Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 20 став 1 од Статутот на Сојузот на филателистите на Македонија, донесен од Собранието на Сојузот на филателистите на Македонија на седницата одржана на 17 ноември 2002 година.
2. Зоран Ангелов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Статутот го овластувала претседателот на сојузот сам да ги именува членовите на Извршниот одбор на Сојузот, што било спротивно на член 25 став 1 алинеја 8 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, според кој само собранието на здружението на граѓаните можело да избира органи на здружението и спротивно на член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, овој суд не е надлежен да ја оценува законитоста на оспорениот Статутот на Сојузот на филателистите на Македонија.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.139/2002
24 септември 2003 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова