У.бр.111/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 151 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана бр. 01-92/1 склучен на 15 април 2002 година, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.78/02.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.11/2002 од 12 февруари 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 151 од колективниот договор означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека членот 151 во целина гласи: „Заради остварување на правата од работен однос работникот има право да поднесе барање односно приговор до министерот доколку за тоа решавал овластен работник од министерот (оспорен дел), а до комисијата од член 51 на овој колективен договор доколку за истото решавал министерот”.

5. Со оглед дека членот 151 во делот „до министерот доколку за тоа решавал овластен работник од министерот“ во иницијативата се оспорува од аспект на член 15 од Уставот и член 135 став 2 од Законот за работните односи, Судот ја имаше предвид содржнита и смислата на наведените уставни и законски одредби.

Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од наведената уставна одредба произлегува дека граѓаните имаат право на жалба против поединечните правни акти донесени, меѓу другите, и од органите на државната управа, а смислата на оваа уставна одредба е да обезбеди двостепеност во одлучувањето под што се подразбира по жалбата поднесена по поединечните акти на наведените органи да одлучува друг орган кој не учествувал во првостепената постапка.

Според ставот 1 на член 135 од Законот за работните односи, работникот има право да поднесува барање за остварување на своите права од работен однос, како и право на приговор против одлука донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности.

Според ставот 2 на наведениот член од Законот, барањето односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право, односно од денот за кога дознал за повредата на правото.

Од наведените законски одредби произлегува дека правото на приговор, како правно средство за заштита на правата на работниците е утврдено во самиот закон, а додека органот кој ќе одлучува по приговорот според Законот е предмет на уредување со колективен договор, при што Законот не прецизирал со кој вид колктивен договор треба да се уреди ова прашање.

Во наведената смисла, соодветни решенија содржат и Општиот и гранскиот колективен договор. Така, според член 82 од Општиот колективен договор за јавни служби, работникот има право да поднесе приговор до органот утврден со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец, а според член 115 од гранскиот колективен договор кој се однесува за државните органи, работникот има право да поднесе приговор до органот утврден со колективен договор на ниво на работодавец.

Од наведените одредби на двата колективни договори произлегува дека право е на работодавецот со колективниот договор да утврди кој орган ќе одлучува по приговорот на работникот, така што гледано од овој аспект оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор не е во несогалност со членот 135 од Законот за работните односи.

Меѓутоа, имајќи предвид дека приговорот на работниците во органите на државната управа има карактер и значење на жалба предвидена во членот 15 од Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај, со оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор, а со оглед на организацијата на органите на државната управа, не се обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето по приговорот, поради што Судот оцени дека во овој дел членот 151 од Колективниот договор не е во согласност со член 15 од Уставот.

Освен тоа, со оглед дека овој колективен договор е склучен во време на важење на Законот за државните службеници, а во овој закон, меѓу другото, како второстепен орган кој одлучува по жалба, односно приговор е утврдена Агенцијата за државните службеници, Судот утврди дека потписниците на овој договор при утврдувањето на решението во членот 151 не ги имале предвид соодветните одредби од Законот за државните службеници бидејќи овој член, според неговата формулација генерално се однесува за сите вработени во Министерството за одбрана, независно дали некои од нив имаат или не статус на државен службеник. Имено, со оглед дека во овој член не е направена ваква дистинкција меѓу вработените во Министерството за одбрана, од формулацијата произлегува дека заштитата во остварувањето на своите права работниците во Министерството ја остваруваат пред органите утврдени во член 151, иако според Законот за државните службеници не е така.

Од тие причини, Судот по сопствена иницијатива оцени дека во целина член 151 од Колективниот договор, а не само за оспорениот дел, не е во согласност со Уставот и со закон.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судии те Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.

У. бр. 111/2002
2 април 2003 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов