У.бр.83/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот на Владата на Република Македонија од 23 октомври 2001 година, со кој се задолжува Министерството за образование и наука да ги преземе сите активности во насока на престанување со финансирање на центрите за детско творештво заклучно со 31.06.2002 година.

2. Центарот за детско творештво „Јонче Цветковски“ од Ресен, Пионерскиот дом “Трајче Магловски” од Битола и Пионерскиот дом „Мирче Ацев“ од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот заклучок престанувало финансирањето на центрите за детско творештво со што вработените во тие институции како образовни организации кои порано имале статус на организации од посебен општествен интерес, се ставале во нерамноправна положба со вработените во јавниот сектор, а нивниот статус се менувал со заклучок а не со закон, што не било во согласност со член 32 став 3 и 5, член 34 и член 35 став 1 од Уставот и член 104 од Законот за основното образование.

3. Судот на седницата утврди дека според извадокот од Нацрт-записникот од Дваесеттата седница на Владата на Република Македонија одржана на 23 октомври 2001 година, пред преминување на дневниот ред, министерот за правда ги информирал членовите на Владата за текот на преговорите што Министерството за правда ги остварило со Светската банка а се поврзани со реформите во јавната администрација како еден од клучните услови за повлекување финансиски аранжман од Светската банка. Од страна на Мисијата на Светската банка било укажано дека реформата во јавната администрација во однос на исполнувањето на условите за добивање финансиски аранжман доцни подолг период, а посебно во однос на одвојувањето на сектори на одделни министерства како несуштински за државата и тоа во Министерството за одбрана – Секторот за производство, во Министерството за образование и наука – центрите за детско творештво, основно музичко-балетски училишта и др., во Министерството за правда – Бирото за судски вештачења, Службата за општи и заеднички работи и одделни функции на Државниот завод за геодетски работи (оперативно технички и помошни). Исто така од страна на Мисијата за Светската банка било укажано дека во иднина треба да се одвојат уште 5 до 10 несуштински делови за државата, кои може да функционираат самостојно.

Притоа министерот за правда истакнал дека Министерството за правда, во рамките на своите надлежности и во соработка со надлежните министерства, а согласно роковите договорени со Светската банка, презема мерки за спроведување на реформата на јавна администрација, а посебно за надминување на тековните прашања кои влијаат на забавување на процесите што се започнати и течат.

Тргнувајќи од тоа, Владата меѓу другото заклучила министерството за образование и наука да ги преземе сите активности во насока на престанување со финансирање на центрите за детско творештво заклучно со 31.12.2001 година и основните музичко балетски училишта заклучно со 31.06.2002 година, по што да се извршат измени во поднесената предлог пресметка за наредната буџетска 2002 година.

4. Според член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законот со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот заклучок на Владата, Судот оцени дека тој не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот поради што не подлежи на уставно судска оценка.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2002
17 септември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова