Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8 април 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 7 од Одлуката за поделба на Претпријатието на повеќе посебни јавни претпријатија, донесена од Работничкиот совет на поранешното ЈКП “Комуналец” Скопје, под бр.02-8800/7 од 8 октомври 1992 година.
2. Александар Младеновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 7 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба која се уште се применувала, утврдувала ЈП “Водовод и канализација” од цената на 1 м3 вода да издвојува средства во износ од 22% на ЈП “Паркови и зеленило” заради одржување на јавното зеленило во Градот, се додека Собранието на град Скопје не изнајде посоодветен начин за финансирање на таа дејност, што не било во согласност со Законот за комуналните дејности.
3. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека Уставниот суд со Решение У.бр.264/94 од 13 јули 1994 година, ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на оспорената одлука, бидејќи оценил дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот и не подлежи на уставно-судска оценка, што значи за истата работа веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.59/2003
8 април 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов