У.бр.161/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 93 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99 и 29/ 2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.161/2002 од 12 февруари 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на член 93 став 2 од Законот за основното образование, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека членот 93 од Законот е поместен во дел VII „Нострификација и еквиваленција на сведителствата стекнати во странство“.

Во членот 87 од Законот е утврдено дека нострификацијата односно еквиваленцијата на сведителството стекнато во странство ја врши министерството.

Во член 93 став 1 од Законот е предвидено дека решение за нострификација и решение за признавање на еквиваленцијата на сведителството во странство донесува Комисијата што ја образува министерството составено од истакнати стручни лица.

Во оспорениот став 2 на членот 93 е предвидено дека против решението за одбивање на нострификацијата, односно еквиваленцијата, може да се изјави жалба до министерот.

Од наведените законски одрдби произлегува дека нострификацијата и еквиваленцијата на сведителствата стекнати во странство спаѓа во доменот на работата на Министерството за образование со кој раководи министерот; дека Решение за признавање на нострификација и Решение за еквиваленција донесува Комисијата што ја образува Министерството од истакнати стручни лица и дека по жалбата против решението на Комисијата за одбивање на нострификација односно еквиваленција, одлучува министерот.

5. Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од изнесената одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против поединечните акти со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека со оспорената одредба од Законот не се обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето по жалба во смисла на член 15 од Уставот, бидејќи Комисијата за нострификација и еквиваленција на сведителствата стекнати во странство нема статус на државен орган на управата со оглед на начинот на кој таа е формирана од што произлегува дека фактички во прв и во втор степен одлучува еден ист орган.

Според тоа, Судот оцени дека законската одредба не е во духот на уставната интенција и гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето односно во втор степен да одлучува друг орган кој не учествувал во донесување на првостепеното решение, поради што таа не е во согласност со член 15 од Уставот.

6. Со оглед на наведеното, се одлучии како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.161/2002
8 април 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов