Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
2. Драган Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за кривичната постапка означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата најнапред се прави компарација помеѓу одредбите од Законот за кривичната постапка, што престана да важи, и Законот за кривичната постапка што сега е во сила. Потоа подносителот на иницијативата наведува дека Уставот од 1991 година предвидел поголем круг на човекови права и слободи, но тие биле повредени со одредбите на Законот за кривичната постапка, што сега е во примена, а во делот што ги регулира вонредните правни лекови. Повредата била направена на начин што обвинетиот, оштетениот и јавниот обвинител немале еднаква положба во постапката, што било спротивно на член 9 став 1 и 2 од Уставот.
Така, по однос на вонредниот правен лек, повторување на постапката се наведува дека во случај кога постапката поведена по приватна тужба или обвинителен акт на оштетениот, завршила со отфрлање заради кривично дело “злоупотреба” ; од страна на судијата, на барање на оштетениот за повторување на постапката, не би можело да се смета дека се откажал од веќе изнесените факти и докази, без да даде писмена изјава, а тоа нешто не било предвидено во Законот.
Бидејќи законот можел да биде повреден не само на штета на обвинетиот туку и на штета на оштетениот, според подносителот на иницијативата, јавн иот обвинител требал да поднесува барање за заштита на законитоста и кога законот е повреден на штета на оштетениот, а исто така смета дека освен јавниот обвинител право да го поднесат овој вонреден лек требале да имаат и обвинетиот и оштетениот.
Според подносителот на иницијативата на оштетениот не му било дозволено да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, а исто така не било предвидено да се поднесе ваков вонреден лек кога постапката била завршена со решение, а не со пресуда.
На крајот се истакнува дека во коментарите на Законот, во деловите што се занимаваат со регистарот на поими немало доволно јасни објаснувања што се подразбира под одредени поими, меѓу кои спаѓал и поимот “вонреден правен лек”.
Во дополнението на иницијативата се наведува дека одредбите од Законот, без да се посочи точно кои, ги повредуваат членовите 12, 13 и 14 од Уставот, бидејќи Законот не предвидел еднаква правна положба за обвинетиот и оштетениот. Во оваа смисла се посочува дека и оштетениот требал да има право на одговор на поднесеното обвинение, да има право на жалба против одлуката на судот, како и право да поднесува вонредни правни лекови и да приговара на истите.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 391 став 3 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 44/2002), ако постапката е запрена поради тоа што оштетениот како тужител се откажал од гонењето или според законот се смета дека се откажал, оштетениот како тужител не може да бара повторување на постапката.
Во членот 392 став 1 од Законот е предвидено под кои услови може кривичната постапка, завршена со правосилна одлука, да се повтори во корист на осудениот.
Според член 393 став 1 од Законот, барање за повтору-вање на кривичната постапка можат да поднесат странките и брани-телот, а по смртта на осудениот барање можат да поднесат јавниот обвинител ако постапката се водела по негово барање или лицата наведени во член 351 став 2 на овој закон (лицата што можат да изјават жалба во корист на обвинетиот). Во ставот 2 на оваа одредба е предвидено дека, барање за повторување на кривичната постапка може да се поднесе и откако осудениот ја издржал казната и без оглед на застареноста, амнестијата или помилувањето. Во ставот 3 од оваа одредба е предвидено дека, ако судот што би бил надлежен за одлучување за повторување на кривичната постапка (член 394) дознае дека постои причина за повторување на кривичната постапка ќе го извести за тоа осудениот, односно лицето кое е овластено да го поднесе барањето.
Согласно член 395 став 1 од Законот, судот со решение ќе го отфрли барањето ако врз основа на самото барање и на списите од поранешната постапка утврди дека барањето го поднело неовластено лице или дека нема законски услови за повторување на постапката, или дека фактите и доказите врз кои се заснова барањето веќе биле изнесени во поранешното барање за повторување на постапката што е одбиено со правосилно решение на судот, или дека фактите и доказите очигледно не се подобни врз основа на нив да се дозволи повторување, или дека подносителот на барањето не постапил според член 394 став 2 од овој закон.
Против правосилни судски одлуки и против судската постапка што им претходела на тие правосилни одлуки Јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста ако е повреден законот, согласно член 403 од Законот.
Во член 406 став 1 од Законот е определено дека, при решавањето на барањето за заштита на законитоста судот ќе се ограничи само на испитување на повредите на законот на кои се повикува подносителот во своето барање. Во став 2 од оваа одредба е предвидено, ако судот најде дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на осудениот постојат и за некој од сообвинетите во поглед на кој не е подигнато барањето за заштита на законитоста, ќе постапи по службена должност како да постои такво барање. Според став 3 од истата одредба, ако барањето за заштита на законитоста е подигнато во корист на осудениот, судот при донесувањето на одлуката е врзан со забраната пропишана во член 369 од овој закон (реформацио ин пеиус ).
Според содржината на член 411 став 1 од Законот, обвинетиот што правосилно е осуден на казна затвор или малолетнички затвор може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поради повреда на законот во случаите предвидени со овој закон. Во ставот 2 на оваа одредба е определено дека, барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда се поднесува во рок од еден месец од кога обвинетиот ја примил правосилната пресуда. Според ставот 3 на оваа одредба, обвинетиот што не користел редовен правен лек против пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда освен ако со пресудата на второстепениот суд наместо ослободување од казна, судска опомена, условна осуда или парична казна е изречена казна затвор, односно наместо воспитна мерка – казна малолетнички затвор. Во ставот 4 од оваа одредба е определено дека, барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда не може да се поднесе против пресудата на Врховниот суд на Република Македонија.
Во членот 413 од Законот децидно е набројано поради кои повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка може да се поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.
Според содржината на членот 414 став 1 од Законот, ваков вонреден лек можат да го поднесат осудениот и неговиот бранител. Во ставот 3 од оваа одредба е определено во кои случаи ќе дојде до отфрлање на поднесеното барање и кој е надлежен да донесе такво решение. Според ставот 4 од оваа одредба, судот надлежен за одлучувањето по барањето што доставил примерок од барањето со списите до тужителот што постапува пред тој суд, кој може во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето да поднесе одговор на барањето.
4. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Членот 12 став 1 од Уставот определува дека слободата на човекот е неприкосновена. Во ставот 2 се определува дека слободата на човекот може да се ограничи само со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон, а ставовите 3, 4, 5 и 6 го разработуваат прашањето за приведување и лишување од слобода и времетраењето на мерката притвор.
Во член 13 од Уставот е определено дека, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна пресуда, (презумпција на невиност), како и тоа дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.
Според членот 14 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука ( не бис ин идем) .
Во членот 98 став 2 од Уставот е определено дека, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според ставот 5 од оваа одредба, видовите, надлежноста, основањето, организацијата и составот на судовите, како и постап-ката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во членот 139 од Законот за кривичната постапка дадено е значењето на одделните изрази што се употребени во законот. Според оваа одредба, поимот ” осомничен” значи: лице против кое се води преткривична постапка. Поимот “обвинет” значи: лице против кое се води истрага или против кое е подигнат обвинителен акт, обвинителен предлог или приватна тужба и овој поим е општо прифатен за употреба во практиката. Поимот “осуден” значи: лице за кое со правосилна пресуда е утврдено дека е кривично одговорно за определено кривично дело.
Поимот “оштетен” значи: лице чиешто некакво лично или имотно право е повредено или загрозено со кривичното дело, при тоа под поимот лице се подразбира како физичко така и правно лице.
Според оваа одредба, поимот “тужител” значи: јавен обвинител, приватен тужител и оштетен како тужител, а кој од нив ја има улогата на тужител во постапката и под кои услови е определено со одредбите од Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик.
Поимот “странки” ги опфаќа тужителот и обвинетиот.
5. Тргнувајќи од содржината на членот 139 од Законот за кривичната постапка, како и од содржината на останатите одредби од Законот, Судот утврди дека обвинетиот, оштетениот и јавниот обвинител во кривичната постапка имаат точно определена правна, положба со јасно определени права и обврски за преземање на процесни дејствија во целокупната постапка, вклучувајќи ги и вонредните правни лекови. Од тука одредени дејствија во постапката можат да бидат преземани од сите учесници во постапката, според законското решение, а пак други само од одделни учесници. Исто така од значење е фактот што обвинетиот секогаш е поставен на спротивната страна од јавниот обвинител и оштетениот и се додека јавниот обвинител има улога на тужител во постапката интересите на оштетениот се заштитени со дејствијата што ги презема јавниот обвинител. Исто така, според одредбите на Законот, се до завршу-вањето на постапката со правосилна одлука, обвинетиот, јавниот обвинител, оштетениот, оштетениот како тужител и приватниот тужител се изедначени во правата да преземаат процесни дејствија насочени кон утврдување на материјалната вистина. При тоа, согласно член 59 став 1 од Законот, оштетениот како тужител ги има истите права што ги има јавниот обвинител освен оние што му припаѓаат на јавниот обвинител како државен орган, што впрочем произлегува и од неговата уставно определена полжба.
Од тука, според Судот не би можело да стане збор за повреда на уставниот принцип за еднаквост на граѓаните во слободите и правата пред Уставот и законите, гарантиран во членот 9 од Уставот. До повреда на овој принцип би можело да дојде кога помеѓу граѓаните со иста правна положба, во оспорениот закон или друг акт, е направен различен правен третман по однос на права и слободи, а како резултат на разликите помеѓу граѓаните по однос на: полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
6. Бидејќи иницијативата содржи наводи за несогласност на одредбите од Законот што се однесуваат на различни вонредни правни лекови од различни аспекти, Судот пристапи кон анализа на наводите по однос на секој од одделните вонредни правни лекови.
За вонредниот правен лек повторување на постапката или спорените членови: 391 став 3, 392 став 1, 393 и 395 став 1 од Законот, заеднички навод на подносителот на иницијативата е дека не биле во согласност со членовите 9, 12, 13 и 14 од Уставот, од причина што според оспорените одредби не би можело да се смета дека оштетениот се откажал од натамошно гонење без да даде писмена изјава за тоа (се мисли посебно на членот 391 став 3 ).
По однос на овој навод, според оценка на Судот одредбите не можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со Уставот, бидејќи во членот 58 од Законот е регулирано кога ќе се смета дека оштетениот се откажал од гонење и на кој начин треба да биде дадена или манифестирана таквата изјава.
7. Несогласноста на членовите 403 и 406 од Законот со уставните одредби подносителот на иницијативата ја согледува во тоа што законот можел да биде по вреден не само на штета на обвинетиот туку и на штета на оштетениот, па јавниот обвинител требал да поднесува барање за заштита на законитоста и кога законот е повреден на штета на оштетениот, а исто така смета дека освен јавниот обвинител право да го поднесат овој вонреден лек треба да имаат и обвинетиот и оштетениот.
Јавното обвинителство, според членот 106 од Уставот како единствен и самостоен државен орган ги врши своите функции врз основа на Уставот и закон. Еден од тие закони е и Законот за кривичната постапка, а во член 403 во надлежноста на јавниот обвинител е предвидено да може да подигне барање за заштита на законитоста ако е повреден законот, без да се акцентира дали тоа е во случај на повреда на законот на штета или во корист на обвинетиот. Од друга страна, иницијатива за покренување на овој вонреден лек можат да дадат како обвинетиот така и оштетениот, односно оштетениот како тужител или приватен тужител.
Оттука ексклузивното право на јавниот обвинител да го покрене овој правен лек, според мислење на Судот не задира во прашањето за еднаков третман на обвинетиот и оштетениот, бидејќи членот 403 од Законот не прави разлика по однос на правецот во кој е направена повредата на законот на штета или во корист на точно определен учесник во постапката.
По однос на овој вонреден правен лек од посебно значење е околноста што јавниот обвинител не настапува како странка во постапката туку како државен орган кој има објективна можност да следи дали се направени повреди на закон. Во случај кога таква констатација на јавниот обвинител ќе биде потврдена од Врховниот суд на Република Македонија, ефектот од уважувањето на овој вонреден лек ќе се одрази преку: согледувањето во правилната примената на законите, воедначувањето во примената на законите и отстранувањето на идни такви повреди, што во крајна линија е во функција на уставниот принцип за владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот).
8. Според подносителот на иницијативата оспорените членови 411 став 1 до 4, 413 и 414 став 1, 3 и 4 од Законот не биле во согласност со Уставот, бидејќи на оштетениот не му било дозволено да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, а исто така не било предвидено да се поднесе ваков вонреден лек кога постапката била завршена со решение, а не со пресуда.
По оценка на Судот, ваквата правна положба произлегува од карактерот на овој вонреден лек и правната цел што би требала да се постигне со неговото поднесување. Имено, овој вонреден лек, според членот 411 став 1 од Законот е резервиран само за обвинетиот од причина што е поврзан со изречена казна затвор или малолетнички затвор, а со цел осуденото лице да бара преиспитување на пресудата како би се отстраниле можните повреди на законот сторени на негова штета. Тоа значи дека ваков вонреден лек не може да поднесе ни јавниот обвинител ни оштетениот. Тоа што е предвидено ваков вонреден лек да се поднесе за преиспитување на правосилна пресуда, но не и за правосилно решение, произлегува од фактот што осудата на казна затвор и на малолетнички затвор се изрекува единствено во форма на пресуда.
Исто така, треба да се нагласи дека барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е воведено заради засилување на правата на граѓаните, меѓутоа како таков овој вонреден лек може да го користи само обвинетиот, но не и оштетениот, оштетениот како тужител, приватниот тужител и јавниот обвинител. Наспроти овој вонреден лек, обвинителот може да го користи барањето за заштита на законитоста, кога законот е повреден на штета или во корист на сите горе наведени лица.
Во секој случај, според одредбите на Законот, доколку некој од споменатите вонредни лекови биде усвоен и дојде до укинување на правосилната одлука, во новата постапка сите наведени лица ја заземаат истата права положба што ја имале како пред укинувањето на одлуката.
9. Од наводите на подносителот на иницијативата произлегува дека се укажува на несогласност на оспорените одредби од Законот со членот 9 од Уставот, но по однос на тоа во што се состои несогласноста на одредби со членовите 12,13 и 14 од Уставот нема конкретни наводи. Во секој случај по оценка на Судот, оспорените одредби не би можеле да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со членот 12 од Уставот, од причина што не го регулираат прашањето за условите под кои едно лице може да биде лишено од слобода, како и условите за определување на притворот и неговото времетраење. Исто така, овие одредби не можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со членовите 13 и 14 од Уставот, бидејќи според нивната процесна содржина не ги засегаат уставните принципи за презумпција на невиноста и предвиденост на кривичните дела во законот, како и забраната за повторна осуда за исто кривично дело на исто лице.
Од друга страна согласно член 98 став 5 од Уставот, постапката што се води пред судовите се уредува со закон, што значи дека Уставот не ја регулира содржината на постапките што се водат пред судовите, па законодавецот има целосна слобода во рамките на Уставот, да ги уреди постапките.
10. Заедничко за наводите од иницијативата по однос на сите вонредни правни лекови предмет на оваа уставно-судска оценка е дека подносителот на иницијативата посочува на отсуство на одредени законски решенија и наведува што би требало да содржат оспорените одредби според неговата замисла. По однос на овие наводи, се тргна од околноста што во надлежност на Уставниот суд, според член 110 од Уставот, не спаѓа оценка на уставност и законитост на одредби или делови од одредби што би требало да бидат содржани во оспорените акти, туку оценување уставност и законитост на одредби што се содржани во актите предмет на уставно – судска оценка. Ова од причини што Судот нема позитивна нормативна дејност и таквата дејност припаѓа во надлежност на Собранието на Република Македонија.
Исто така, според член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени согласноста на коментарите на конкретни закони, бидејќи коментарите на законите немаат правно обврзувачко дејство, тие не се креација на органите надлежни за донесување на закони и служат за олеснување во примената на законите. Според истата уставна одредба Судот не е надлежен да ја цени и меѓусебната согласност на одредбите од законот што престанал да важи и законот што е во сила.
11. Од изнесените причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
Решението за неповедување на постапка за оценување уставноста на членот 403 од Законот за кривичната постапка, Судот го донесе со мнозинство гласови
У.бр.11/2003
9 јули 2003 год.
С к о п ј е
ла
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова