У.бр.184/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 8 од Правилникот за систематизација на работни места на Управата за јавни приходи бр.03–3249 од 08.05.200 2 година, донесен од министерот за финансии.

2. Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) – Генерална дирекција во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитост а на членот 8 од актот означен во точката 1.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека воопшто не биле запознати со содржината на Правилникот ниту пак дека бил објавен на огласната табла во УЈП, туку дознале истиот ден кога бил донесен и влегол во сила на денот на доставување на решенијата со кои се стекнале со звање државен советник. Со содржината на Правилникот биле запознати по истекот на рокот за жалби.

Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека Правилникот наместо да се донесе врз основа на Законот за државните службеници и Уредбата на Владата за описот на звањата и соодветноста на работните места во групите и звањата утврдени со Законот за државни службеници, бил донесен врз основа на член 58 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и тоа покасно од предвидениот рок со Законот за државни службеници.

Исто така, подносителите сметаат дека одредбите од член 8 од Правилникот се нејасни и недоволно прецизно наведени, со што е оставена можност и е доведено во прашање правилното применување на Законот за државни службеници и Уредбата при распоредувањето на службениците.

3. Судот на седницата утврди дека во Правилникот за систематизација на работните места на Управата за јавни приходи се утврдени работните места и наведен е описот на работни задачи за секое место пооделно.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992).

Имајќи ја во предвид содржината на оспорениот правилник, Судот оцени дека истиот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт со кој се уредува внатрешната организација и систематизација на работните места во Управата за јавни приходи – Регионална дирекција – Скопје, а е во функција на извршување на работите од надлежноста на Управата за јавни приходи за која што е и основана, како и за остварување на правата, обврските и одговорностите на вработените во Управата за јавни приходи утврдени со закон и колективен договор.

Судот, исто така, оцени дека согласно цитираната одредба на Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постои основ за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.184/2002
15 април 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов