У.бр.153/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за промена на имињата на улиците (населбите), плоштадите и мостовите во Општина Дебар донесена од Советот на оваа општина под бр.07-247/4 од 17.07.2002 година, а објавена во “Службен гласник на Општината” бр.10 од 9.08.2002 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Горги Илиевски од Дебар, со Решение У.бр.153/2002 од 25 декември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се менуваат имињата на 50 улици во Дебар, на 6 населби и на 4 мостови и се именува еден плоштад (член 1 од Одлуката). Според член 2, составен дел на Одлуката се графичките прилози на инфраструктурните објекти од членот 1 и според член 3 од Одлуката, таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општината”.

5. При оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената одлука Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:

Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (Амандман XVI).

Согласно член 115 став 1 од Уставот, кој е заменет со точката 1 на Амандман XVII, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно уставното овластување за уредување на локалната самоуправа со закон, прво е донесен Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/95) кој што престана да важи со влегувањето во сила на Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), во чие што време на важење е донесена оспорената одлука.

И според стариот и според сега важечкиот Закон за локална самоуправа, единици на локалната самоуправа се општините и градот Скопје.

Во поглед на надлежностите на општините Законот за локалната самоуправа содржи неколку одредби, од кои позначајни, се следните:

Во членот 2 од овој закон, најпрво се утврдува значењето на изразот “надлежност на општината” употребен во смисла на овој закон, така што овој израз е дефиниран како збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината во согласност со закон има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување.

Вака дефинираната надлежност на општината, на општ и конкретен начин е утврдена во членовите 20, 21 и 22 од Законот. Така, според член 20 од Законот, општините во рамките на законот, во согласност на начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 21 став 1 од Законот е утврдено дека општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното извршување.

Работите утврдени со овој закон за чие вршење се надлежни општините, поконкретно се утврдени во членот 22 став (1) од Законот, со тоа што тие таксативно се наброени во вкупно 13 точки (листа на надлежности). Според точката 4 на став (1) на овој член од Законот, општините покрај другите работи во рамките на комуналните дејности се надлежни и за определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Според ставот (2) на член 22 од Законот, надлежностите од ставот (1) на овој член општините ги извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека не е спорна надлежноста на општините во поглед на определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, за кои прашања се однесува и оспорената одлука. Меѓутоа, од овие законски одредби произлегува и тоа дека сите работи што општините самостојно ги вршат од јавен интерес од локално значење утврдени со Законот за локалната самоуправа, ги вршат во рамките на законот, односно согласно стандардите и постапките утврдени со закон.

Тоа значи дека, иако општините, како единици на локалната самоуправа се надлежни за определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, одредбите на членовите 20 и 21 на општ начин, а ставот (2) на член 22 од Законот за локалната самоуправа сосема јасно и недвосмислено ги обврзува општините овие работи, како и сите други набројани во овој член од Законот, да ги вршат во согласност со стандардите и постапките утврдени со закон со кој се уредуваат прашањата од соодветната област.

Според тоа, а имајќи го предвид концептот на Уставот и на Закон за локалната самоуправа за извршување на надлежностите на општините, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби бидејќи оваа одлука Советот на општината Дебар ја донел во услови кога се уште не е донесен посебен закон со кој би се утврдиле стандардите и постапката за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и сл., согласно кои општините би можеле да одлучуваат за овие прашања.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.153/2002
12 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Издвоено  мислење по предметот У.бр.153/2002