У.бр.202/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седница- та одржана на 1 и 2 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на:

а) Одлуката бр.07-121/1 од 13.04.2002 година на Советот на Општина Блатец за основање Фонд за локални патишта и улици и уредување на градежно земјиште на Општината Блатец,

б) Решението бр.07-122/1 од 13.04.2002 година на Советот на Општина Блатец за именување на лице кое ќе ги води работите на Фондот за локални патишта и улици и уредување на градежно земјиште на Општина Блатец до неговото конституирање,

в) Статутот на Фондот за локални патишта и улици на Општината Блатец донесен на 13.04.2002 година,

г) Одлуката бр.07-123/1 од 13.04.2002 година на Советот на Општина Блатец за давање согласност на Статутот на Фондот за локални патишта и улици и УГЗ на Општина Блатец,

д) Одлуката бр.07-124/1 од 13.04.2002 година на Советот на Општина Блатец за изработка на печат и штембил на Фондот за локални патишта и улици и УГЗ на Општина Блатец,

ѓ) Одлуката бр.07-239/1 од 6.12.2002 година на Советот на Општина Блатец за определување на втор потписник на жиро-сметката на Фондот за локални патишта и улици на Општина Блатец и

е) Одлуката бр.07-245/1 од 06.12.2002 година на Советот на Општина Блатец за разрешување на Градоначалникот за овластен потписник на жиро-сметката на Фондот за локални патишта и улици и УГЗ на Општина Блатец.

2. Бранко Јанкулов, Градоначалник на Општина Блатец, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата и појаснувањето на иницијативата, членот 50 став 1 точки 1, 4 и 8, членот 52 став 5 и членот 57 став 1, 2 и 4 од Законот за локалната самоуправа, што сега е во примена и одредбите од поранешниот Закон за локална самоуправа не давале можност за основање на фонд како форма за вршење на надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Од друга страна, членот 20 став 4 од Законот за јавни патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/96), предвидувал општината да може да основа фонд за локални патишта, но ниту една одредба од овој Закон не предвидувала Фондот да има својство на правно лице. Исто така, одредбите од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија”; бр.53/2001) не предвидувале можност за основање на фонд за уредување на градежно земјиште.

Донесувањето на Одлука за основање на Фондот за локални патишта и улици и уредување на градежно земјиште, како правно лице од страна на Советот на Општината Блатец, според подносителот на иницијативата претставува повреда на наведените одредби.

Според подносителот на иницијативата, Советот на Општината можел врз основа на законските одредби да основа само Фонд за локални патишта, но не како посебно правно лице, туку истиот можел да функционира единствено во општинската администрација, со која раководи Градоначалникот на општината, преку застапување и потпишување на жиро-сметките или членот на Советот кој ќе биде определен од страна на Градоначалникот за негов заменик.

Бидејќи оспорените акти биле донесени без предлог на Градоначалникот, смета дека со донесувањето на одлуките му била ускратена извршната власт, со оглед на фактот што единствено Градоначалниот имал одговорност за наменско користење на средствата, односно извршувањето на Буџетот на единицата на локална самоупрвата, според смислата на членот 18 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/2001).

Донесувањето на оспорените акти, според подносителот на иницијативата, значи повреда на наведените одредби и тоа по однос на извршната власт на Градоначалникот и претставувало кратење на неговите права, од кои причини предлага Судот да поведе постапка за оценување законитоста на оспорените акти и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од прво оспорената Одлука Советот на Општината Блатец основа Фонд за локални патишта и улици и уредување на градежно земјиште на Општината Блатец. Во членот 2 од Одлуката е предвидено Фондот да има својство на правно лице. Во членот 3 од Одлуката се наведени надлежностите на Фондот, а во членот 4 е определено како ќе се финансира Фондот. Во членовите 5, 6, 7, 8 и 9 се определени органите на Фондот и нивните надлежности, како и органот што ќе го врши надзорот над материјално – финансиското работење на Фондот. Следната одредба определува дека новооснованиот Фонд ги превзема правата, обврските и документацијата на поранешниот Фонд за локални патишта и улици и УГЗ на Општината Блатец како управен орган. Во последниот член 11 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во ” Службениот гласник на Општина Блатец”.

Според содржината на второ оспорениот акт, за лице кое ќе ги води работите на Фондот за локални патишта и улици и уредување на градежно земјиште на Општината Блатец до неговото конституирање, односно до запишувањето во трговскиот регистар се именува Стојан Димитровски. Определено е решението да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службениот гласник на Општина Блатец”.

Во членот 1 од Статутот на Фондот за локални патишта и улици на Општината Блатец (трето оспорен акт), се содржани општите одредби на овој акт. Во членот 2 од Статутот помеѓу другото е определно дека Фондот има својство на правно лице. Понатамошните одредби од Статутот ја разработуваат проблематиката за фирмата и седиштето на Фондот, дејноста на Фондот, внатрешната организација, финансирањето на Фондот, органите на управување и раководење и нивните надлежности и актите на Фондот. Понатаму се регулираат прашањата за стручната служба, чувањето на деловната тајна, јавноста во работењето, заштитата и унапредувањето на животната средина и правата на вработените на синдикално организирање. Во членот 40 е предвидено Статутот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на Општина Блатец”, а по претходно добиена согласност од Советот на Општината. Од содржината на оспорениот Статут се согледува прецртување на делови од текстот што се однесуваат на областа на уредување на градежното земјиште, кое нешто според подносителот на иницијативата и доносителот на актите е направено од причина што Основниот суд Штип како регистарски суд не прифатил регистрирање и на Фонд за уредување на градежно земјиште.

Според содржината членот 1 од четврто оспорениот акт, се дава согласност на Статутот на Фондот, а во членот 2 е определено оваа одлука да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службениот гласник на Општина Блатец”.

Советот на Општината Блатец донел и Одлука за изработка на печат и штембил на Фондот (петто оспорен акт) и во членот 2 констатирал дека формата и текстот за изработка на печатот и штембилот се пропишани во Статутот. Во членот 3 е определено дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службениот гласник на Општина Блатец”.

Горе наведените оспорени акти се донесени од страна на Советот на Општината Блатец на иста седница одржана на ден 13.04.2002 година.

На седницата одржана на 6.12.2002 година Советот на Општината донел Одлука за определување на втор потписник на жиро-сметка на Фондот (шесто оспорен акт), во која лицето Киро Христов се овластува како втор потписник на жиро-сметката. Во членот 2 од оваа Одлука е определено дека потписот на Стојан Димитровски и Киро Христов ќе важат колективно со едновремено потпишување. Во членот 3 е определено дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службениот гласник на Општина Блатец”.

На истата седница е донесен и последно оспорен акт, со кој Советот на Општината го разрешил Градоначалникот од овластен потписник на жиро-сметката на Фондот и е определено дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службениот гласник на Општина Блатец”.

Од приложените заклучоци за прогласување на оспорените акти, како и од примероците на “Службениот гласник на Општина Блатец”, Судот ја констатира следната фактичка состојба:

Заклучоци за прогласување на прво, второ, четврто и петто оспорениот акт, се донесени на 13.04.2002 година, а вака донесените заклучоци се објавени во “Службениот гласник на Општина Блатец” број 3 од 16.04.2002 година. Заклучок за прогласување на Статутот на Фондот не е донесен, а Статутот е објавен во истиот број на службеното гласило.
За шесто оспорениот акт заклучок за прогласување е донесен на 6.12.2002 година и истиот е објавен во службеното гласило број 6 од 9.12.2002 година.

За последно оспорениот акт, (одлуката за разрешување на градоначалникот од овластен потписник на сметката) постојат два заклучока за прогласување од 6.12.2002 година и 30.12.2002 год. Заклучокот за прогласување на последно оспорениот акт е објавен во службеното гласило број 7 од 31.12.2002 година.

Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) стапи во сила на 6 февруари 2002 година, а оспорените акти се донесени на 13.04.2002 и 6.12.2002 година.

4. Според содржината на членот 110 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија помеѓу другото спаѓа одлучувањето за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имено, според Судот, прво оспорениот акт по својот карактер и содржина претставува поединечен основачки акт на Општината Блатец со кој се основа конкретен правен субјект, Фонд за локални патишта на Општина Блатец.

Според Судот, од содржината и карактерот на останатите оспорени акти произлегува дека истите се конкретни поединечни акти преку кои се овозможува функционирање на Фондот во правниот промет.

Бидејќи оспорените акти не уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, односно истите не се пропис, нема основа за мериторна оценка на оспорените акти, од кои причини Судот не се впушти во анализа на основаноста на наводите на подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 202/2002
1 и 2 октомври 2003
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова