Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 мај 2003 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 1 и член 2 став 3 и 4 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална помош донесена од Владата на Република Македонија на 2 декември 2002 година (“Службен весник на РМ” бр.91/2002).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Иван Спиркоски од Прилеп поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 и член 2 став 3 и 4 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од одлуката со Уставот и Законот за социјална заштита.
4. Судот на седницата утврди дека во одлуката за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош (“Службен весник на РМ” бр.15/98, 21/98, 28/2001 и 23/2002) во членот 8 по ставот 1 се додаваат два нови става 2 и 3 кои гласат “Наведените категории на баратели од точките 8.1., 8.2., 8.3., 8.4. и 8.5. со поднесување на барањето доставуваат и сметки за потрошена електрична енергија кои се водат на име на носителот на правото или на член на неговото домаќинство.
Доколку при непосредниот увид надлежниот центар за социјална работа утврди намерно пренесување на броилото за потрошена електрична енергија на носителот на правото или на член на неговото домаќинство заради остварување на правото на социјална парична помош, тоа домаќинство не може даго оствари правото на социјална помош наредните 12 месеци.
Доколку носителот на правото со членовите на неговото домаќинство живее во стан или куќа под закуп, потребно е заедно со поднесувањето на барањето да достави и договор за закуп за користење на соодветниот станбен простор”.
5. Согласно член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката.
Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на неможните и на неспособните за работа граѓани.
Согласно член 91 од Уставот, Владата покрај другото ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи.
Во членот 1 од Законот за социјална заштита е утврдено дека државата е основен носител на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување. Државата го воспоставува системот на социјална заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови за вршење на социјално-заштитната дејност и развива форми на самопомош.
Според член 29 став 1 од Законот за социјална заштита лицата способни за работа и социјално необезбедени, кои според други прописи не можат да обезбедат средства за егзистенција, имаат право на социјална парична помош.
Според став 2 на член 29 од законот поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на правото од став 1 на овој член ги утврдува Владата.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува овластувањето на Владата поблиску да ги утврди условите, висината, критериумите и начинот на остварување на правото на социјална парична помош.
6. Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 1 од одлуката според која Владата предвидела дополнителен критериум за остварување на правото на социјална парична помош кое право барателот може да го оствари доколку при поднесување на барањето поднесе доказ дека електричното броило се води на име на подносителот или на член на неговото домаќинство, Судот смета дека Владата со утврдување на дополнителниот критериум ги пречекорила уставните рамки и основи за поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Ова дотолку повеќе што Законот за социјална з аштита не ги утврдил основните критериуми за остварување на правото на социјална парична помош, а овластувањето на Владата не е во насока на операционализација на законската одредба од член 29 став 2 од Законот за социјална заштита, туку основ и за утврдување на правото на социјална парична помош, кои односи спаѓаат во доменот на законодавната власт што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 91 алинеја 5 и член 96 од Уставот.
7. Понатаму Судот утврди дека во член 2 став 3 и 4 од одлуката е предвидено дека по ставот 1 на член 14 се додаваат два нови ставови во кои е предвидено дека по истекот на периодот од шест години настанува прекин на користење на социјална помош во наредните 24 месеци.
Правото на социјална помош домаќинството може повторно да го оствари согласно критериумите утврдени во Одлуката по истекот на периодот од ставот 2 на овој член.
8. Имајќи ги предвид веќе наведените уставни и законски одредби како и содржината на член 2 ставови 3 и 4 од Одлуката според кои по протек на шест години настапува прекин на користење на социјалната парична помош во наредните 24 месеци, кое право корисникот повторно може да го оствари согласно критериумите од одлуката Судот смета дека со предвидувањето на институтот прекин на правото на користење на социјална парична помош за определен временски период кој прекин го утврдува Владата се доведува во прашање социјалната функција на државата односно таа функција е суспендирана од Владата за определен временски период а лицето кое било корисник и кое и по протек на шест години е социјален случај не може да го оствари тоа право на кој начин се повредуваат уставните одредби за карактерот на државата прокламирана како социјална држава и остварување на начелото на социјална заштита и социјална сигурност на човекот и граѓанинот.
9. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крл ески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски и д-р Милан Недков.
У.бр.9/2003
22 мај 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов