Апелациониот суд во Битола во образложението на наведеното решение ССЖ.бр.768/2002 ги изнел причините поради кои одлучил по конкретната судска работа како што е погоре изнесено. Имено, Апелациониот суд по повод жалбата на Пеце Ристевски и ПП “Ротекс” од Битола а по службена должност одлучил дека пресудата на првостепениот суд П.бр.617/2001 од 29.05.2001 треба да се укине а тужбата отфрли, поради тоа што првостепениот суд одлучувал за барање кое се однесувало за менување или укинување на правосилна судска одлука, а тужителите доколку сметале дека имаат законски основ за тоа можеле да поднесат вонредни правни средства, само пред надлежен суд и во постапка пропишана со закон.

Исто така, поради тоа што парничниот суд не можел да носи времени мерки со кои ќе го одложи извршувањето во постапка пред извршен судија туку тоа право согласно Законот за извршна постапка го има само извршниот судија во постапка и на начин како е предвидено со законот, Апелациониот суд го потврдил решението на првостепениот суд П.бр.617/2001 од 29.05.2001 година со кое било одбиено предметното барање на тужителите Пеце Ристевки и ПП “Ротекс” од Битола.

По однос на прашањето за плаќање на трошоците во постапката со оглед на материјалната положба на тужителот Пеце Ристевски како и износот на трошоците што требал тој да ги плати, Апелациониот суд утврдил дека има пропусти во постапката и решението на првостепениот суд П.бр.617/2001 од 29.04.2001 година го укинал а предметот во тој дел го вратил на повторно одлучување.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Поаѓајќи од наводите содржани во барањето на подносителот на иницијативата пред овој Суд и имајќи ја во предвид изнесената фактичка состојба, се утврди дека во случајов со барањето е изразено само начелно повикување на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот со намера Уставниот суд да се впушти во одлучување во конкретна работа од надлежност на судовите и во тие рамки наспроти одлуките кои се веќе донесени од надлежните судови, дирекно Уставниот суд со своја одлука да определи обесштетување на барателот пор ади, како што се наведува дискриминаторско однесување на судовите спрема барателот.
Меѓутоа, Уставниот суд не е во позиција на инстационо повисок суд да одлучува во конкретна работа која е во надлежност на судовите. Ова особено и поради тоа што подносителот на иницијативата постоење на елементи на социјална дискриминација во одлуките на надлежните судови, по конкретно изложениот предмет, главно ги изразува со посочување само на сопствени констатации дека судовите погрешно го применувале законот на негова штета и неправилно ги воделе постапките па како последица на тоа на барателот му била предизвикана имотна штета и повреда на сопственичките права, што воопшто не може да се смета само по себе за вистинито и релевантно при ценењето за постоење на повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Имајќи ги во предвид наведените уставни одредби како и одредбите од членот 6 и членот 13 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, дека секој има право на правилна судска постапка на какви и да било кривични обвиненија и дека секој на кого му се повредени правата и слободите предвидени во оваа Конвенција треба да располага со ефикасен правен лек пред националните власти без оглед што повредите ги извршиле лица кои постапувале во службено својство, и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата со кој е обезбедена заштитата на имотот (сопственоста), на кои норми се повикува подносителот на иницијативата, Судот утврди дека барањето во иницијативата по својата суштина не претставува барање за уставна заштита на слободите и правата на граѓанинот, туку тоа е конкретно барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странки по конкретен предмет од надлежност на судовите, за кое овој Суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2003
1 и 2 октомври 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова