5/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 јули 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлука за евидентирање на станови како државна сопственост (‘’Службен весник на Република Македонија’’ бр.94/01).

2. Тодор Плаков, адвокат од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се ограничувала сопственоста и правата кои произлегуваат од неа што не било во согласност со член 30 од Уставот и со членовите 6 и 8 од Законот за сопственост и други стварни права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се евидентираат како државна сопстве- ност сите станови во Република Македонија изградени со здружени средства по било кој основ, а кои се заведени на претпријатијата или установите како и становите на претпријатијата кои се ликвидирани, приватизирани или кои се во стечај и деловите од заедничките простории кои се адаптирани во стамбен простор.

Согласно член 2 став 1 од Одлуката, со становите од претходниот член ќе стопанисува и управува Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор на Република Македонија, а според ставот 2 од овој член од Одлуката, се задолжува Комисијата за стамбени и иселенички прашања на Владата на Република Македонија да донесува соодветни решенија на лицата кои ги користат становите и ќе служат како посебен доказ при евидентирање на становите.

Со членот 3 од Одлуката се уредува режимот за влегување во сила на Одлуката, која е донесена од Владата на Република Македонија на 20 ноември 2001 година, а влегла во сила на 1 декември 2001 година.

4. Потоа, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2003) спорните прашања од Одлуката се уредени во член 3 од наведениот закон.

Во член 3 од Законот е предвидено дека по членот 7-а се додава нов член 7-б кој гласи: “Становите изградени со здружени средства по било кој основ, а кои се заведени на поранешни претпријатија или установи како и становите на претпријатијата кои се ликвидирани, приватизирани или се во стечај и деловите од заедничките простории адаптирани во станбен простор се државна сопственост.

Со становите од став 1 на овој член, управува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ги евидентира становите и лицата што ги користат становите од ставот 1 на овој член.”

5. Исто така, Судот утврди дека на 9 јуни 2003 година Владата на Република Македонија, донела Одлука за престанување на важноста на одлуката за евидентирање на станови како државна сопственост.

6. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за постапување по иницијативата.

Со оглед на наведената фактичка состојба на работите по предметот, според која оспорената одлука престанала да важи, Судот согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.5/2003
2 јули 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова