10/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 22-а став 1 точка 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2000) во делот “ако ја плати разликата меѓу надоместокот што за одземеното земјиште му следува определен според член 31 став 2 од овој закон и вредноста на градежното земјиште утврдена врз основа на прописите за определување на вредноста на градежното земјиште”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Љупка Попеска адвокат од Охрид, со решение У.бр.10/2003 од 2 јули 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 22-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (член 27 став 1 од пречистениот текст на Законот за денационализација “Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000), кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради
која било одземено земјоделско земјиште, кое при поднесување на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште, барателот може да бара: 1) враќање на земјиштето во сопственост ако ја плати разликата меѓу надоместокот што за одземеното земјиште му следува определен според член 31 став 2 од овој закон и вредноста на градежното земјиште утврдена врз основа на прописите за определување на вредноста на градежното земјиште. 2) да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното и 3) да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.
5. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.
Во делот ИИ од овој закон со кој се регулирани прашањата околу враќањето на недвижноста во сопственост е и спорниот член 22-а став 1 точка 1). Според овој член од законот, произлегува дека граѓаните на кои може да им се врати земјиштето во сопственост треба да платат разлика за вредноста на земјиштето кое било одземено како земјоделско, а при поднесувањето на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште.
Тоа значи дека законодавецот со утврдувањето на правото за враќање на градежното неизградено земјиште во сопственост, истовремено утврдува и обврска поранешниот сопственик да ја плати разликата во вредноста на земјиштето кое било одземено како земјоделско, а при поднесувањето на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште.
При тоа, ниту овој закон, ниту пак друг закон не содржи одредби кои предвидуваат обврска за плаќање на разликата помеѓу
вредноста на земјоделското земјиште и вредноста на градежното земјиште за оние граѓани кои се поранешни сопственици на земјоделско земјиште кое не им било одземено, а кое исто така го сменило правниот режим и сега претставува градежно земјиште.
Според членот 50 од Законот за градежното земјиште, кој е донесен по Законот за денационализација и по измените и дополнувањата на овој закон, на корисниците на градежното земјиште по основа на поранешна сопственост на земјиштето, правото на користење се трансформира во право на сопственост на градежното земјиште.
Законот за градежното земјиште, не предвидува плаќање на разлика во вредноста помеѓу земјоделското земјиште и сега градежното земјиште (ако земјиштето го сменило правниот режим) така што одреден број на корисници по основ на поранешна сопственост го трансформирале корисничкото право на сопственост или ќе го сторат тоа во иднина без да ја платат разликата во вредноста меѓу земјоделското и градежното земјиште.
Ако се има предвид дека целта на Законот за денационализација е враќање на одземениот имот, се поставува прашањето зошто сопствениците на одземеното земјоделско земјиште кое сега претставува градежно неизградено земјиште треба да ја платат разликата во цената помеѓу земјоделското земјиште што им било одземено а сега е градежно неизградено земјиште. Со други зборови тоа значи дека поранешните сопственици на одземеното земјоделско земјиште кое без нивна вина или барање преминало во градежно земјиште треба да го платат сопственото земјиште. Поради тоа Судот оцени дека овие граѓани се ставени во нерамноправна положба со граѓаните на кои не им било одземено земјоделското земјиште кое подоцна го сменило правниот режим и сега им се враќа како градежно земјиште без било какво плаќање.
Судот оцени дека оспорената одредба од Законот за денационализација го условува враќањето на градежното неизградено земјиште во сопственост со плаќање на разлика во вредноста меѓу одземеното земјоделско земјиште, а сега градежно неизградено земјиште со што се доведуваат граѓаните во нееднаква положба во зависност од тоа дали земјоделското земјиште им било одземено или не пред да стане градежно земјиште.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2003
17 септември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова