У.бр.52/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Мусовски Шемо од Прилеп, поднесено преку полномошникот Шпенд Деваја адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

2. Мусовски Шемо од Прилеп, преку полномошникот Шпенд Деваја – адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста, а кои му биле повредени со Решението на Министерството за одбрана бр.14-11244/2 од 2.07.2001 година со кое барањето за цивилно служење на воениот рок му било одбиено како неосновано и со Решение на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната при Владата на Република Македонија бр.28/И-223/3 од 19 декември 2001 година со кое жалбата изјавена против решението на Министерството за одбрана, била одбиена како неоснована.

Во текот на постапката пред Уставниот суд, Мусовски Шемо бил повикан и го отслужил воениот рок со оружје, со што се исцрпело дејствието на решението, односно поединечниот акт со кој бил упатен на отслужување на воениот рок.

Исто така, адвокатот Шпенд Деваја ја повлече иницијативата за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

3. Согласно член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003) членот 10 став 1 се менува во смисла што регрутот кој сака да служи воен рок согласно со членот 8 од овој закон, поднесува писмено барање до Министерството за одбрана, до денот на приемот на поканата за упатување на отслужување на воениот рок, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок.

Во конкретниов случај, според Судот, тоа значи дека Мусовски Шемо ова право ќе може да го користи во случај да биде повикан на служење на воениот рок во резервен состав.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.

Со оглед на тоа дека дејствието на поединечниот акт со кој Мусовски Шемо бил упатен на служење на воениот рок, се исцрпело со отслужувањето на истиот, а неговата иницијатива е повлечена, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џу нов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.52/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов