6/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на “Дел Петти-Задолжително осигурување” и членовите од 54 до 79-а од Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97, 79/99, 13/01, 26/01 и 4/02).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 80, 81, 82 и 83 од Законот за осигурување.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на поднасловот “Дел Петти-Задолжително осигурување” и членовите од 54 до 83 од Законот за осигурување. Според наводите во иницијативата со оспорните одредби од Законот се наметнува задолжително осигурување на сопствениците односно корисниците на моторни возила, на воздухоплови, на бродови односно чамци на моторен погон и на шински возила, кои се должни да ги осигураат возилата од одговорност за штети причинети на трети лица а со тоа тие се излагале на трошоци кои треба да ги плаќаат, и покрај тоа што не биле заинтересирани за овој вид осигурување. Имено, секој договор, па и договорот за осигурување, можел да се склучи само ако така сакаат договорните странки, а во случајов со оспорените одредби од Законот се наметнува по сила на законот да се скл учи договор за задолжително осигурување. Исто така, за задолжителното осигурување не постоеле казнени одредби во Законот. Од овие причини поднасловот “Дел Петти-Задолжително осигурување” и наведените членови од Законот не биле во согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за осигурување (“Службен весник на РМ” бр.49/97, 79/99, 13/01, 26/01 и 4/02), во “Дел Петти-Задолжително осигурување” ги содржи членовите од 50 до 79-а. Законот во “Дел Шестти-Трговски книги и годишен извештај” ги содржи, меѓу другото и членовите 80, 81, 82 и 83, меѓутоа овие одредби престанале да важат врз основа на член 250 од Законот за супервизија на осигурување (” Службен весник на РМ” бр.27/2002). Имено, со членот 250 од наведениот Закон е утврдено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престануваат да важат одредбите од Дел Први, Втори, Трети, Четврти, Шести, Седми, Осми, Девети, Десети, Единаесети, Дванаесети од Законот за осигурување, освен одредбите од Дел Петти кои се однесуваат на задолжителното осигурување, член 122 став 1 точка 2 и став 3 и член 123.
Законот за осигурување со одредбите содржани во Дел Петти од член 50 до член 79-а, го регулирал задолжителното осигурување, на кое според законот задолжително се осигуруваат: 1) патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај; 2) сопствениците, односно корисниците на моторни возила од одговорност за штети причинети на трети лица; 3) сопствениците, односно корисниците на воздухоплови од одговорност за штети причинети на трети лица и 4) сопствениците, односно корисниците на бродови, односно на чамци на моторен погон од одговорност за штети причинети на трети лица.
Во делот на казнените одредби од Законот за осигурување, според членот 122 став 1 точка 2, со парична казна од 250.000,00 до 300.000,00 денари, ќе се казни за прекршок правно лице:
1. ако не склучи договор за задолжително осигурување согласно со овој закон (членови 51, 53, 57, 79 и 79-а). Според ставот 2 на овој член од Законот, за дејствијата од став 1 на овој член ќе се казни за прекршок и одговорното лице во правното лице, со парична казна од 45.000,00 до 50.000,00 денари.
Со членот 123 од Законот е предвидено дека со парична казна од 45.000,00 до 50.000,00 денари ќе се казни за прекршок физичко лице ако не го склучило договорот за осигурување кој би требало да го склучи според закон (членови 51, 57, 77 и 79).
Во делот на оспорените членови кои се однесуваат на задолжителното осигурување, Законот со членот 54 дефинирал што се смета за патници во јавниот сообраќај и е утврдено дека се тоа лица кои заради патување се наоѓаат во едно од превозните средства одредени за вршење на јавен превоз, независно дали имаат или немаат возен билет, како и лицата кои се наоѓаат во кругот на станицата, пристаништето, аеродромот или во непосредна близина на превозното средство пред качување или по слегувањето, кои имале намера да патуваат со определено превозно средство или со него патувале, а докажувањето дека некое лице било патник, паѓа на товар на корисникот на осигурувањето.
Со членот 55 од Законот се определени најниските осигурени суми на кои може да биде договорено осигурувањето за еден патник во случај на смрт, трајно губење на општата работна способност и преодна неспособност за работа пресметани во денарска противвредност по курсот на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата, и се дадени парични износи во евра.
Со членот 56 од Законот е предвидено правото на патникот кому ќе му се случи несреќен случај односно корисникот на осигурувањето во случај на смрт на патникот, да бара од друштвото за осигурување непосредно нему да му ја изврши обврската од договорот за осигурување, на начин и под услови кои се пропишани со одредбите од овој член од Законот.
Со членовите од 57 до 76 од Законот, се регулира осигурувањето на сопствениците, односно на корисниците на моторни возила од одговорноста за штети предивзикани на трети лица.
Имено, со членот 57 од Законот е утврдено дека сопственикот, односно корисникот на моторно возило и на приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторно возило (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз. Според членот 58 од Законот, под моторни и приклучни возила се сметаат сите возила на моторен погон што се движат по јавен пат на кој се врши сообраќај и мораат да и маат сообраќајна дозвола.
Во членот 59 од Законот е уредено кои не се сметаат за трети лица, во смисла на овој закон, и немаат право на надомест на штета по основа на осигурување од автомобилска одговорност.
Со членот 60 од Законот, утврдени се најниските износи прикажани во евра, на кои мора да се договори осигурување од автомобилска одговорност пресметани во денарска противвредност по курсот на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.
Потоа, со членот 61 од Законот е регулиран односот на правата и обврските помеѓу субјектите кога правно лице кое врши работи на здравствено инвалидско или пензиско осигурување ќе истакне оштетно побарување до друштвото за осигурување. Со членот 62 е утврдено дека оштетеното лице има право барањето за надоместок на штетата да го истакне дирекно спрема друштвото за осигурување, а со членот 63 е предвидено дека со осигурувањето од автомобилска одговорност се опфатени и штетите предизвикани со употреба на возилото што го користело односно управувало лице кое немало овластување, и е определено кои се тие лица.
Со одредбите од член 64 и член 65 од Законот, е утврдено дека се пренесуваат правата и обврските од договорот за осигурување од автомобилска одговорност со промена на сопствениците на возилото, и е определен начинот на надоместување на штета нанесена со употреба на возилото во земјите членки на Советот на бира за зелена карта, на третото лице во висина определена со прописите за задолжителното осигурување на државата во која настапила штетата.
Членот 66 од Законот ги уредил прашањата за надомест на штета од друштвото за осигурување кое врши задолжително осигурување од автомобилска одговорност, спрема домашни и странски лица на кои на територија на Република Македонија им е причинета штета со употреба на моторно возило чиј сопственик односно корисник не е осигуран.
Со одредбите од член 67 од Законот е регулирано правото за надомест на штета кое оштетеното лице ја претрпело од непознато моторно возило, и обврските на друштвото за осигурување во вакви случаи, а со членот 68 е определено како може да се наплати правото на надомест на штета во случај на престанување на друштвото за осигурување кај кое сторителот на штетата е осигуран од автомобилска одговорност.
Законот со членот 69 утврдил дека лице со моторно возило со странска регистрација кое влегува на територија на Република Македонија задолжително мора да поседува важечка меѓународна исправа за осигурување од автомобилска одговорност која важи на територија на Република Македонија, а со членот 70 од Законот е определено дека меѓународни исправи и докази се сметаат оние чија важност ја признава Националното биро за осигурување. Доколку лицето нема ваква исправа, е должно на граница на Република Македонија да склучи договор за осигурување од автомобилска одговорност со друштво за осигурување кое е член на Националното биро за осигурување, ова согласно членот 71 од Законот.
Одредбите од член 72 до 74 од Законот, се однесуваат на правата и обврските кои произлегуваат од осигурувањето од автомобилска одговорност за оштетено лице на кое му е нанесена штетата со употреба на возило со странска регистрација, додека, пак, одредбите од член 75 и член 76 од Законот се однесуваат на обврските на учесниците во сообраќајот да известуваат и даваат на увид документи на органот надлежен за внатрешни работи.
Членот 77 од Законот ги утврдил правата и обврските од осигурувањето на сопствениците односно корисниците на воздухоплови запишани во регистарот на Република Македонија, кои задолжително треба да бидат осигурани во друштво за осигурување, од одговорност за штета која може да ја предизвикаат на трети лица, додека пак членот 79 од Законот ги регулирал овие права и обврски од осигурувањето на сопствениците односно корисниците на бродови односно чамци на моторен погон со сила на моторот над 1,5 КС, регистрирани за деловни цели, спорт и разонода, впишани во бродскиот регистар, а со членот 79-а од Законот е уредено осигурувањето на сопствениците односно корисниците на шински возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот во Република Македонија, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, а според членот 35став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Исто така, Уставот во членот 39 став 2 утврдил дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Со членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во однос на оспорените членови од 54 до 79-а од Законот за осигурување и од анализата за уставната усогласеност на овие одредби кои регулираат прашања за задолжително осигурување во сферата на јавниот сообраќај, Судот оцени дека тие имаат темелна основа во определбите на изнесените уставни норми.
Имено, со членовите од 54 до 79-а од Законот се уредува задолжителното осигурување на имоти, имотни интереси и лица и се пропишуваат правата и обврските за патниците во јавниот сообраќај од последици на несреќен случај и за сопствениците односно корисниците на моторни возила, на воздухоплови, на бродови односно чамци на моторен погон и на шински возила, од одговорност за штети причинети на трети лица.
Определбата на законодавецот за регулирање на ова осигурување како задолжително а не како доброволно односно независно од волјата на субјектите обврзани да го сторат осигурувањето, кое воедно подразбира плаќање на паричен надомест за осигурувањето утврден со закон, ја изразува грижата и одговорноста на државата да се обезбедат услуги за патниците во јавниот сообраќај и за третите лица, кои се предизвикани од последици и штети причинети токму од возилата во јавниот сообраќај на субјектите кои се обврзани да го сторат осигурувањето.
Законското регулирање на овие прашања со соодветен пристап според кој им се дава степен на особено значење и посебен задолжителен третман во сферата на осигурувањето е детерминирано од специфичната материја на безбедноста во јавниот сообраќај која создава посебни видови на социјални проблеми. Со оглед на тоа, а поаѓајќи од уставната определба во членот 35 став 1 од Уставот, според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, и согласно членот 34 од Уставот, дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, како и врз основа на членот 39 став 2 од Уставот, дека право и должност е на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, произлегува дека оспорените одредби од член 54 до 79-а од Законот за осигурување имаат уставен основ за уредување на правата и обврските од задолжителното осигурување.
Исто така, за оспорените одредби од овој дел од Законот, се однесуваат и казнените одредби пропишани во членот 122 став 1 точка 2 и став 2 и членот 123 од Законот, со кои е предвидено во кои случаи со парични казни ќе се казнат за прекршок субјектите на задолжителното осигурување, па поради тоа неосновани се наводите во иницијативата дека одредбите од Законот кои се однесуваат на задолжителното осигурување не биле уредени и со казнени одредби.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека во однос на оспорените членови од 54 до 79-а од Законот за осигурување, не може основано да се постави прашањето за согласноста со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на оспорените членови 80, 81, 82 и 83 од Законот за осигурување, Судот утврди дека тие престанале да важат согласно членот 250 од Законот за супервизија на осигурување, истите не се во правниот поредок и не можат да бидат предмет на уставно-судска оценка, па согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Нико ла Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.6/2003
19 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов