У.бр.55/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Андрија Јузбашиќ од Скопје, поднесено преку полномошникот Шпенд Деваја адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

2. Андрија Јузбашиќ од Скопје, преку полномошникот Шпенд Деваја адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероиспвоеста, а кои му биле повредени со Решението на Министерството за одбрана бр.14-1098/3 од 25 декември 2001 година со кое барањето за цивилно служење на воениот рок поднесено од Андрија Јузбашиќ е одбиено како неосновано и со Решение на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната на Владата на Република Македонија бр.14/6-25/3 од 13 февруари 2002 година со кое жалбата изјавена од регрутот Андрија Јузбашиќ против наведеното решение на Министерството за одбрана, се одбива како неоснована.

3. Во текот на постапката по предметот, Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметот У.бр.37/2002, со Одлука од 12 септември 2002 година го укина член 10 став 1 од Законот за одбрана (Одлуката е објавена во ” Службен весник на Република Македонија” бр.73/02), кој претставуваше основ за донесување на оспореното решение и е во директна зависност со предметното барање.

Судот на седницата утврди дека во одговорот на Министерството за одбрана бр.03-940/3 од 19 февруари 2003 година, е наведено дека ова министерство постапува согласно наведената одлука на Уставниот суд, со што се обезбедува остварување на правото на приговор на совеста согласно одредбите на Законот за одбрана. Во однос на барателот Андрија Јузбаши ќ од Скопје, Комисијата за решавање по барањата на регрутите за служење на воен рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба на Министерството за одбрана, донела решение со кое се усвојува барањето за служење на воениот рок во цивилна служба и регрутот Андрија Јузбашиќ од декември 2002 година се наоѓа на служење на воениот рок во цивилна служба.

Од наведеното, јасно произлегува дека поединечниот акт кој бил повод за поднесување на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот веќе не постои и е заменет со нов поединечен акт со кој се усвојува барањето на Андрија Јузбашиќ од Скопје, со што настанале процесни пречки за одлучување на Судот по барањето.

4. Според член 28 став 1 алинеја 3 а во врска со член 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување на Судот.

Врз основа на наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд, а имајќи предвид дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.55/2002
19 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов