Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Натка Димитриева од Штип, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, повредени со пресудата П.бр.409/97 на Основниот суд во Штип, пресудата ГЖ.бр.1097/99 на Апелациониот суд во Штип и на пресудата Рев.бр.289/2000 на Врховниот суд на Република Македонија.
2. СЕ ОТФРЛА барањето на Натка Димитриева од Штип за заштита на слободите и правата повредени со решението бр.02-340 од 10 март 1997 година, донесено од директорот на Стопанска банка АД – Скопје, Филијала во Штип.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Натка Димитриева од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална и друга припадност.
Ова од причина што и било врачено решение за престанок на работниот однос со отказ без, притоа, да бидат почитувани роковите за жалба предвидени во членовите 127 став 1 и 129 од Законот за работните односи.
Со други зборови, подносителката на иницијативата смета дека за престанокот на работниот однос со отказ требало да биде известена шест месеци порано како што предвидувал членот 127 став 1 од Законот за работните односи.
5. Судот на седницата утврди дека подносителката на иницијативата била во работен однос во Стопанска банка АД Скопје – Филијала Штип на работно место благајник во Службата за денарско штедење и има непрекинат работен стаж од 14 години, 5 месеци и 9 дена.
Со Решение бр.02-40 од 30 јануари 1997 година, таа била упатена на принуден одмор, сметано од 15 јануари 1997 година до 14 април 1997 година.
Против ова решение, поднела приговор до второстепената комисија при Банката, која со одлука од 4 февруари 1997 година го одбила приговорот како неоснован.
Во меѓувреме, на 6 март 1997 година, Управниот одбор на Банката донел Одлука за бројот и структурата на работниците на Стопанска банка АД Скопје на кои им престанува работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени настанати во процесот на санација и реконструирање на банката и за обезбедување на нивните права.
Со оваа одлука е утврден бројот и структурата на работниците во банката за чија работа престанала потребата, а предвиден е и начинот и видот на обезбедување на нивните права. Во Одлуката е утврдена и квалификационата структура на работниците – технолошки вишок и бројот на организационите единици посебно за Централата, а посебно за филијалите.
Одлуката содржи овластување (член 5) за генералниот директор во Банката да донесува поединечни решенија за престанок на работниот однос на работниците технолошки вишок во Централата на Банката и на работниците со посебни овластувања и одговорности, а директорите на филијалите за работниците – технолошки вишок по филијалите.
Во Одлуката (член 6) се утврдуваат правата што им се обезбедуваат на работниците прогласени за технолошки вишок. Имено, на едната група работници во зависност од работниот стаж е предвидено вработување кај друг работодавец, а за другата група еднократен надомест во вид на отпремнина, во висина најмногу до 12 месечни плати.
Согласно членот 5 на оваа одлука, на 10 март 1997 година директорот на филијалата од Штип донел решение со кое на подносителката на иницијативата со отказ и престанал работниот однос на работно место благајник во службата за денарско штедење. Како причина за донесувањето на отказното решение се наведени економските, технолошките и другите структурални промени настанати во процесот на санација и реконструкција на банката.
Во решението, на подносителката на иницијативата и било утврдено и право на еднократен надоместок во вид на испратнина од седум месечни плати соодветно на нејзиниот работен стаж до денот на донесувањето на решението. Тоа право, подносителката на иницијативата го остварила.
Независно од тоа што го примила овој надоместок, подносителката на иницијативата поднела приговор до втор остепената комисија која со одлука го одбила приговорот, а решението за престанок на работниот однос го потврдила.
Воедно и Синдикалниот одбор при Стопанската банка АД Скопје Филијала Штип, дал и писмено мислење според кое решението за престанок на работниот однос на подносителката на иницијативата е законски основано.
Основниот и Апелациониот суд во Штип го одбиле тужбеното односно жалбеното барање на подносителката на иницијативата како неосновано со став дека решението на директорот на Стопанската банка – Филијала Штип, како и одлуката на второстепената комисија се донесени во согласност со член 19-а од Законот за измени и дополнувања на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија.
Понатаму, подносителката на иницијативата побарала ревизија од Врховниот суд на Република Македонија.
На 19 февруари 2002 година, Врховниот суд со Пресуда Рев.бр.289/2000 ја одбил ревизијата како неоснована.
6. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Како што се гледа од содржината на оваа одредба, Уставот упатува со закон и со колективен договор да се уредуваат правата на работниците од работниот однос.
Согласно член 127 став 1 од Законот за работните односи работодавецот е должен, работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки и структурални и слични промени да ги извести најмалку шест месеци пред престанокот на работниот однос.
Согласно член 129 став 1 од истиот закон бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор при што се поаѓа од потребите за функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка и квалификација, работното искуство и други критериуми утврдени со колективниот договор.
Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот со императивна норма (“е должен”) го задолжува работодавецот да го извести работникот, најмалку шест месеци пред престанокот на работниот однос, поради технолошки, структурални и слични промени, при што упатува на употреба критериумите предвидени во колективниот договор.
Во конкретниов случај не е постапено според овие одредби од Законот за работните односи од причина што во меѓувреме е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија.
Според членот 19-а од овој закон на работниците на Банката на кои ќе им престане работниот однос со отказ заради економски, технолошки, структурални и слични промени настанати во процесот на реконструирањето на Банката, како и на остварувањето на нивните права не се применуваат одредбите од член 127 став 1 и член 129 од Законот за работните односи, што значи дека за нив не важат роковите на кои се повикува подносителката на иницијативата.
Како што се гледа од изнесеното, Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија, како специјален закон, ја исклучува примената на Законот за работни односи во овој дел.
Во однос на член 19-а, пред овој Суд се водела постапка за оценување на неговата уставност, при што Судот со решение У.бр.102/96 од 23 октомври 1996 година при што оценил дека истиот е во согласност со Уставот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека наводите на подносителката на барањето за примена на одредбите од членовите 127 став 1 и 129 од Законот за работни односи се неосновани.
Со други зборови, Стопанска банка АД– Скопје – филијала Штип не била должна работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени, да ги извести во роковите предвидени во членот 127 од Законот за работни односи.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека барањето на подносителката на иницијативата за запазување на рокот од шест месеци пред да и биде врачено отказното решение и применување на критериумите од колективниот договор како што предвидува член 129 од Законот за работните односи, е неосновано.
Бидејќи во иницијативата се оспоруваат одлуките на Основниот и Апелациониот суд во Штип, како и Одлуката на Врховниот суд на Република Македонија, кои содржат негативни решенија за подносителката на иницијативата, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е овластен да врши инстанционен надѕор врз одлуките на овие судови.
Ова дотолку повеќе што барањето на подносителката се однесува на остварување на судска заштита на право од работен однос, а не на правата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, чија заштита согласно член 110 алинеја 3 спаѓа во надлежноста на овој Суд.
Во конкретниов случај, Судот оцени дека наведените пресуди на судовите не содржат елементи на дискриминација по основ на социјална припадност, како што наведува подносителката на барањето, поради што Судот го одби нејзиното барање за заштита на слободите и правата.
7. Исто така, Судот на седницата утврди дека согласно одредбата од член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето на преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во конкретниов случај, подносителката на иницијативата, добила отказно решение на 10 март 1997 година.
Против ова решение, таа на 24 март 1997 година вложила приговор до Комисијата за заштита на правата на работникот од работниот однос на Банката во вторстепен при Стопанската банка АД – Скопје.
Со Решение бр.5-2-1053 од 4 април 1997 година, Второстепената комисија го одбила приговорот на подносителката на иницијативата, а го потврдила отказното решение донесено од директорот на Стопанската банка АД – Скопје – Филијала Штип.
Со тоа отказното решение станало правосилно и извршно.
Имајќи го предвид фактот дека отказното решение станало правосилно и извршно на 4 април 1997 година наспроти посочената одредба од членот 51 од Деловникот на Судот која крајниот рок за поведување постапка за заштита на слободите и правата го лимитира да не е повеќе од пет години, Судот оцени дека по овој основ не може да се впушти во постапка за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, поради што барањето во овој дел го отфрли.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.22/2003
9 јули 2003 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова