52/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба Козле, дел од МЗ “Кузман Јосифовски – Питу” (урбан модул 40) – Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општината Карпош на 27 декември 2002 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија” .
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Драган Бошнакоски од Скопје, со Решение У.бр.52/2003 од 2 април 2003 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и член 18 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши изменување и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП за населба Козле, дел од МЗ “Кузман Јосифовски – Питу” (урбан модул 40) – Општина Карпош – Скопје, така што се определува просторот, неговите граници и намена, а преку текстуалниот и графичкиот дел се дава документационата основа и планираниот развој.
Исто така, Судот од одговорот на доносителот на оспоре-ната одлука (писмо бр.389/2 од 19 март 2003 год) и документацијата приложена кон предметот, констатира дека во постапката на донесувањето на Одлуката била организирана јавна анкета, која според член 3 од Одлуката за организирање Јавна анкета по Нацртот на Одлуката …. донесена од градоначалникот на Општина Карпош под бр. 08-1520 /4 од 31 октомври 2002 година, се определува јавната анкета да трае 10 дена од денот на објавувањето на соопштението. Соопштението било објавено во весникот “Дневник” на 2 ноември 2002 година. Понатаму, на 11 ноември 2002 година, во попладневните часови канцеларијата на месната заедница каде што бил изложен планот, била затворена, а на 12 ноември 2002 година, месната заедница со писмо бр. 153, плановите ги вратила во Општина Карпош, така што, подносителот на иницијативата, како и други заинтереси-рани граѓани, кои имале подигнато анкетни листови, биле попречени истите да ги дадат, односно да учествуваат во јавната анкета.
5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 17 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (” ;Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96, 8/96, 28/97, 18/99 и 53/01), по нацртот на деталниот урба-нистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета.
Според член 18 став 1 од овој закон, јавната анкета од член 17 став 3 на овој закон се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доста-вуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека уредувањето на просторот, вклучувајќи го и неговото планирање е право на граѓаните, кои тие го остваруваат во постапката на донесуваање на деталните урбани-стички планови, преку учеството во јавната анкета со можност од давање на писмени забелешки по нацртот на планот. Понатаму, поаѓајќи од фактот дека јавната анкета трае најмалку 10 дена, а во конкретниот случај, таа била скратена, што може да се констатира од напред наведената правна и фактичка состојба, на учесниците во јавната анкета, според мислењето на Судот, им била ускратена можноста да учествуваат во истата, со што била повредена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и член 18 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 52/2003
7 мај 2003 година
Скопје
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов