Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката донесена од Националното биро за осигурување под бр.0201-672/01 од 27.12.2001 година.
2. Милорад Кипроски, од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со одлука на Националното биро донесена во почетокот на 2002 година бил укинат бонусот од 25% при регистрација на моторните возила и тоа важела се до 13.03.2002 година, кога ова биро донело друга одлука со која пак го воведува бонусот од 25%.
Според подносителот, со овие две одлуки сите правни и физички лица кои ги регистрирале возилата во периодот од 1.01.2002 до 13.03.2002 година биле ставени во нерамноправна положба во однос на оние кои своите возила ги регистрирале после 13.03.2002 година, со оглед дека првите без бонусот платиле поголема сума за регистрација, за разлика од вторите. Тоа било причина, подносителот да се обрати до АД за осигурување имоти и лица “Вардар” -Скопје да му се вратат повеќе уплатените средства, но до денесе немал никаков одговор.
Поради наведените причини подносителот бара оценување на уставноста на Одлуката донесена во почетокот на 2002 година, при тоа не прецизирајќи го ниту точниот назив, ниту бројот и датумот, под кои таа е донесена.
Со дополнување на иницијативата од 12.11.2002 година, подносителот го извести Судот дека од медиумите дознал оти Националното биро при крајот на овој месец ќе донело нова одлука со која бонусот повторно ќе бил укинат.
Меѓутоа, со оглед дека со ваквите чести промени на одлуките на Националното биро за осигурување граѓаните и правните лица неоправдано се доведувале во нерамноправна положба во однос на давачките при регистрација на моторните возила, подносителот останува на своето барање и предлага Судот да ја продолжи постапката за оценување уставноста на одлуката што ја оспоруваше со првото негово обраќање до Судот.
3. Судот на седницата, разгледувајќи ја иницијативата, а врз основа на одговорот и документацијата прибавени од Националното биро за осигурување, ја утврди следната фактичка состојба:
Одлуката што се оспорува е насловена како “Одлука за усвојување и објавување на условите, тарифите на премии по осигурување од автомобилска одговорност и Тарифата за дополнителна премија за издавање на зелена карта. Таа има 5 члена, со тоа што во член 1, се утврдува дека се усвојуваат измените на Условите за осигурување од автомобилска одговорност, според членот 2, се усвојуваат измените на Тарифата на премија Х-АО за осигурување од автомобилска одговорност, а според член 3, се усвојуваат измените на тарифата за дополнителна премија за издавање на зелена карта.
Според членот 4, сите измени од членот 1, 2 и 3 ќе се применуваат од 1.01.2002 година, а со членот 5 се задолжува националното биро да ги објави актите од член 1 и 2 од оваа одлука во денвниот печат.
Оспорената одлука се применувала само 75 дена, и тоа од периодот од 1.01. до 15.03.2002 година, кога поради еднострано непридржување на АД за осигурување “Табак”, сметано од 15.03.2002 година, и другите три друштва за осигурување почнале повторно да одобруваат бонус од 25%.
Поради енормните загуби во овој вид на осигурување, во месец ноември 2002 година била иницирана постапка за укинување на бонусот и Управниот одбор на Националното биро, на седницата одржана на 6.11.2002 година донел Одлука под бр.0201-696/02, со која почнувајќи од 1.12.2002 година повторно е укинат бонусот. Меѓутоа, и оваа одлука не била респректирана од АД “Табак”.
Во меѓувреме, друштвата за осигурување – членки на Бирото конечно се усогласиле од 20.01.2003 година да се укине бонусот од 25% при регистрација на возилата за што е донесена и Одлука под бр.0201-18/03 од 16.01.2003 година.
4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.
Со оглед дека оспорената одлука е дерогирана со подоцна донесената Одлука бр.0201-696/02 од 6.11.2002 година (и истата престанала да важи) и дека во моментот е во важност и се применува Одлуката под бр.0201-18/03 од 16.01.2003 година, а подносителот, со дополнувањето на иницијативата своето барање за оценување на уставноста не го прошири и на наведените две одлуки, чие донесување уследило по донесувањето на оспорената одлука, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето во смисла на член 28 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.166/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов